Едно од ретките гитарски имиња кај нас, Александра Станкоска Димитровска, која со музика се занимава од мали нозе, а веќе неколку години гради имиџ на млада афирмирана музичарка.

За почеток, лесно ли е да се биде гитаристка кај нас? Како ве гледа околината?

-Гитара свирам скоро 15 години активно и досега најубавите години од животот ми биле со гитарата. Ми се отвори еден нов свет. Запознав многу музичари, луѓе што ја сакаат музиката, добри луѓе, бидејќи тој што ја сака музиката не може да е лош човек. За лесно не е, но не е ни тешко. Кога го правите тоа што ве исполнува и тешкото изгледа лесно, а да се биде музичар е една од потешките професии. Музиката бара многу посветеност, континуираност, присутност… Да ви кажам право, од кога почнав да свирам гитара луѓето како повеќе да сакаат да се дружат со мене. Не знам дали е до гитарата или до мене ха, ха.

Александра, она со што посебно оставате впечаток е вашата насмеаност при изведбите на песните. Тоа стана ваш знак на препознавање. Музиката е причина за насмевката, носи ли голема радост?

-Нема поголема радост од музиката. Кога не знаев да свирам гитара, пеев, си свирев по малку на усна хармоника, на мало синтисајзерче дома. Моите ми раскажуваат дека и како малечка сум ја сакала музиката. Има една анегдота. Кога сум била многу мала ни дошле гости дома и наеднаш слушнале како некој ја свири “Болен ми лежи Миле Поп Јорданов” на малото синтисајзерче и се зачудиле. Кога се наведнале под масата ме виделе мене со играчката, јас некаде сум ја чула таа песна и ете сум почнала да ја свирам од нигде никаде. Ја сакам позитивноста и настојувам да се дружам со позитивни луѓе, а музиката има најголема улога во тоа. Не за џабе рекле музиката е лек за душата. Ако не сте расположени пуштете си музика, ако сте расположени, уште повеќе музика. Музиката е лек за се’!

Вашиот сценски пат почна со концерти кај маестро Јанко Узунов, па потоа доста време со свои музички придружници, се калевте со свирки на улица, па во кафуле. Контактот со публиката е навистина драгоцен како искуство. 

-Прв настап ми беше на новогодишниот концерт “Узун” кога бев прв степен во школата за гитара. Обично децата почнуваат со настапи од вториот степен бидејќи тогаш се поопуштени и поспремни, но јас толку многу сакав да ја испеам “Ѕвона ѕвонат” што чичко Јанко и Жаки ми дозволија. Оттогаш никој не може да ме сопре! По некоја година се роди и првиот бенд, па почнавме со настапи насекаде. Сме свиреле и на улица и во кафулиња и на големи сцени, а најмногу во друштво.  Искуството нема цена, ме оформи како личност, ме направи комплетна, созреана индивидуа. Без публика ништо не правиме. Нема поубаво чувство од тоа сите заедно да пејат со вас и да се радуваат на вашата музика.

Кога сме кај изучувањето на гитарата, Ваш ментор рековме беше неповторливиот музички педагог Јанко Узунов. Оваа година, на пет годишнината од неговото заминување, вие станавте и дипломирана гитаристка во неговото училиште. Колку години траеше тоа изучување на романтичниот инструмент? 

-Баш е романтичен инструмент, особено за серенади под прозор хаха. Па доста години бев ученик кај чичко Јанко, мислам дека пола живот го поминав таму. Тоа беше цела животна школа. Јанко не не’ учеше само музика, туку и како да се носиме со новото време и предизвиците што тоа ги носи. Јанко и Жаки ни беа како втори родители, такви луѓе не се среќаваат втор пат. Толку внимателни, грижливи, полни со љубов кон музиката, а најмногу кон нас, децата. Оваа година ја завршив школата, но ништо не е завршено, ние ќе го продолжиме делото на маестро Јанко Узунов на каков било начин. Толку многу се зближивме ние учениците што се чувствуваме како една голема фамилија.

Откако Узунов го нема, концертите, под палка на неговата сопруга Жаклина Узуова, ги водите вие. Голема ли е одговорноста за еден таков настан, под лупа на музичката јавност? Особено што обучувате мали деца и тинејџери.

-Одговорноста е огромна. Да се организира еден таков концерт особено без маестрото е нешто навидум невозможно. Но желбата и упорноста беше толку голема што веќе неколку години, секоја година по ред го одржуваме тој концерт. Жаки неуморно работи секогаш се’ да е на место, на секој да му посвети внимание, да не фали ништо. Јас сум пресреќна што сум дел од целата таа приказна, што чичко Јанко ме одбра мене да го продолжам неговото дело. Нема поубаво чувство кога некое детенце ќе научи прв акорд, прва песна, ќе открие нови хоризонти во животот а вие придонесувате за тоа. Трудот е огромен од двете страни, има доста работа, пожртвуваност, тешки моменти, но на крајот кога ќе се види конечниот резултат заборавате на сите тие работи и пресреќни сте што сте дел од таа приказна.

Со вашата гитарска љубов и кариера запознаени се голем број слушатели но уште поголем со групата “Бона Деа”, име кое е веќе познато, популарно и препознатливо. Што работите со овој бенд? 

-Со “Бона Деа” моментално работиме на нашиот прв демо-албум, а се надевам понатаму и вистински албум, кога ќе имаме повеќе финансиски сретства. Марија ни е во странство, малку заглави со целата ситуација и не знае кога ќе се врати. Јас и Дарко свириме во Стара чаршија секоја среда и петок, па бујрум на свирка! Неколку месеци си седевме дома, нели како и сите нас, но од пред една недела почнавме да свириме, секако прописно со сите мерки за заштита. Така да, безбедно е, на отворено е, можете да дојдете да си попееме во Калдрма Ракија бар.

Во “Бона Деа” понекогаш има и персонални промени, а вашата прекрасна вокалистка Марија студира и работи во Унгарија. Како се снаоѓате? 

-За снаоѓање лесна работа, тешкото е тоа што толку многу сме навикнати еден на друг што кога еден не е присутен другите го слушаме во нашите глави. Во случајов со Марија е така, секогаш кога свириме некоја песна јас го слушам вокалот на Марија во мојата глава и страшно ми фали. Мислам дека Дарко е нејконстантниот член во бендот бидејќи јас и Марија неколку пати сме биле во странство. Јас 9 месеци живеев на Корзика, сега Марија во Унгарија… Но, бендот си постои и секогаш ќе си постои бидејќи толку многу се пронајдовме и се поврзавме што нема друга опција освен да свириме заедно цел живот!

Марија е љубителка на француски песни, впрочем и двете студиравте француски јазик. Ви значат ли француските шансони посебна љубов? 

-Француските шансони многу ни значат бидејќи кога се запознавме со Марија и ја прашав дали  сака да се приклучи во бендот, тоа ни дојде како првична идеја, да почнеме да свириме француска музика. Денес свириме секаква музика, од француски шансони, италијански  канцони, руска музика, влашка, англиска, шпанска и каква ли не.

Колку песни имате со “Бона Деа” и што планирате наскоро да снимите? 

-Имаме доволно песни за албум. Имаме и други песни што подоцна ќе се објавуваат. Дарко на пример има мал милион песни во компјутер и сега го тераме да ги објави бидејќи греота е така да седат, а толку се квалитетни. Не запираме, постојано компонираме, снимаме, твориме…

Минатата година стапивте со брак со љубовта на Вашиот живот. Му посветивте ли песна? Како тој ја прифаќа вашата пасија и музицирање?

-Нашата љубовна приказна е интересна бидејќи неколку пати бевме разделени, физички. Прво тој беше во странство на неколку месеци, потоа јас бев на подолг период и затоа сите се изненадија кога објавивме дека ќе се земеме. Никој не очекуваше такво нешто бидејќи никој не знаеше колку ние сме сериозни. Само ние си знаевме хахаха. Од тие моменти на разделба се роди и една песна што ќе ја чуете на албумот. Нели, во најтешките моменти се прават најемотивните и најубавите песни, па ќе си чуете. Мојот сопруг исто така свири гитара и порано имал бенд, така да многу добро се разбираме. Дури и си свириме заедно, имаме и видеа, а неколку пати досега и сме настапиле заедно. Двајцата ја делиме истата пасија и нема поубаво од такво нешто. Искрено, не би можела ни да замислам поинаку.

Валентина Ѓоргиевска Парго