Повторно најдобриот филм дојде од Иран. На синоќешната премиера во „Берлинале паласт“ на новиот филм на Мохамед Расулоф, „Таму нема зло“, се создаде вистинска еуфорија. Не се сеќавам кога последен пат сум присуствувала на толку долг аплауз и стоечки овации. А она што е најважно, сосема заслужено. „Таму нема зло“, кој трае 150 минути, но тоа не се чувствува, е фасцинантен филм, со четири приказни и идеи кои одушевуваат, со фантастична глума, атмосфера, со точно дозиран ритам, со неверојатна камера и монтажа. Од една страна, едноставни приказни, но од друга, тоа е толку необичен филм, кој зборува за вината и убиствата како дел од нивното секојдневие. И без оглед дали можете да го извршите убиството кое ви е наложено или не, се чини дека на крајот сите на свој начин се соочуваат со последиците. Едноставно, таков е поредокот на нештата, тие луѓе не се убијци, но мораат да одберат како ќе живеат, а изборот никогаш не е лесен, уште помалку праведен.

Филмот се гледа во еден здив и ве остава со отворена уста. Во огромната сала „Берлинале паласт“, која е на пет ката, можеше да се слушне секој шум, каква само тишина владееше. Бидејќи, тие приказни кои се одвиваат пред вас, тој живот со кој неговите протагонисти мораат да се носат, не може никого да го остави рамнодушен. Во Берлин беше целата екипа, освен Мохамед Расулоф на кого иранската влада не му дозволи да дојде. Неговото столче беше празно, а аплаузот уште посилен праќајќи ја пораката за неправдата на која повторно еден уметник и режисер во Иран е изложен. Неговиот колега Џафар Панахи, кој исто така направи извонредни филмови, беше осуден на 20 години затвор, а сè уште е во куќен притвор. Интересно е дека Расулоф се врати во Иран иако знаеше дека тоа може да се случи, но како што изјавуваше тоа е негова земја и нема намера да ја напушти.

Првата половина од фестивалот, покрај тоа што во Берлин владее многу депресивна атмосфера и целиот фестивал некако е без душа, уште повеќе придонесуваше кон тоа со лошиот избор на филмови во натпреварувачката програма. Но, во вториот дел беа прикажани неколку стварно добри филмови во главната, но и во споредните програми, кои малку ја подигнаа атмосферата и го направија исчекувањето на наградите уште поинтересно. Не знам како ќе одлучи жирито предводено од Џереми Ајронс, кое годинава навистина има тешка задача, но Расулоф дефинитивно е еден од фаворитите.

Малку режисерки, но женски теми

Вториот фаворит, според моето мислење, е еден од добитниците на наградите на „Санденс“, насловен „Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“. Независната американска режисерка Елиза Хитмен прави силен филм, водејќи го многу реалистично, поради што на фестивалот во Санденс беше вклучен во програмата „Неореализам“. Тоа е приказна за две тинејџерки кои решаваат да отпатуваат од Пенсилванија во Њујорк на еден ден, за едната од нив да ја прекине несаканата бременост. Но, работите нема да се одвиваат според предвиденото, ниту пак цела таа процедура може да заврши за еден ден. Патувањето се претвора во вистински предизвик, но Хитмен сето тоа го прави речиси документаристички успевајќи да ја фати тензијата и психолошката состојба на младите девојки на толку ефектен начин. Инаку, насловот не е воопшто случаен, тоа се одговорите кои младата девојка треба да ги даде на прашањата во клиниката, прашања кои навлегуваат во нејзината неизречена интима и кои успеваат така да трогнат, носејќи ве неочекувано во таков психолошки вител, многу тежок за секого, а особено за тие толку млади девојки. Одличен филм.

Женските протагонисти одушевуваат и во корејскиот „Жената која побегна“ на Хонг Сангсо. Овој интересен режисер прави навистина особен филм само со женски карактери, зборувајќи за осаменоста, за пријателството, за машко-женските односи, за славата, за некои минати работи кои умеат да ни ги променат животите, за прифаќањето, но сето тоа со еден минималистички стил, со малку дијалог, со еден специфичен хумор и откаченост, но со таква длабочина која ве тера да погледнете поинаку. Доаѓа еден момент кај сите, еден преломен момент кога се обидувате да се најдете, но не во односите со другите, туку во односот кон себе, надополнувајќи го сето тоа со една нетипична комуникација и сосем поинаков стил, можеби далечен за нас, но толку многу животен и вистинит.

Имаше уште настани и филмови, како „Шарлатан“, уште една вистинска приказна на една од најинтересните и најактуелни полски режисерки, Агњешка Холанд, чија прес-конференција беше преполна, потоа францускиот „Полиција“ на Ен Фонтеин, необична идеја за неколку полицајци што треба да го однесат имигрантот од Таџикистан на аеродром, но ќе решат да го пуштат, кои беа прикажани во „Берлинале спешл гала“. Во главната програма го видовме и новиот филм на Сели Потер, „The Roads not Taken“, кој не и е од најдобрите, но младата Ел Фенинг дава навистина извонредна улога како ќерка која се грижи за таткото (Хавиер Бардем), кој доби мозочен удар. Но, дефинитивно филмот кој најмногу се очекуваше беше украинскиот „ДАУ. Наташа“, иако воопшто не ги оправда очекувањата.

ДАУ. Наташа и ДАУ. Дегенерација

Интересно е дека, всушност, станува збор за многу поголем проект отколку само за овој филм кој трае 145 минути, проект кој резултираше со снимени 700 часа и со серија филмови, уметнички проекти и живи инсталации. Не случајно цел овој проект составен од два дела, филмот кој се вика „ДАУ. Наташа“ влезе во главната програма, додека документарниот дел насловен „ДАУ. Дегенерација“ од цели 355 минути влезе во програмата „Берлинале спешл“. Имено, најавата за овој т.н. „Сталинистички Труман шоу“ беше доволно провокативна, а проектот и се прошири па не се однесува само на Украина, туку веќе се поставува низ цела Европа.

Филмот „ДАУ. Наташа“, во кој играат непрофесионални актери, го потпишуваат Илја Кржановски и германската шминкерка Екатерина Ертел, а го прават според книгата на Кора Ландау – Дробанцева, инаку сопруга на нобеловецот, познатиот советски физичар, Лев Ландау, од кого е инспириран проектот. Идејата е проект односно една симулација на тоталитарниот систем под Сталин, што се претвора во радикален, суров и насилен филм, кој е снимен целосно автентично иако гравитира меѓу фикцијата и реалноста.

Наташа е средовечна жена која работи во кантината на институтот, но откако ќе има љубовна врска со главниот физичар, кој е дојден во институтот и помага во водењето на експериментите, сè ќе се смени. Наеднаш, Наташа ќе стане осомничена и ќе помине низ невидена тортура. Но, филмот премногу е сконцентриран на кантината и на односот меѓу Наташа и нејзината колешка Олја, што ќе биде здодевно и дури и карикирано, па голем дел од новинарите ја напуштија прес-проекцијата. Инаку, целта на овој институт е да се испитуваат екстремите во човечкото однесување и да се направи психолошка анализа во сенката на тоталитаризмот.

Другиот, пак, проект, „ДАУ. Дегенерација“ кој е вклучен во програмата „Берлинале спешл“ и го потпишуваат Илја Кржановски и Илја Пермијаков, е уште порадикален. Тоа е топ-сикрет институт за физички проблеми, кој е дел од Советската академија на науки и кој постоел од 1938 до 1968 година, а негова главна задача била да се создаде „нов човек“. За потребите на оваа идеја односно на филмскиот сет изграден е специјално креиран научен институт во Харков, каде што од 2009 до 2011 живееле стотици луѓе, кои решиле да ги напуштат нивните животи и да бидат дел од експериментот, што значело да живеат во услови како да се 1950-тите години. Во него се истражувани лимитите и базата на интелектуалното разбирање и на човечките акции, за што се снимени 700 часа, за потоа цело ова филмско парче да биде трансформирано во визуелна и интерактивна уметност. Во него биле повикани многу познати уметници, математичари, филозофи кои живееле и работеле во тој период во институтот.

Инаку, ова реално шоу подоцна преминува во серија визуелни проекти и инсталации и уште пред отпочнувањето на Берлинале, започна со својата презентација и инсталација во живо во Париз, каде што во повеќе театри одеше како 24-часовна програма. По Париз, филмаџиите планираат ова искуство да се повтори во Лондон и во Берлин. Но, како и да е, „ДАУ. Наташа“ не би го вброила во фаворитите.

На крај да споменеме дека вечната филмска дама Хелен Мирен ја доби почесната „Златна мечка“, а во таа пригода публиката можеше да го види нејзиниот филм „Кралицата“. Критиката пак, изненади со доделување на наградата „Фипресци“ на еден од послабите филмови, „Ундине“ на германскиот автор Кристијан Пецолд.