Валентина Ѓоргиевска Парго

Беше најмлада Тв ѕвезда во светот на шоубизнисот. И, со нејзината емисија и музичка селекција на „Скај нет“, пред повеќе од десеттина години, придонесе да се откријат, промовираат, создадат и израснат многу  музички таленти. Создаваше концепт, притоа, не се ставаше себе си во преден план.

Сите манири, потребни за привлечен и добредојден  тв лик и ден денес ги поседува во голема доза,  бучноста и експонирањето без основа не се нејзино својство, таа со свое “јас”  ја исполнува  Тв кутијата. Моментно на Тв „Алфа“.

*Во широката палета емисии што се нудат на македонските телевизии , една емисија привлекува внимание на љубителите на добро уредено семејно катче. Станува збор за  емисијата за уредување на просторот, “Квадрат”, Ваша авторска. Ана, што Ве поттикна, како млада личност, да почнете на јавноста да и презентирате содржини со ваква тема?

-Пред се благодарам за интересот за ова интервју, особена чест и задоволство е кога тој доаѓа од вака пријатна личност и дама која исклучително ја почитувам! Повеќе од една деценија во светот на медиумите ме научија да ги забележам потребите на публиката, па веројатно и токму ова ме поттикна да започнам да го разработувам концептот за „Квадрат“. Свесни или не, просторот во кој функционираме има огромно значење, незнависно дали станува збор за животен или работен простор, а овој проект е предвиден да помогне во креирање на едно топло и удобно катче за живеење и работење. Имам прекрасен тим зад себе кој несебично се вложува во секоја епизода од „Квадрат“ и се надевам успеваме во оваа цел.

*Емисијата уште по својот жанр е определена за оние на кои им значи како им е уреден домот, првенствено  најмногу семејните луѓе. Има ли повратни реакции од нив, во каква форма?

-На мое огромно задоволство има и тоа во голем број. Најважна е интеракцијата со публиката и секогаш се радувам кога ни пристигнуваат нивни пофалби, а особено критики и предлози затоа што токму тие ни помагаат да се усовршуваме и се повеќе да се доближуваме до оние за кого и постоиме. Ни пристигнуваат постојано пораки на социјалните мрежи, најчесто бараат совет или насока за нешто конкретно, бараат препораки за стручен совет од архитект, поставуваат прашања до нашите стручни соработници, но и ни пишуваат за она што би сакале да го гледаат како тема во некоја од емисиите. Настојуваме да бидеме во постојана комуникација со публиката и мислам дека успеваме во тоа.

*Откако навлеговте во оваа сфера, еден вид дизајнерство на просторот, обрнувате ли повеќе внимание на тоа како ви е уреден вашиот простор за живеење, работа?

-Апсолутно ДА! Се фаќам себеси постојано како применувам се што сум научила истражувајќи ги темите од емисијата во мојот личен животен и работен простор. Одеднаш станав свесна за тоа како боите можат да променат многу во расположението, како распоредот има моќ да го олесни секојдневното функционирање, почнав да обрнувам повеќе внимание на секој детал и забележувам  дека во убаво уреден простор, што впрочем не значи секогаш скапо уреден простор, многу нешта се менуваат на подобро.

* Има ли нашиот народ пари да си уредува како што сака? Како се снаоѓа меѓу овие свои желби и замисли?

-Ќе се надоврзам на она што пред малку го потенцирав, добро уреден простор не секогаш мора да чини богатство! Поголема улога игра она што не се купува со пари, а тоа е стилот. Секогаш постојат парчиња мебел за кои вреди да се инвестира повеќе, но и со скромен буџет може да се постигне совршен ентериер. Ако треба да генерализирам, би рекла дека луѓето кај нас сакаат да имаат убав дом и успеваат во тоа со помал или поголем буџет. Олеснителна околност е што минимализмот како стил е ненадминлива класика, а за да се постигне не бара многу вложување, по мој вкус и изгледа совршено. Јас лично секогаш се водам по она „помалку е секогаш повеќе“.

*Како доаѓате до соговорници и домаќини кои ќе ве нагостат како тим за снимање емисија?

-Голема чест е некој со нас и публиката да го сподели своето интимно катче, а досега повеќето позитивно одговорија и не примија во својот дом, иако морам да признаам дека не толку многу се насочивме кон оваа рубрика во претходните сезони. Публиката го бара тоа веќе некое време и во план сме да одговориме на нивните барања, па се надевам многу наскоро ќе почнеме да ве носиме низ убаво уредени домови. Што се однесува до стручните соговорници, тие се секогаш подготвени да го споделат своето знаење и искуство со нашите гледачи и секогаш со задоволство говореа пред нашата камера. Тие имаат огромна заслуга за тоа што „Квадрат“ се држи високо на листите на гледаност, јавно им заблагодарувам од срце!

*Вашето телевизиско искуство е богато, почнавте како многу млада со  “Урбан Блок”, како авторска и водител. Потоа бевте главен и одговорен уредник на  СкајНет ТВ, која некогаш постоеше  во Скопје. Што е тоа што ве влече во телевизијата, освен што секако вашето присуство е сосем пожелно како пријатен лик и убава девојка во секој поглед.

-Пофалните зборови кои доаѓаат од истакнати новинари како Вас се најдобар одговор на моите вложувања во светот на медиумите! Немав ни 18 години кога за прв пат се појавив во „СкајСелекшн“. Ми беше дадена шанса да бидам водител, но и многу повеќе од тоа – да се пронајдам себе! Неверојатно е колку таа ТВ магија знае да завладее со човек… Интересите од година во година се продлабочуваа, растев со телевизијата, или можеби е посоодветно да кажам дека телевизијата ме порасна мене. Она што ме задржа тука е веројатно природата на работата: креативно, динамично, возбудливо, тоа  целосно се вклопува во мојот карактер и мојата ненадминлива желба постојано да истражувам и да се надминувам себеси. И повторно да бирам професија без размислување би го повторила изборот!

*Фејсбук приврзаниците ве следат и поради преубавите фото едиторијали кои ги објавувате, со убавина, вкус и пристојност. За каква намена се фотографирани?

-Повеќето од хоби. Сакам убава фотографија, сакам да позирам, ме опушта, ми претставува задоволство. Не само крајниот резултат, јас уживам во целиот процес на создавање на една фотографија. Најчесто се тоа фотографии кои ги правам лично за себе, но има и такви кои се наменски, за портфолио на фотографи, соработки со бутици за гардероба и слично.

*Освен оваа емисија емисија работите во Кат продукција , комплетен маркетинг и емисиите, моментално ни се емитуваат на Алфа телевизија. Како се наоѓате во овие услови сега, бара ли таа работа многу умештност, напор, менаџирање?

-И повеќе од тоа што може да се замисли! Бара големи вложувања: време, трпение, труд, постојано усовршување. Но, тоа е работа која никогаш не е еднолична и монотона. Постојаниот  предизвик е она што јас секогаш го барам од животот и работата, па можам да кажам дека ова е работа како создадена за мене.

*Имате факултет по безбедност, но ве влечат и други сфери. Се надевам уште долго ќе го гледаме вашиот мил и прекрасен лик на телевизиските екрани, сепак, што вие си посакувате како професија во  иднина?

-Се надевам ќе дочекам пензија вака ха, ха. Студиите ги започнав истовремено со кариерата, па како што кажав тоа беше период кога се пронаоѓав себе. И изгледа навистина необично, едно со друго немаат допирна точка, но ете, веројано во две вака спротиставени сфери светот на медиумите ме пронајде пред тоа да го направи мојот друг избор во тој период. Уште за време на студиите немав дилема дека во медиумите ќе ја продолжам мојата кариера, но не сакам да ги оставам работите недовршени и затоа се вложував паралелно до дипломирањето. И тоа е убаво искуство, научив многу за време на студиите, информации кои ми помагаат во работата, но и генерално во животот. Сепак, се надевам дека кариерата ќе ја завршам во оваа сфера, ова е она што ме исполнува.

*Со пристоен и ненаметлив стил го градите својот пат, никогаш не се тркате со водителките кои провоцираат да се најдат постојано во центар на внимание и на  портали. Домашното воспитување тука игра улога, вашиот светоглед или тој е стилот што го градите и не отстапување од него?

-Таков тип на популарност никогаш и не ми беше предизвик, го доживеав мидиумот од еден малку поинаков агол и останав доследна на тоа што уште на почетокот го зацртав како цел. Едно вакво интервју за мене има многу поголема тежина од секојдневно појавување без поента. Веројатно се од она што набројавте игра улога, но драго ми е што оддавам таков впечаток затоа што тоа е и вистинската слика за мене. Низ мојата кариера постојано се обраќам на таргетирана публика и ме радува што допирам до неа, тоа ми е сосема доволен одговор на моите вложувања.

*Незаобиколно  е да дознаеме нешто повеќе и за Ана на приватен план, би уживала ако ми кажете дека сте сосема среќна и исполнета млада личност?

-Со постоењето на социјалните мрежи приватноста ни е секако „на тацна“, јас сум точно тоа што го покажувам – сакам да шетам, да се дружам, да патувам, да се забавувам дури и додека работам.  Среќата е нешто што самите го креираме независно од тоа низ колку трнлив пат не води животот, среќата е во начинот на доживување и гледање на нештата, во призмата низ која гледаме на животот…  Да, мислам дека покрај се успевам да бидам среќна или барем да бројам среќни моменти, еден од нив е овој, Ви благодарам што ми го овозможивте!