Специјални од Берлин: Сунчица Уневска

Годинешното Берлинале поминува целосно во знакот на терористичкиот напад во Ханау. Не само што на отворањето им беше оддадена почест на жртвите на овој чин со едноминутно молчење и станување на сите присутни во Берлинале паласт (главната сала која има 1.600 седишта), туку овој настан што се случи пред самото отпочнување на фестивалот се одрази буквално на се. Почнувајќи од влегувањето во Берлин, каде што за разлика од порано, се чекаше со часови и од сите се бараше потврда каде сте сместени и повратна карта (а тоа траеше бидејќи сите пребаруваа по телефоните за да покажат покани, карти итн.), па се до целата атмосфера на фестивалот. И овде за секое влегување во киносалите или прес просториите се проверува буквално се, а изненадувањето беше големо бидејќи се што порано работеше за време на фестивалот сега не работи. Интересно е дека дури и огромниот трговски центар познат како Аркади, сместен на самиот Потсдамер плац, е речиси целосно вон употреба, а тоа беше собиралиште за сите, бидејќи не само што тука беа продавниците и кафулињата, туку и храната, и место кое секогаш за време на фестивалот беше врвулица. Сега се е затворено во Аркадите и се е многу покомплицирано и поодалечено. Освен тоа, токму за време на фестивалот е затворен комплексот киносали “Синестар”, каде што се одржуваа огромен број проекции и кое исто така беше едно прекрасно место за кафе и за редовните разговори со гостите по проекциите. Некако, се функционира, филмови има, гости има, новинари има, но атмосферата ни оддалеку не е онаква каква што секогаш била и некако се е поинаку, па дури и нашето однесување, за што веројатно придонесува и актуелната претпазливост и стравувањата од ширење на корона вирусот…

За жал, годинава така испадна и со програмата. Ова, дефинитивно, е една од најслабите програми последниве години. Колку што новите челници на фестивалот, Карло Катриан и Мариет Рисенбек, кои го заменија долгогодишниот Дитер Кослик, зборуваа дека сакаат да внесат промени и да го вратат фестивалот во времето кога нудеше навистина далеку поквалитетна програма, со арт и независни филмови, се чини дека направија многу погрешни избори (па дури ја донесоа и Хилари Клинтон да зборува за нејзиниот документарец, што секако е сосем обратно од нивните заложби). Навистина е за пофалба што во програмата нема ниту еден холивудски филм, но тоа не е доволно за квалитетна програма. Интересно е дека дури се поканети и филмови кои веќе имале успех на други фестивали (што е навистина надвор особено од принципите на најголемите фестивали, како Кан, Берлин и Венеција, кои секогаш инсистирале на светски премиери), па сепак, не помогнало ни тоа. Едноставно во оваа прва половина од фестивалот не се случува ништо, атмосферата е многу „даун“, не само поради настаните, туку дополнително и поради програмата, која не донесе ништо, барем досега, што би ја кренало возбудата и за кое би се зборувало.

Единствениот засега добар филм од главната програма, прикажан дури после 8 филма, беше швајцарскиот кој го видовме петтиот ден од фестивалот, насловен “Мојата помала сестра”, што го потпишуваат Стефани Чуат и Вероник Рејмонд. Тоа е, би рекла, една од многуте приказни за болен од рак, но овие две извонредни авторки ќе успеат да направат толку силен филм, што е неверојатно. Бидејќи, не е навистина лесно, особено за толку користена тема, да направите еден ист, но поинаков филм, кој предизвика солзи, но не поради сето она што ја следи болеста, туку поради односот на неговата сестра, поради нејзината неверојатна жртва и начинот на кој режисерките го водат емотивниот развој на приказната.

Свен (Ларс Еидингер) и Лиза (Нина Хос) се близнаци, всушност Лиза е само две минути неговата помала сестра. Но, за жал ни нејзината коскена срцевина нема да помогне. Но, она што е навистина исклучително се ликовите на Свен и Лиза, Свен кој бил извонреден, жесток и многу посветен актер и Лиза која по секоја цена се обидува да ја задржи надежта, да го задржи мотивот кој ќе му даде желба за живот. Без оглед колку и да е безнадежно, таа е подготвена да направи нова верзија на “Ивица и Марица” само да го врати Свен на сцена, кој уште повеќе ќе падне кога ќе го откажат неговиот “Хамлет”. На Лиза не и е важно во тој момент ништо, таа е подготвена да ја жртвува и кариерата на мажот, подготвена е дури и да бидат разделени децата од нејзиниот сопруг, но не затоа што не и е грижа, туку затоа што некако “логично” смета дека сега се треба да биде на „стенд бај“ додека да го спаси нејзиниот брат. Но, работите си одат по својот тек, а кулминацијата е неминовна. Неверојатно добро направен филм, за кој Нина Хос, дефинитивно, заслужува “Златна мечка”.

Го видовме и филмот на Абел Ферара, еден од најконтроверзните независни американски автори, на кого се чини пред тоа како да му беа затворени вратите на фестивалот. Но, Ферара се враќа во свој стил, со “Сибир” како да прави свое сопствено навраќање на животот, на детството, на сето она што оставило трага. Ова е еден вид експериментален филм во кој истражувањето на Ферара или неговиот алтер его, кој го игра Вилијам Дефо, се одвива низ сонот, низ фантазијата и низ скриените трауми, потиснати сеќавања и стравови. Филмот е необичен, чуден, многумина и ја напуштија салата, додека на некој чудно поврзан начин се обидувате да ги фатите конците на приказните во кои има и магионичар и свештеник, и Еским, и руска девојка и демони и што уште не. И покрај необичноста, умеел Ферара да донесе многу поиздржани и посимболични приказни за разлика од оваа, која е толку лична и свртена кон себе, што едноставно е невозмозно да комуницирате…

Изненадување донесоа и оценките на критичарите, кои како што е познато на секој фестивал даваат свои поени за филмовите во главната програма во фестивалските изданија на “Скрин интернешенел”. Сите филмови, како што е и објективно, добија доста лоши оценки, но за разлика од нив, познатиот германски режисер Кристијан Пецолд за својата нова драма “Ундине” доби досега највисоки оценки. Пецолд е навистина извонреден режисер, ги паметиме, “Јела”, “Барбара”, “Транзит”, но “Ундине” е многу далеку од овие филмови. Во него Пецолд си поигрува со љубовта, симболиката на водата и античкиот мит за мажот кој кога ќе ја напушти жената што ја сака, ќе биде “повторно фатен од неа” или како што вели Ундине, убиен. Тоа е многу еднонасочен, оскуден филм, чија тема можела навистина да се развие поинаку, особено што има многу интересни и захтевни сцени под вода, но овде останува на површината без никакво значење, ниту пак развој на приказната.

Но, сепак, се наоѓаме на половината, па останува да видиме што ќе донесат уште многу познати автори кои годинава се вклучени во главната програма, како: Хонг Сангсо од Јужна Кореја, Рити Пан од Камбоџа, иранскиот и тајвански режисер, Мохамед Расулоф и Тсаи Минг Лианг, како и британската режисерка, Сели Потер. Иако најочекуван е рускиот проект “ДАУ Наташа” кого веќе новинарите го нарекоа украински “Труман шоу”, бидејќи носи во живо еден тоталитарен систем сниман во текот на две години во Харков. Инаку, веќе беше прикажан романскиот филм “Малмкрог” на Кристи Пуиу, единствен филм годинава на Берлинале каде што Македонија се појавува како копродуцент, преку продукцијата на “Сестри и брат Митевски”. “Малмкрог” ја отвори новата програма “Соочувања”, која е замислена да им даде поддршка на новите гласови во филмот и да им даде повеќе простор на различните приказни и документарни форми. Филмот на Пуиу е историска драма, костимирана, сместена во 19 век и трае цели 200 минути. Станува збор за еден велесопственик, кој во својата куќа повикува еден политичар, грофица, генерал кои зборуваат за многу различни теми, за смртта, за војната, за прогресот, за антихристот, за одминувањето на времето, за моралноста…, направен според книгата на рускиот писател Владимир Соловјев. Но, ова е многу поинаков филм од оние по кои го паметиме Пуиу, како “Смртта на господинот Лазареску” или “Аурора” и, дефинитивно, не го предизвика очекуваниот интерес.