Дваесет и шестото издание на Сараевскиот филмски фестивал покажува дека може и поинаку. Иако програмата на фестивалот речиси целосно се одржува онлајн, сепак, интересот е огромен, па дури се уриваат и рекорди, што само ја потврдува изјавата на директорот на фестивалот, Мирсад Пуриватра, дека културата во време на криза е најранлива, но и најзначајна во поглед на одржувањето на темелните општествени вредности.

„Пред нас е едно необично издание на Сараевскиот филмски фестивал поради пандемијата на Ковид-19 и нејзините ефекти, кои ги протресоа нашите животи на незамислив начин уште на почетокот на оваа година. Уште еднаш се покажа дека културата, особено во време на криза, е најранлива кога се работи за нејзиното производство, но и најзначајна за одржување на темелните општествени вредности. И повторно, тоа не важи само локално, напротив. Токму во моментите кога се прекинуваат сите врски и се подигнуваат бариери меѓу луѓето и земјите, културата мора да остане една од клучните нишки на поврзување во глобални рамки“, изјави Мирсад Пуриватра, најавувајќи ги новините на фестивалот со кои и тие самите се обидуваат да се прилагодат и да го направат максималниот напор за програмата и содржините на фестивалот да стигнат до публиката.

Имено, тие понудија платформа ondemand.sff.ba на која можат да се проследат годинешните внимателно бирани филмови, а станува збор за ни повеќе ни помалку, туку селекција од 187 филмови распоредени во 14 програми, што доаѓаат од вкупно 56 земји. И во овие услови Сараевскиот фестивал нуди 64 светски премиери, но и придружни содржини, мастеркласи, разговори со авторите и други средби, за што организаторите на фестивалот секојдневно испраќаат линкови, но и дневни фестивалски билтени.

Интересно е дека на денот на отворањето на фестивалот, веќе во првите два часа, босанскиот филм „Концентрирај се, бабо“ на Пјер Жалица го видоа 14.000 луѓе од 42 земји. Така што, фестивалот уште на самиот почеток почна да поставува нови рекорди, а како ќе биде до крајот, 21 август ќе видиме, особено што програмата на фестивалот може да се гледа насекаде, и во регионот и во светот, за што беа изготвени специјални пакети. Инаку, на отворањето екипата на филмот на Жалица симболично се фотографираше на црвениот килим пред Народно позориште, носејќи го она возбудливо чувство на одржување на фестивалот. Мора да се каже дека организаторите се навистина неуморни и целата програма, како фестивалска, така и индустриска, се одвива беспрекорно и со голема соработка и излегување во пресрет на сите барања на заинтересираните филмаџии и медиуми.

Море Раца вели дека и покрај војните и жртвите, на Балканот нема трагичен крај

Секојдневно во билтените и на линковите можат да се проследат многу интересни разговори со авторите, но и претставување на многу млади автори и нивните дебитантски дела, што е навистина одлично. Така, го видовме албанскиот филм „Галаксија Андромеда“, деби на младата Море Раца од Приштина, во кој и Македонија е копродуцент преку „Минд продукција“ на Дејан Илиев и Илија Циривири. „Галаксија Андромеда“ е вклучен во главната програма и се бори за „Срцето на Сараево“. Мора да кажеме дека Море Раца изненадува со својата зрелост како автор и со многу сугестивниот начин на кој успева да ја донесе оваа топла, но многу болна приказна за таткото што се обидува на секаков можен начин да и обезбеди услови за живеење и учење на неговата 16-годишна ќерка.

Но, Шпетим (Сунај Раца) во услови на ужасна корупција, сиромаштија и невработеност, во услови на таква состојба во земјата која на секаков начин го деградира човекот, не може да најде никаква работа, бидејќи со неговите 52 години секаде го сметаат за стар. Шпетим е извонреден лик, толку посветен, пожртвуван, толку позитивен, упорен и прекрасен во односот кон неговата ќерка, за која секогаш е тука да и понуди надеж,

Легенда: Сунај Раца е одличен во улогата на вечно позитивниот Шпетим

топлина, поддршка и љубов, и покрај сите перипетии низ кои поминува. Не можејќи да најде работа Шпетим се соочува со најужасните нешта, насилство, продавање на органи, проституција и што уште не, но секогаш се труди времето да го помине со ќерка му и да и зборува за своите планови и за тоа колку е добро што сега ќе живеат во приколка, бидејќи можат да шетаат каде што сакаат.

Како што ќе каже Море Раца, колку што повеќе врати се затвораат за Шпетим, толку тој сè поупорно бара нови опции за да го оствари својот сон за подобар живот. „Корупцијата, вели Раца, може да го деградира човекот, но не може да му ги одземе соништата.“ За тој неумолив позитивен став кон иднината, режисерката вели дека и влијаел т.н. балкански позитивизам. „Позитивната енергија е она што го одржува во живот ова подрачје. Ние сме таков народ, гостољубив, весел, позитивен. Ако слушате на вести што се случува во нашата земја, нема да верувате како ние всушност живееме“, го објаснува Раца тој вечен позитивизам што зрачи од Шпетим. Зрачи и боли, како своевиден контрапункт, така добро доловен во атмосферата и во неговите очајни постапки, низ тишината и немоќта, низ оној чуден поглед и безизлез, терајќи ве неумоливо да се соживеете со целата тага и болка…

На прашањето зошто во филмот нема трагичен крај иако има навистина многу ризични ситуации, Раца вели дека иако во оваа земја имаше војни и жртви, сепак, трагичен крај нема. „Трагичен ќе биде крајот само ако ја изгубиме желбата да го продолжиме животот“, додава таа. Главната улога во филмот ја игра нејзиниот татко, Сунај Раца, кој е навистина одличен, а за кого Раца вели дека е нејзината животна инспирација.

Во „Егзил“ Висар Морина зборува за прикриениот расизам во германското општество

Како што веќе пишувавме, во главната програма има двајца албански автори и двата филма се одлични. А за вториот филм поточно за „Егзил“ на режисерот Висар Морина од Косово, кој живее во Келн, исто така, веќе пишувавме само од Берлин. Овој втор игран филм на Морина, по извонредниот „Татко“, беше прикажан во програмата „Панорама“ на годинешниот Берлински фестивал и предизвика големо внимание и бројни прашања во разговорот по проекцијата. „Егзил“ е приказна за паранојата и за расизмот, тоа е приказна за странците, за мигрантите, на која Морина и дава толку универзален призвук.

Бидејќи, сите ние имаме недоверба и страв, особено кога ќе се најдеме во друга средина. Но, она што е интересно и со што си поигрува Морина, е другата страна. Бидејќи, и кај неа има исто недоверба, страв и несигурност во односот кон другиот. „Егзил“ е всушност, филм кој навистина нè исправа пред бројни прашања и нè тера да погледнеме во себе. Особено што Висар Морина толку добро го води филмот, онаа напнатост која штом еднаш ќе се појави постојано расте, а која толку силно се чувствува во воздухот, односно во атмосферата во филмот. Со тишината и звукот, со инсинуациите и внатрешната состојба на главниот лик, но и на неговата сопруга Германка, која работите ги гледа од сосем друг агол, тој постигнува извонреден ефект.

На прашањето колку тој на сопствената кожа го почувствувал прикриениот расизам во германското општество, Морина вели: „Јас сум во привилегирана ситуација, и поради професијата, и поради фактот дека сум белец. Да изгледам поинаку и да имам препознатливо муслиманско име, моето животно искуство би било поинакво. Но, и покрај тоа, мојот живот не беше поштеден од расизам. Откако сум во Германија, морав да работам ситни работи, сите видови на работи. Брзо сфатив дека нема смисла да се испраќаат пријави за работа по пошта. Немаше реакција. Треба лично да се отиде, да им погледнеш на луѓето во очи и да зборуваш како Гете. Да докажеш дека не си мајмун. Па сепак, Германија е голема земја, има делови во кој расизмот е многу распостранет, но има и друга Германија која е отворена и толерантна.“

Што се однесува до нашето учество на фестивалот, покрај „Галаксија Андромеда“ и краткиот филм „Ќе му се јавам на татко ти“ на Леон Ристов, во програмата „Во фокусот“ ќе може да се види и филмот на Милчо Манчевски „Врба“, како и хрватскиот филм „Глас“ на Огњен Свиличиќ, во кој Македонија е, исто така, копродуцент.