Белоруската опозициска политичарка Светлана Тихановскаја во средата апелираше до лидерите на Европската унија да не ги признаваат, како што ги нарече, лажните претседателски избори, порачувајќи и на Унијата да го почитува изборот на белорускиот народ.

Тихановскаја зборуваше од егзил во соседна Литванија, пред вонредниот самит на ЕУ што ќе се одржи преку видео конференција и на кој европските лидери ќе разговараат за кризата во Белорусија.

Александар Лукашенко, долгогодишниот лидер во земјата, се соочува со бран масовни протести и штрајкови кои се најголем предизвик за неговото 26-годишно владеење. Тој негира изборна измама на 9 август за да го обезбеди шестиот мандат.

„Ве повикувам да не ги признаете овие лажни избори“, рече Тихановскаја во својот видео-апел. „Г-дин Лукашенко го изгуби целиот легитимитет во очите на нашата нација и светот“.

Тихановскаја рече дека таа е вистинскиот победник на изборите и дека сака новите избори да се одржат под некој вид меѓународен надзор.

ЕУ најави дека ќе воведе санкции за белоруските службеници што ги смета за одговорни за изборни измами и репресија на протестите во кои загинаа двајца, а беа приведени илјадници луѓе.

Шведската министерка за надворешни работи, Ен Линде, понуди да го посети Минск во име на ОБСЕ, организација која вклучува и западни и поранешни советски земји.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој му понуди воена помош на Лукашенко, во вторникот разговараше по телефон со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мичел.

Тој ги предупреди Меркел и Макрон против странско мешање во работите на Белорусија, близок сојузник на Русија.

После спорните избори на 9 август, притисокот врз претседателот Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, продолжува да се зголемува.Тој се соочува со дневни протести и штрајкувачко движење кое зафати повеќе индустрии важни за економијата.

Сепак, Лукашенко во повеќе наврати ги отфрла повиците да се повлече од власт. А.Р.