Новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден се здоби со мали фрактури на стапалото додека си играше со едно од неговите кучиња. Веројатно ќе мора да носи заштитна обувка неколку недели, изјави синоќа неговиот личен лекар.

Седумдесет и осумгодишниот Бајден беше повреден во саботата и вчера попладне посети ортопед во Њуарк, Делавер, соопштено е од неговиот кабинет.

Оригиналните рендгенски снимки не покажаа пукнатина, но лекарите наредија подетален КТ скен, изјави неговиот лекар Кевин О’Конор. На снимката се пронајдени мали скршеници на две мали коски на средината на десното стапало, рече О’Конор.

„Веројатно ќе му треба ортопедски чевел за да оди во следните неколку недели“, рече О’Конор.

Фрактурите генерално се загрижувачки за постарите лица, но кај Бајден изгледаат релативно благи според изјавата на неговиот лекар и планираното лекување, пренесува агенцијата АП.

Минатиот декември, Бајден објави извештај од лекар кој покажува дека земал лек за да го задржи холестеролот на здраво ниво, но лекарот го опишал како „здрав и силен“ и „способен за успешно извршување на претседателските должности“.

Бајден се повредил додека си играл со Мејџор, едно од неговите две кучиња. Семејството Бајден го усвои Мејџор во 2018 година, а го зедоа првото куче Чемп по изборите во 2008 година. Бајден рече дека ќе ги земат своите две кучиња во Белата куќа и планираат да земат и мачка. А.Р.