На почеток, да ве опишеме во една реченица – вие сте млада актерка која своето образование по актерство го има оформено во Скопје, Факултет за аудиовизуелни уметности Париз-Скопје-Њујорк. Во кој момент актерството ве привлече, како магнет? Како знаевте дека ова е професијата што ја посакувате за иднина?

-Паметам ја гледав „Мачорот во чизми“, во Прилеп, и  толку ми беше интересна  што сакав и јас да појдам на сцената и да глумам со нив. Иако малечка мајка ми имаше објаснето за театарскиот бонтон па морав да си останам каде  што сум и мирно да ја догледам претставата. Потоа со тоа си дојдоа и преоблекување на алишта од возрасните и имитирање на нив, фантазирање на ликови од драмите, филмовите и сериите како  би било кога би ги глумел ти. Првичен факултет не ми е за актер што дополнително ме мотивираше да се насочам и да бидам храбра кон тоа што навистина сакам да бидам во иднина.

„Клетници“, „Преформанс за правилни и фер избори“ – МОФ, „Женски оркестар“, „Вечната куќа“, „Прометеј“, „Мајсторот и Маргарита“ се запишани во вашето СВ, како драмски дела, но и рекламата „Скопско-дружба“ на Милчо Манчевски. Какви улоги сте оствариле во овие претстави?

– Во сите овие имам мали но за мене значајни улоги. Со секоја од нив научив многу битно за еден актер според мене е таа задача што ти ја дава режисерот ти професионално да си ја исполниш. Понатаму се ќе си дојде во свое време.

Со кои режисери досега имате соработувано? Дали тие ги исполнителе вашите очекувања? И секако, неизбежно прашање за актерка е најпосакувана улога и зошто токму таа?

-Дејан Пројковски, Иван Поповски, Мартин Кочовски ,Драгана Таневска, Ѓорги Ризески и други. За очекувања повеќе се надевам дека јас сум му ги исполнила на нив, за нив се разбира дека да. За улоги ги има многу, но нешто што сега прво ми паѓа на памет е Нора од Хенрик Ибзен затоа што сакам да го доловам тоа душевено прекршување што го има таа. И ЛаВона  од „Јас Тоња“ главно поради инспирација на Алисон Џени каде што е типичен пример и ако имаш споредна улога, ако сериозно си ја сфатиш задачата и тоа како може да ти донесе Оскар.

-Капошвар, Унгарија и Барселона, Шпанија се местата каде сте посетувале курсеви и тренинзи по глума. Какво искуство тие ви донесоа?

-Огромно. Сите овие работилници ме надградија пред се како човек и како актер.

Освен како актерка, својата креативност ја искажувате и преку израбтка на уметнички накит. За какви изработки станува збор, што ве испирира и за кој „профил на дама“ се наменети тие?

-Да. Кога има период каде што на ја работам професијава пробувам на било кој можен начин уметнички да се изразам. Било тоа да е со пишување на проза, поезија, цртање. Лани шиев папети, годинава заедно со мајка ми правиме плетени обетки и ланчиња. Станува збор за рачно плетени обетки каде што секој пар од нив си има своја приказна. Различни се по големина и боја, така да секоја жена би си пронашла по свој вкус што и одговара неа и на нејзинот карактер.

Магична ли е сцената како што се вели, и дали навистина тие „штици живот значат“?

-Волшебна е сцената. Стапнуваш и се создава свет. Штиците и тоа како живот значат. Не можам да ви доловам колку го сакам тој свет. Тоа е како да дефинираш што е љубов, не можеш треба да ја почуствуваш.

Какви се вашите планови за догледно време?

-Мои планови за во иднина е да одам на секој можен отворен кастинг, да продолжам да гледам претстави, филмови, серии, да читам и на секој можен начин да се надградувам себеси.