Слика за паметење – лауреатите на 73. Берлински филмски фестивал

Наш специјален известувач Сунчица Уневска

„Дали сте вие луди или што? Ова е премногу“, реагираше запрепастено францускиот режисер, Никола Филибер, кога претседателката на жирито Кристен Стјуарт објави дека „Златната мечка“ на 73. Берлинале ја добива токму неговиот филм, „На бродот Адаман“. „Тоа што документарниот филм се наградува и слави, тоа што документарецот може да се смета кино само по себе, длабоко ме трогна“, изјави Филибер, додавајќи дека во филмот се обидел да ја заврти сликата што луѓето ја имаат за ментално болните и да се фокусира на она што нè спојува, а не на тоа што нè разединува.

Наградата „Златна мечка“ на 73. Берлинале ја доби Никола Филибер за документарецот „На бродот Адаман“

Најлуди луѓе не се оние за кои мислиме дека се

Инаку, станува збор за филм што во текот на еден ден ги следи настаните во Центарот за грижа за луѓето со различни ментални пореметувања, сместен на еден пловечки објект на реката Сена во срцето на Париз. Тоа е навистина необичен филм, многу искрен и на моменти духовит, додека „самите протагонисти се отворени, без страв од камерата, експресивни и многу ранливи“, како што напиша еден критичар. Додека, Филибер за својот филм рече дека се обидел да влијае на јавните предрасуди за ментално болните, потсетувајќи дека „најлуди луѓе не се оние за кои мислиме дека се“. Кристен Стјуарт, пак, направи вистинска ода за хуманоста и едноставноста на филмот, велејќи: „Луѓето илјадници години се вртеле во круг обидувајќи се да одредат што може да се смета за уметност, на кого тоа му е дозволено и што ја одредува неговата вредност. Но, она што важи за сите нас, е дека едноставно знаеш кога тоа ќе го видиш“.

„На Адаман“ сакав да ја свртам сликата што луѓето ја имаат за ментално болните и да се фокусирам на она што нè спојува
Триесет и двегодишната Кристен Стјуарт, која беше најмлада претседателка на жирито, се обиде да биде на ниво на задачата[/caption]Притоа таа зборуваше и за можноста на фестивалите да ги поместат границите, што го преземаа многу медиуми, и дури пишуваа како доделувањето на наградата на документарен филм да е нешто ретко, кое се случува втор пат откако на Венецискиот фестивал лани наградата ја доби документарецот на Лаура Поитрас. Што воопшто не е точно, а навистина интересна беше и реакцијата на Филибер, бидејќи особено на Берлинале последниве години многу документарни филмови ги добија главните награди. Така беше во 2016 кога „Златната мечка“ ја доби „Оган на морето“ на Џанфранко Роси, кој зборуваше за бегалската криза, потоа во 2018 филмот „Не ме допирај“, еден експеримент меѓу фикција и документарец за предрасудите во поглед на интимноста, кој предизвика многу контроверзии, па и минатогодишниот „Алкарас“, кој не е класичен документарец, но целосно е направен со луѓе што не се професионални актери, па дури и 2015 кога победи доку-фикцијата „Такси Техеран“ на затворениот Џафар Панахи… Впрочем, Берлин во тој поглед отсекогаш умеел да ги поместува границите и тоа не е ништо ново, затоа и секоја година, како и оваа, она што го одбележува е токму ангажираноста, како во киното, така и надвор од него.
Триесет и двегодишната Кристен Стјуарт, која беше најмлада претседателка на жирито, се обиде да биде на ниво на задачата

Дали жирито ги омаловажуваше критичарите

Но, да се вратиме на наградите. Интересно е дека годинава критичарите имаа чувство дека официјалното жири ги игнорира или омаловажува нивните фаворити. Имено, меѓу наградените филмови не се најдоа многу од оние филмови што ги добија највисоките оценки на критиката, како: американскиот „Минати животи“ на режисерката со јужнокорејско потекло, Селин Сонг, инаку добитник на „Санденс“, потоа мексиканскиот „Тотем“ на Лила Авилес, кинескиот „Кула без сенки“ на Лу Џанг, како и австралискиот „Опстанок на добрината“ на Ролф де Хир, кој ја доби наградата на меѓународната критика, „Фипресци“. Па сепак, меѓу наградените имаше и три филма кои доста добро котираа, „Црвено небо“, „Лош живот“ и „Големата кочија“.

Германскиот режисер Кристијан Пецолд повторно со награда за „Пожар“, овој пат го доби Гран-прито на жирито
„Црвено небо“ или „Пожар“ на познатиот германски режисер, Кристијан Пецолд, ја доби „Сребрената мечка“ односно Гран-прито на жирито. Неговиот филм со оригинален наслов „Ротер Химел“, ја следи групата млади интелектуалци во еден летниковец на Балтичкото море, каде што работите ќе добијат сосем друга насока кога во близината ќе избие голем шумски пожар. Додека, португалскиот филм „Лош живот“ на Жоао Кањихо, кој ја доби втората „Сребрена мечка“ – Награда на жирито, се осврнува на односот меѓу мајките и ќерките сместени во еден хотел. А „Сребрената мечка“ за најдобра режија отиде кај францускиот ветеран, Филип Гарел, за топлата семејна приказна, но и посветата на традицијата на куклениот театар во филмот „Големата кочија“.

Награди за улоги за две трансродни девојки

Интересно е дека годинава во главната конкуренција од 19 филма, дури пет беа германски. На крајот, три од нив беа наградени. Покрај Кристијан Пецолд, наградена беше и Ангела Шанелец, која се смета исто така за припадник на т.н. Берлинска школа. Таа ја доби „Мечката“ за сценарио за нејзиниот експериментален филм или како што велат „разиграниот загадочен риф на ‘Oedipus Rex’“. Третиот филм е „До крајот на ноќта“ на Кристоф Хошауслер, но тоа спаѓа во категоријата на улоги.

Деветгодишната Софија Отеро ја освои Наградата за главна женска улога и со својот говор ги разнежи сите
Всушност, оваа категорија донесе посебно изненадување, бидејќи за најдобри улоги беа наградени две трансродни девојки, а едната од нив има само 9 години. Имено, малата баскиска актерка, Софија Отеро, на која ова и е прва улога, за својот лик на трансродна девојка во филмот „20.000 видови на пчели“ на Естибализ Уресола Солагурен, ја освои Наградата за најдобра женска улога. Малата Софија се расплака на сцената и одржа многу долг говор, но публиката сето тоа го прими со одушевување. Втората награда за улога, и тоа споредна, повторно отиде за слична ролја кај актерката Теа Ере, која игра трансродна поранешна затвореничка, тајно вовлечена во апсење за дрога. Теа Ере Му се заблагодари на Хошауслер затоа што и дал можност да игра таква моќна жена.

А за нас е интересна и Наградата за уметнички придонес, која ја доби француската директорка на фотографија, Хелен Лувар за француско-италијанскиот филм „Диско-бој“ на Џакомо Абрузесе. Имено, Хелен Лувар беше неколку пати гостинка на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, а во 2019 ја доби „Златната камера 300“ за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“. Хелен Лувар ја потпишува фотографијата и на еден од најдобрите филмови на Берлинале во 2020 година, „Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“, потоа на „Загубената ќерка“ со одличната Оливија Колман, како и на хрватскиот „Мурина“.

Хелен Мирен дојде како Голда Меир

Хелен Мирен одушевува со своите 77 години, а како израелската премиерка Голда Меир во филмот „Голда“ е непрепознатлива
Веќе пишувавме дека годинешното жири на меѓународната критика „Фипресци“ го предводи нашата филмска критичарка, Гена Теодосиевска. Ова жири во Берлин доделува четири награди во четири различни програми, и тоа: во главната програма, каде што наградата ја понесе австралискиот „Опстанок на добрината“, во програмата „Панорама“, каде што победи данско-корејскиот „Тивка миграција“ на Мален Чои, во програмата „Средби“ беше награден „Овде“ на Бас Девос, а во „Форум“ филмот „Помеѓу револуциите“ на Влад Петри.

За „Сира“ од Буркина Фасо и „The Burdened“ од Јемен веќе пишувавме, и тие ги добија сосем заслужено наградите на публиката, а овде би издвоиле уште еден германски филм, „The Teacher’s Lounge“, на Илкер Чатак, извонредна приказна за една посветена наставничка, која отвора многу прашања, но покажува и до кој апсурд можат да отидат работите па колку и да сакате да бидете праведни, што за жал ја доби само наградата за кино-дистрибуција, Label Europa Cinemas.

Во Берлин дојдоа многу ѕвезди, покрај Стивен Спилберг, тука беше и Хелен Мирен со новиот филм „Голда“ во кој ја игра познатата израелска премиерка Голда Меир, потоа Кејт Бланшет која зборуваше за филмот „Тар“, што ја имаше својата германска премиера, тука беше и Борис Бекер, кој дојде со документарниот филм посветен на неговиот живот, иако само пред два месеца излезе од британскиот затвор каде што беше заради неплаќање данок… На Берлинале годинава имаше над 300 продукции од 67 земји, можеби главната програма не беше најдобра, но тоа сè повеќе е одлика на големите фестивали кои очигледно некои имиња не можат да одбијат, но затоа добри филмови и одлични средби секако има во паралелните програми. Како и да е, најважно е дека фестивалот после ковид-кризата конечно се врати на старото…