Фото: EPA/EVERETT KENNEDY BROWN

Американскиот гигант за електронска трговија „Амазон“ оствари најголем квартален приход на сите времиња во четвртиот квартал од минатата година, што за прв пат ја надмина магичната граница од 100 милијарди долари.

Компанијата во деловниот извештај навела дека во кварталот октомври-декември 2020 година, забележала приходи од 125,56 милијарди долари, како резултат на бранот празничен шопинг и порастот на купувањето преку Интернет, поради пандемиските мерки што го ограничуваат движењето на луѓето, пренесува „Си-ен-би-си“.

Кварталната добивка е двојно поголема од предвидувањата на аналитичарите и изнесува 14,09 долари по акција. Компанијата „Рефинитив“, која собира и продава финансиски информации, предвиде дека профитот ќе изнесува 7,23 долари по акција.

„Амазон“ во деловниот извештај исто така објави дека Џеф Безос ќе поднесе оставка од функцијата генерален директор оваа година и ќе премине на позицијата извршен претседател на компанијата. На позицијата генерален директор во третиот квартал ќе го замени Енди Џеси, кој го води секторот на веб услуги на Амазон во „облак“ (cloud) од неговото основање.

„Кога ќе ги погледнете нашите финансиски резултати, она што всушност го гледате се долгорочни кумулативни резултати на инвентивност. Во моментов, јас го гледам Амазон како најинвентивен досега, што го прави овој момент оптимален за транзиција на врвот“, рече Безос во пораката испратена до вработените.

Цената на акциите на „Амазон“ се зголеми за 0,3 проценти во продолженото тргување на Вол Стрит по објавувањето на финансискиот извештај.

По неколкумесечните големи инвестиции, „Амазон“ соопшти дека очекува успорување на расходите поврзани со коронавирусот на околу 2 милијарди долари во првиот квартал на фискалната 2021 година во однос на околу 4 милијарди долари во третиот квартал од минатата година.

„Амазон“ предвидува оперативна добивка за првите три месеци од тековната фискална година што се движи од три до 6,5 милијарди долари и приближно 2 милијарди долари трошоци поврзани со ковид.

Компанијата проценува дека продажбата во првиот квартал ќе изнесува помеѓу 100 и 106 милијарди долари, што претставува забавување во споредба со последниот квартал од 2020 година, но исто така и зголемување од 33 до 40 проценти во споредба со првиот квартал на 2019 година. А.Н.