Од нашиот специјален известувач од Српска Опен, Наташа Доковска

Спектаклот во Бања Лука и официјално започна денеска со квалификациските натпревари – Србија опен 2023. Иако дождот се закануваше да ги одложи првите натпревари, програмата почна навреме нешто по 11 часот. Први на терените во спортскиот комплекс во Бања Лука се појавија Артур Казау и Лукас Клајн.
Денеска на програмата беа квалификациските натпревари, а четворица тенисери ќе бараат билет за влез во главната ждрепка на турнирот, кој стартува утре. Прв носител на АТП турнирот од серијата 250 е Новак Ѓоковиќ, кој доцна вечерва пристигна во Бања Лука.
Покрај Ѓоковиќ на терените ќе истрчаат и Даниел Рубљев кој доаѓа со пехарот од Монте Карло, Стан Варвинка, Гаел Монфис, Риашр Гаске, како и српските тенисери Кецмановиќ, Крајановиќ, Џере, Лајовиќ, како и Хрватот Борна Чориќ.
Денеска на прес конференцијата Миомир Кецмановиќ рече дека се надева дека ќе се сретне со Ноле во полуфиналето!
Инаку и Миомир Кецмановиќ, како и Ѓоковиќ ќе го прескокне првото коло, но тој заедно со останатите српски тенисери, вклучувајќи го и Новак Ѓоковиќ, е во горниот дел од ждрепката.
– Задоволен сум од мојата сезона на земјена подлога. Играм добро. Драго ми е што постигнувам подобри резултати и на оваа површина и што се чувствувам многу самоуверено. Сакам да продолжам во истата насока и да играм добар тенис.
Во Монте Карло, Миомир Кецмановиќ загуби од Лоренцо Музети уште во првото коло со 7-6 (1), 6-0.
На новинарското прашање што се случи во Монте Карло, Кецмановиќ рече дека одиграл многу натпревари, речиси 11 меча, за пет дена и бил исцрпен.
Големо внимание предизвика и средбата со новинарите на некогаш третиот тенисер на светот, Швајцарецот Стан Вавринка кој меѓу другото рече:
– Фокусиран сум на првиот круг. Мојот противник Лука Ван Еш е млад играч кој е доста амбициозен. Прво треба да го поминам, па да размислувам за можна средба со Ѓоковиќ во вториот круг
Швајцарецот се осврна на организацијата на турнирот.
– Секогаш е убаво да се игра на нови места. Тренирав вчера, терените се навистина добри и условите овде се на највисоко ниво – изјави Вавринка.
Тој посебно нагласи дека во конкуренција на големата тројка Ѓоковиќ-Надал-Федерер го избира Србинот за најдобар тенисер на сите времиња.