Канцеларијата на германскиот обвинител објави дека полицијата спровела наредба за апсење на шестмина осомничени за формирање екстремно десничарска терористичка организација во градот Кемниц, каде што летово се одржаа бројни насилни антимигрантски протести.

Во соопштението на Државното обвинителство се наведува дека се работи за германски државјани на возраст меѓу 20 и 30 години кои ја формирале групата „Револуција Кемниц“, пренесе АП.

Седмиот осомничен за истото дело беше уапсен во септември, во посебен случај. Терористичката група е формирана со намера да организира и спроведува напади врз странци и политички противници.

Повеќе од 100 полицајци учествуваа во апсењето и претресот на неколку станови и куќи во Саксонија и Баварија.