Скриншот Н1 тв

Пред ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград утрово околу 8:30 часот почнаа да се собираат граѓани – и родители и деца, за да им оддадат почит на загинатите во престрелката. Има многу млади од основните и средните училишта кои доаѓаат да палат свеќи и да положат цвеќе, јавува репортерката на N1, а имало и многу новинарски екипи, вклучително и странски. Нешто пред 11 часот во училиштето дошол и претседателот на општина Врачар. Пред училиштето доминира плакат на кој пишува „Разговарај со децата“. Меѓу знаците на тротоарот, меѓу другото пишува: „Спијте ангели, темно е на планетава, ќе ве разбудиме кога ќе го најдеме прекинувачот за светло, па заедно ќе се радуваме, а јас ќе ја одржам лекцијата – баба ви Гордана“.
Се што се слуша е молк, јавува репортерката на Н1.

К.К. (13), ученик од седмо одделение во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, вчера пукаше во ученици, наставник и обезбедување во училиштето, при што загинаа осум ученици и еден чувар, а повредени се шест деца и една наставничка. Според информациите две од повредените деца се уште се во животна опасност. По нападот напаѓачот сам повика полиција и беше уапсен, а приведени се и неговите родители. Тој според полицијата, месец дена го планирал нападот за кој имал детален план и скици, а бил вооружен со два пиштоли и молотови коктели.
По масакрот, К.К. бил сослушан, а потоа префрлен на специјално одделение за невропсихијатрија каде ќе биде набљудуван. И покрај страшното злосторство што ќе го паметат генерации во Србија, нема да биде кривично гонет. Односно, тој нема да одговара за делото бидејќи уште нема 14 години. Но, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, на таткото на ова момче В.К.(48) му е одредена мерка притвор до 48 часа поради сомнение дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност. За тоа му се заканува затворска казна од две до 12 години.

Во Србија е прогласена тридневна жалост, а наставата во сите училишта во Србија почна утрово со едноминутно молчење, со цел да им се оддаде почит на учениците и вработените во основното училиште Владислав Рибникар во Врачар. А попладневната смена ќе започне со едноминутно молчење. Некои просветни синдикати најавија дека утре нема да одржуваат настава. Членовите на Синдикатот на просветните работници на Србија и членовите на ГСПРС Независност ќе прекинат со работа во петок, на 5 мај.

– Сите вработени членови на Синдикатот на просветните работници на Србија ќе престанат со работа во петок, 5 мај 2023 година. Вработените тој ден ќе бидат во училиштата, но нема да предаваат. Образованието замолчи – се наведува во соопштението на Синдикатот на синдикатите на просветните работници на Србија. За ова од Синдикатот ги информирале и родителите.

– Ве повикуваме да разберете дека тој ден училиштето нема да работи. Неми сме пред чинот што не принуди да ги затвориме училиштата. Сè што правиме и ќе направиме е со најдобра намера училиштата да станат безбедно место за образование и воспитување на сите наши деца – изјавија тие.

-Донесена е одлука за целосен прекин на работата во петок, 05.05.2023 година, поради трагичните настани во ОУ „Владислав Рибникар“ се вели во соопштението на ГСПРС Независност.

Овој синдикат ги повика сите вработени во училиштата и институциите да ја споделат својата тага и болка со семејствата на загинатите во трагичниот настан со целосен прекин на работата во петок.