Двете женски книги „Сите авиони летаат над моето село”  и „Умри женски“ се дело на авторката Анета Василева Тасова, родена во Кочани. Членувала во поетските клубови „Копнеж”-Кочани и „Мугри”-Скопје и во драмскиот аматерски театар „Чекори”. Објавувала во „Лоза” и „Маргина”; дневните весници „Вечер”, „Дневник”, „Време“ и „Шпиц“ и во електронското издание на конкурсот на Електролит. Дипломирала на Филолошкиот факултет (Македонска книжевност и јужнословенски книжевности). Добитник е на наградите: „Студентски збор”, за најдобар краток расказ на конкурсот објавен во 2003 година; „Караманов” во 2004 година за најдобра необјавена поетска збирка и наградата „Живко Чинго“ 2007 година за најдобра необјавена збирка раскази.

„Сите авиони летаат над моето село” е нејзино прво објавено дело, со раскази, во склоп на наградата доделена од фондацијата „Рамковски“, за која рецензентот ќе ја нарече „македонскиот Маркес“, а втората книга е поезија „Умри женски“. За нејзината втора книга, познатиот македонски новинар, поет и колумнист Георги Барбаровски, ќе напише: „Умри женски“ е побуна против пристојноста, лажниот морал, дволичноста. Оригинална, до грубост отворена, лишена од поетска драперија. Поезија која треска на вратите и влетува без да чека да и отворат“.

Сите авиони летаат над моето село“ е книга со раскази, објавена и наградена во 2007 година, во која раскажува еден женски писател. Како дојдовте до идеите, во што лежат подлогите за тие кратки симпатични раскази? 

??????????????????????????????????????????????????????????

-„Сите авиони летаат над моето село“ е доказ за мојата лична верба и упорност покрај сите пречки што ги имав во тоа време да успеам да се докажам како писател. Конкурирав постојано на конкурси, на сите што постоеја, без разлика на наградите, сакав и некој друг, релевантен фактор, да посведочи дека тоа што го пишувам заслужува да биде пред очите на читателот. Така и беше. Бев студент на Филолошки факултет и она што го живеев, она што го сонував, се надевав, копнеев и она против кое се борев го преточував во редови. Моите раскази понекогаш имаа несреќен крај, и не секогаш победуваше подобриот, но поентите или идеите беа да се види  борбата, бесмисленоста, агонијата и чесноста и вредноста на обичниот човек. Тие се едноставно едно огледало на времето во кое живеев.

Во книгата, копнежот на жената од мало село, која сонува да успее е посебно привлечен за читателот. Таквиот копнеж би требало да сфатиме дека подразбира повеќе движечки мотив, за хероината да успее, и, колку всушност е остварлив кај нас?

-Се разбира дека е остварлив, можеби не колку што сакаме да биде, но тоа зависи од нас, не од другите. Си зависи од изборот што ќе го направиме и од одлуките што ќе ги донесеме. Главниот лик во расказот „Сите авиони летаат над моето село“, по кој всушност и ја именував книгата е Хелен. Можеби звучам нескромно, но мојата Хелен е мојот омилен лик од сите книги што сум ги прочитала. Таа е еден вид антипод на ликот на Ана Каренина од Толстој. Постојано на часовите по литература правевме анализи на ликовите и таа важеше за „фатална жена“. Ми пречеше овој термин. Ми пречеше тоа што една жена, прекрасна жена, мораше да биде „фатална“ за доживее неколку моменти на среќа. Сакав да создадам спротивен лик. Сакав да создадам спротивна жена која ќе може да го направи дури и невозможното за да го добие тоа што го сака. Хелен успеа да излезе од својот расказ и да му каже на писателот, нејзиниот творец дека бара поинаков крај на расказот со неа. Не ја интересираат другите, не ја интересира ништо, макар и прескапо да ја чини нејзината одлука таа сакаше да има среќен крај. И го доби тоа што го посакуваше. Писателот попушти, а и немаше друг избор, бидејќи Хелен го имаше најсилното оружје што постои во светот, а тоа е љубовта, бидејќи без љубов ништо.

Еден од најпровокативните раскази, „Сонот на едно девојче“ (во продолжение на интервјуто н.з.), кој воедно трогнува со своите неколку редови е девојката која се откажува од обидот да стане мајка, свесно и доброволно.. Да позборуваме малку, што ве наведе на идеја да го напишете? 

-„Сонот на едно девојче“ е навистина провокативен расказ, но не да провоцира со она што е напишано, тоа се само мисли на мало девојче кое се наоѓа на крстопат и е загрижено за својата иднина гледајќи го примерот со мајка си. Не мора да значи и дека тоа тоа и ќе го направи. Тоа само има лоша визија за себе во момент на немоќ и свесно се откажува од својот живот ако биде таков. Поентата е што прават останататите додека ги гледаат таквите девојчиња оставени на работ. Ниту еден ветер не му одговара на бродот без цел. Дали ќе им помогнеме или ќе ги искористиме зависи од нас. Тоа одлучува да ја прекине агонијата на жена воспитана по правилата на општеството и да оди контра… Светот се менува и дава шанса секому. Каде ќе одиме со нашиот брод зависи од нас, не од тоа каков ветер дува. Можеме да го жалиме девојчето, но тоа не се жали себе си, се жртвува, бидејќи знае дека само така може да се спаси себе си и својата неродена ќерка. Доволно е само да се запраша „А, што ако биде син“.

Дали според ваши видувања, во нашето општество на машки свет, за жал, се уште жената е доведена во уценета ситуација?

-Жената не само во нашето општество, туку во поголемиот дел од светот е во подредена ситуација. Во многу земји жените се уште немаат право на глас, немаат право да работат на одговорни позиции… Единствено нешто што не разликува од „машкиот свет“, во повеќето случаи е физичката сила, не психичката, не интелктуалната и затоа можеби повеќе „попуштаме“ отколку што треба. Но, да бидеме искрени, правата на жените се актуелни во последните години, тоа е релативно млада борба, а веќе погрешно ги разбравме. Како што сите сме сведоци повеќето жени под свои права подразбираат право да пијат пиво, или да одат по кафани, да носат широко деколте, мини здолништа и да се „дискаат“ со другарките. Не велам „не“, но правата на жените не подразбираат да бидеме мажи, туку тоа е еден широк спектар на можности што можеме да ги правиме исто како и мажите. Погледнете само што се случува на 8.Март во нашата држава, на единствениот ден во годината посветен на борбата за женските права. Сите ресторани зафатени, сите жени демек сами слават нешто што го немаат. Не видов ниту една жена за овој празник да донира нешто, да помогне некому. Доволно и е што мажот и тој ден седи дома. Не видов докторка што можеби на тој ден бесплатно прегледува луѓе што можеби тоа не можат да си го дозволат, не видов фризерка што прави бесплатни фризури на самохрани мајки, не видов ресторан што бесплатно ќе услужи ранливи категории, не видов синдикат на жени кој ќе бара двојни дневници за жените, тројни за ноќни смени. Имаме илјадници возрасни жени кои работат до 1 час по полноќ за го исполнат правото на минимална пензија, па потоа се онесвестуваат во ноќните автобуси…. Мислам борбата за женските права не е завршена, допрва почнува, а ние веќе како да одлучивме повеќе да ги славиме отколку да ги имаме. Верувам дека секоја жена која си ја знае својата вредност нема да дозволи да биде уценета.

Мора ли жената да биде нечија љубовница за да успее? Како гледате на оваа многу честа појава?

-Ова можеби повеќе е прашање за психолог отколку за писател. Можеби неморалноста е во тренд, но не верувам дека тука треба да покажеме со прст само кон жените. Дали мажите не го прават тоа?! Темата е многу дискутабилна, постојат и многу други нечесни начини да се успее, постои корупција на пример, непотизам… Јас повеќе сакам да зборуваме за жените кои жртвувале многу за да успеат. Верувам дека има на пример жени – научници, кои го заслужиле местото што го имаат, иако во меѓувреме изградиле и семејство и сигурно не им било лесно. Постојат и правнички, бизнисменки, професорки, докторки, уметници, политичарки ако сакате. Тие го заслужуваат моето воодушевување и тие треба да бидат пример. Успехот си има цена, а која и да е, секој треба сам да си ја плати.

Што е со „Умри женски“?

-Тоа е мојата втора книга, поезија, ја обавив пред три години, насловот на книгата е по песната „Умри женски“. Светот знае за „умирањето машки“ тоа е херојството на Брус Вилис (во филмот), но не сите ја имаат таа среќа. Постојат и оние кои не ги гледаме или се правиме дека не ги гледаме. Кога некому му треба помош доаѓа херојот и го спасува, така е во филмот, но најчесто во праксата сите гледаат да избегаат. Тоа е моето „умри женски“, односно фактот дека најчесто во животот кога „паѓаш“ можеш да се потпреш само на сопствените раце.

Со вашите книги бевте одбрана и поканета да ја поддржите акцијата за борба против насилство врз жени, на седми декември минатата година, во организација на „Новинари за човекови права“. Вие прифативте и бевте дел од кампањата. Како жена, колку се пронаоѓате во таква кампања?

-Секој треба да биде дел од таа кампања, без разлика дали е жена или не, дали е позната или не. Тоа за мене е глас со кој можам да викнам за сите други кои можеби не можат, или мислат дека не можат, не смеат, не требаат. Треба да знаат дека не се сами, дека некој некаде прави нешто за да им помогне. Јавното мислење или јавната свест за сите немоќни суштества игра голема улога сето тоа да подобри или да се влоши. Во светот има многу неправди, а рамнодушноста или молкот е ист како и да го браниш насилството. Ако некој, или некоја, малтретира само затоа што може, тоа не е фер. Како жена секогаш сум на страната на слабите, бидејќи сакам подобар свет за сите.

А, како авторка, имате ли во план да напишете повторно дело кое ја соголува женската душа, нејзините доживувања, чувства, размисли, Но бидејќи насилството врз жената, иако е се уште прикриено, е се поприсутно, можеби и некоја поексплицитна книга, доколку имате инспирација или некои одредени сознанија и нечии случки.

-Жената е неисцрпна тема, предизвик е за секој писател, па и за мене. Несомнено дека голем процент од она што го читаме во литературата е вистина,  некому му се случило. Литературата бара креативност, но и „храна“, а сите се „храниме“ од секојдневието. Погледнете само колку филмови се направени токму за жените од минатото кои на свој начин издвојувале победа за себе, во светот на мажите. Тие се голема инспирација за останатите, но и патокоз по кој пат треба да одиме. Сакам да пишувам за жените кои се ослободиле од канџите на сопствената немоќ, само така можам да им помогнам на останатите да сфатат дека насилството може да им биде изговор, или причина за слобода.

СОНОТ НА ЕДНО ДЕВОЈЧЕ

Мама вели дека нема излез, нема правда, нема пари, нема крај. Вели дека нејзиното богатство сум јас и нејзиниот златен заб, последното што и остана од татко ми. Затоа јас кога ќе пораснам не сакам да бидам како мајка ми. ќе станам курва, а не како мајка ми.

И во мене некој забар ќе пронајде расипан заб, можеби ќе се сожали и ќе ми го поправи за малку пари. Потоа тој ќе се вљуби во мене, но нема да ме земе за жена бидејќи не сум чесна и си го продавам телото за пари. Тој нема да сака да ми даде пари. А имам ли избор? И ќе се изнервирам што така ќе се слуќи, ќе добијам срцев удар и ќе ме однесат во болница. Таму ќе речат да внимавам при исхраната, да пијам течности, да одам на планина, да не се нервирам толку, ќе ми дадат упат за на психијатар, а јас ќе немам со што да платам, бидејќи сум мала и сиромашна и толку со мојот живот. Некоја сестра, чиј сопруг ќе ми е муштерија, ќе се сожали на мене и ќе ми даде телефонски број од некоја верска заедница, за да се спасам, но и тоа нема да биде доволно. Некој поп ќе се соблазни на мене и ќе ме испрати во пеколот. Крај на маките. Тоа е најлесниот пат.

Значи така. Иста како и другите. Тоа е мојот сон. Тоа е сонот на секое девојче. Само мама многу ќе страда, но подобро така отколку да се мажам и мојата ќерка да го сонува истото.

Нели?!

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDPТекстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP