четврток, април 25, 2024
домаНасловнаБанките почнаа да ги информираат граѓаните дека добиле платежни картички

Банките почнаа да ги информираат граѓаните дека добиле платежни картички

Како што информира министерката за финнасии, граѓаните од вчера напладне на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk можат да проверат дали ќе добијат домашна платежна картичка за купување исклучиво домашни производи и услуги. Тоа ако имаат среќа бидејќи страната е повеќе „падната“ отколу во функција. Но, како што кажа министерката за финансии Нина Ангеловска на списокот се 350 илјади корисници, на чии картички ќе има вкупно 27,8 милиони евра.

Денеска од пладне, почнаа да стасуваат и СМС пораки до оние кои се на списокот за добивање на платежна картичка, иако има и голем број на граѓани кои реагираат дека не се нашле на списокот.

Министерката информира дека 113.927 се граѓани со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа. Тие ќе добијат картички со 9.000. Во втората група се 117.144 вработени чии месечни нето плати и додатоци не надминуваат 15.000 денари. Тие ќе добијат картички со 3.000 денари. Картички со иста сума ќе добијат 87.014 средношколци и студенти на возраст од 16 до 29 години. Сума еднаква на 40 проценти од последната нето плата што ја примиле на картичките ќе добијат здравствените работници ангажирани во справување со ковид-19.

Поради доцнењето на првичниот термин за дистрибуција на картичките, со измена на Уредбата Владата го помести рокот до кој корисниците треба да ги добијат картичките. Наместо на 3 јули, последните картички до граѓаните треба да стигнат на 18 јули, а ќе можат да се трошат до 15 август.

Во меѓувреме, додека Ангеловска ги соопштуваше деталите за новата веб-страница и за доставата на картичките, деловните банки преку кои ќе се дистрибуираат, а такви се вкупно девет, веќе им се обратија на граѓаните со соопштенија на своите веб-страници. Според нив, први до корисниците ќе стигнат картичките од НЛБ банка, која објави дека веќе ги изработила и на веб-страницата постави апликација на која нивните сопственици треба да остават податоци, по што во рок од неколку работни дена ќе ја добијат на домашна адреса.

– Важно е да се напомене дека граѓаните нема да има потреба да одат во банката да прашуваат кога ќе им биде готова картичката. Секоја банка овие информации ќе ги има објавено на своите веб-страници, на кои ќе може да се направи проверка каде и кога ќе ја подигнат картичката во зависност од местото на живеење, појасни Ангеловска.

Картички ќе издаваат НЛБ банка, Стопанска банка – Скопје, Шпаркасе банка, Халк банка, Охридска банка, Комерцијална банка, Уни банка, Централна кооперативна банка и Силкроуд банка. Најмногу картички, по над 100.000 изработуваат НЛБ и Стопанска банка.

Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги  во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.

Кога ќе се испразнат, картичките не мора да се фрлат. Како што најавуваат некои од банките, од 1 јануари наредната година ќе можат да продолжат да се употребуваат, но според условите за користење платежна картичка што тие ги имаат.

A.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ