Валентина Ѓоргиевска Парго
Случајна и/ли намерна средба со талентираната Ана Јакимска, режисерка и урбана скопјанка, посветена на авторство и на уметноста на подвижните слики. 

*Неизбежно е да се потсетиме на вашиот филм “Ќе дојдат децата” , пред да го почнеме нашиот тематски разговор. Филм наградуван, прифатен, пофален и добредојден. Се зборуваше многу, пред две години, но има и доста луѓе кои се уште не го погледнале. Од оваа временска диатанца, Ана, какво е вашето задоволство од филмот, поголемо или се раѓа некој нов предизвик на таа тема?

-Драго ми е што се сретнавме додека чекавме во редот за изложбата на фотографии на Милчо Манчевски и го започнавме овој разговор кој, делумно поради ковид протоколите и делумно поради нетрпението да влеземе во галеријата, се договоривме да го продолжиме во ваква, пишана форма. Од премиерата на „Ќе дојдат децата“ поминаа скоро четири години и многу се смени во нашето општество оттогаш. Кога би се појавил денес, на едно ниво, филмот би имал поинакво значење. Филмот го правевме во период кога интерно агресивно се фабрикуваше некаква славна империјалистичка историја, додека денес ни се случува надворешно наметнување на неавтентични историски наративи. И тогаш и сега, филмот застанува наспроти ваквите наративи и го става во фокусот македонското село и оралната традиција како почеток на се.

*Овој пат сакам да ве поканам на една друга тема за муабетење, која го допира и филмот, но пред се реалноста. Велиме, светот припаѓа на жените, но се уште се како да е во рацете на мажите и од таа “стапица” не можеме да се ослободиме така лесно. Го делите ли начелно овој мој став, или предрасуда наречете ја, зошто и самата сте жена која избрала професија со која мора да се бори индивидуално, колку и да изгледа дека е, а и е, работата тимска, и да почувствува се на своја кожа.

-Светот е се уште во рацете на мажите и тоа нема наскоро да се смени. Нашите раце се се уште зафатени со чистење, готвење, одгледување деца, грижа за мажот. Пандемијата особено ја истакна оваа нееднаквост, кога се актуелизираше работата од дома. Кога зборуваме за филмот, оваа нееднаквост е присутна на повеќе нивоа, но мислам дека најопасно е нејзиното присуство во приказните и во начинот на којшто ги раскажуваме. Машкиот поглед на светот е толку присутен во целото наративно наследство, што тешко е да се размислува надвор од неговите рамки. Борбата е секојдневна и почесто е внатрешна отколку надворешна. 

* Ја одбрав оваа тема за разговор, зошто сега сме во екот на години на женски филмови. Зар може да да се направи таква квалификација женски и машки филмови? Што значи тоа?

-Постои замка филмовите направени од жени или филмовите со жени-протагонисти да се третираат како женски филмови. Мислам дека ова е практичен, но редуцирачки пристап и реперот не е секогаш точен. Еден филм може да биде направен од жена и да има жена како главен лик, а повторно да биде мизогин, токму поради доминантноста на машкиот поглед во историјата на западно-центричната наративната уметност. Најшироко би го дефинирала поимот „женски филм“ како филм кој не користи стереотипи за да претпостави нешто за ликовите и, во оваа насока, родовиот идентитет не е релевантен. Но, од друга страна, секако дека е важно ова да не ја релативизира потребата од повеќе филмови направени од жени и третирањето на женски приказни, кои се апсолутно потребни и веќе се доцни со децении со нивното култивирање. За мене како жена, секогаш постојат две борби. Првата е да се изборам за глас, а втората е тоа што ќе го кажам да не биде ехо на машкиот глас. Понекогаш не успевам во второво, но сакам да верувам дека се поретко се разочарувам себеси. 

* Пред неколку години кога се правеше кастинг на филмот на Теона за “Петрунија” , со гордост објавија дека екипата е претежно составена од жени, но кога тоа филмско ремекдело (од социјален аспект), доби куп награди по Европа и пошироко, мажите искоментираа филмот добива дека женското лоби. Таква дискриминација се провлекува и во светот на филмаџиите, толку е доминантна?

-Во филмската индустрија, како и во секоја друга, постојат лобирања и фаворизирање на одредени дела само поради некои надворешни фактори кои немаат врска со самото дело. Но, кое е значењето на наградата ако филмот нема вредност и биде заборавен. Верувам дека филмот на Теона Митевска има квалитети кои го издигнуваат над потребата од вакви влијанија. 

*Агенцијата за филм на РСМ доделуваше дури и пари исклучиво за филмови направена од жени. Ви се допаѓа таквиот концепт? Таквата поделба или за некои и предност? 

-Агенцијата со последното раководство декларативно излезе со стратегија за поддршка на авторките и поттикнување на нашето творештво, но никогаш немаше посебен фонд наменет исклучиво за нас. Би било речиси невозможно да постои ваков специјален фонд, зашто процесот на одлучување за тоа кои проекти добиваат финансиска поддршка, во клучната фаза – оценувањето на сценаријата, подразбира анонимност. Но, би било добро кога би имало формално правило дел од читачите да бидат жени.

*Интересен е заклучокот дека филм без жена во главна улога речиси и нема. Таа е хероина. Ништо без жена. Се се врти околу неа. Но од друга страна толку многу (по)малку сценаристки и режисерки. Во светски рамки јас и не знам некоја славна жена режисерка. Каде запнува работата?

-Постојат режисерки и сценаристки, но прашање е колку нивните филмови стигнуваат до пошироката публика. Се додека селекторите на фестивалите, критичарите и сите други тела што имаат некаква форма на влијание се доминантно машки, женските гласови ќе добиваат помало внимание. Тоа е природно. Затоа промената не може да се случи преку ноќ. Инаку, кога зборуваме за жената како лик во филмската приказна, таа е традиционално објект на интерес, многу ретко херој со сопствена цел. За среќа, има основа да веруваме дека дојдовме до залезот на овој феномен.

*Без да се лажеме, да признаеме дека на мажите и на жените не им е дозволено се исто. Маж, доколку се осмели да направи филм, или било какво дело, со посмела или потранспарентна содржина, ќе го наречат храбар, авангарден, кул, а жена доколку се осуди да се ослободи, таа е контроверзна или можеби дури и со прст покажана. Затоа жените се и порезервирани во своите уметнички изблици. Вие, на која сорта авторки припаѓате?

-Не сум почувствувала ограничувања во оваа смисла поради мојот родов идентитет, или барем не сум свесна за нив. Ако ја погледнеме македонската кинематографија, мислам дека има доста примери што го докажуваат истото: филмот „Петрунија“ на Теона С. Митевска, краткиот филм „Награда“ на Лидија Мојсовска, документарецот „Шивачките“ на Билјана Гарванлиева – сите овие филмови обработуваат теми што на некој начин се сметаат за контроверзни. 

*Секоја генерација носи свои белези. Но кога генерализирам, во што е главната разлика на жените во филмот некогаш и денес?

-Разликата е во тоа што сега нѐ има, а порано воопшто нѐ немало зад камерата. Првиот долгометражен филм направен од жена во историјата на нашата кинематографија се појавува дури во 2004 година, тоа е филмот „Како убив светец“ на Теона С. Митевска. Малку пред тоа, во 2000, се појавува омнибус во којшто свои кратки филмови имаат уште две авторки, Марија Џиџева и Маја Младеновска. Никогаш пред тоа во македонскиот филм жената не била во улога на раскажувачка.

*Во Македонија, но и на Балканот, зошто тука некаде е се, каква е ситуацијата, улогата и местото на жената во филмскиот свет? 

-Се случуваат големи промени. Филмските академии запишуваат сѐ повеќе студентки на катедрите за режија и сценарио, а со тоа се јавуваат сѐ повеќе авторки кои добро го знаат филмскиот занает. Се создава добра основа за нови и поинакви гласови во филмот.
*Сте дошле на идеја еден заеднички филм на жени авторки/режисерки од цел Балкан?

-Постои ваков омнибус, тоа е филмот „Некои поинакви приказни“ од 2010. Македонскиот филм е во режија на Марија Џиџева, а филмот содржи уште четири други кратки филмови на истата тема од режисерки од бившите ЈУ-простори. Структурата на омнибусот отсекогаш ми била привлечна зашто нуди можност за еднакво развивање на различни перспективи и гласови, така што не би имала ништо против да учествувам во ваков проект.  

*Кога би имале шанса и целосно одврзани раце, за каков тип на жена би направиле филм? Од кој аспект би ја обработиле нејзината суштина, нејзината ранливост, емоции, сентимент, осетливост, борба?

-Во поглед на создавањето ликови и приказни, немам чувство дека рацете ми се врзани од било кој друг освен од самата себе. Така што, предизвикот повторно е во личната борба да се дојде до својот автентичен глас и да не се злоупотребува филмскиот занает за да се рефлектираат туѓи приказни кои тој другиот секако подобро би ги раскажал. 

*Освен онаа биолошка најзначаност, и за самата неа и за Планетата, која е главната порака во сенка што жената ја испраќа низ вековите? 

-Не мислам дека постои една единствена порака што толку многу жени би ја испратиле едногласно низ вековите. Секоја од нас има(ла) различно искуство и различно го доживува(ла) светот. Би била среќна ако тоа што го правам јас мотивира некого да биде посочувствителен и љубопитен за искуството на другите.

*Без нималку двоумење намерно го оставив на крај прашањето за филмот кој во мои очи е најженскиот филм снимен некогаш. Врба на Манчевски. Мајката, таа вечна страдалница. Ве ежи ли и самата помисла на филмот, како мене, ве гребна ли длабоко под гради како жена и како режисерка. Трогателен е колку што мене ми се чини? Постигнат ли е ефектот кој режисерот и сценарист сакал да го постигне? А може и повеќе од тоа. 

-Лично, темата на мајчинството ми е далечна и емотивниот одговор што кај мене го предизвика филмот не прозилезе од таму. Мислам дека би било редуцирачки „Врба“ да се нарече „најженски“ филм поради темата, бидејќи жената не е само мајка, иако со векови се ставало знак еднакво меѓу двете. Иако, мислам дека градацијата „поженски“, „најженски“, не функционира кога зборуваме за женскиот филм. За мене, и лично и како авторка, впечатливи беа две други карактеристики на филмот: првенствено, структурата, т.е. полифоничноста на филмот, што се провлекува како специфика речиси во целото творештво на Милчо Манчевски. Потоа, користењето на македонското усно творештво на филм – првата приказна, сместена во 17. век, за мене беше фасцинантен пример како усното творештво што го имаме во изобилство може да се „преведе“ во филмска приказна. 

*Имате снимено филм имате снимено спот за група (Пи Ем Џи), а овој период подготвувате нов филм, чие снимање почнува во март 2021 година. Малку ќе ни најавите што да очекуваме како тема и жанр?

-„Синиот час“ ќе биде краток игран филм во продукција на Кавал Филм, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм. Снимањето го предвидовме за почетокот на 2021, но сѐ зависи од ситуацијата со пандемијата. За разлика од „Ќе дојдат децата“, кој беше фолклорна бајка, овој филм ќе биде современ и ќе третира еден аспект на македонската културна транзиција. 
Фотографии: Бранко Костески, Горјан Атанасов, Самир Љума, Бојан Спасовски