Беспилотно летало се урна синоќа во близина на загрепски Јарун, а како што соопшти владата тоа дошло преку Унгарија и е од руско производство. Полицијата соопшти дека во пошироката зона пронашла два падобрани за кои претходно добиле пријави од граѓани. Одржан е и состанок на надлежните безбедносни служби, а изјави дадоа и премиерот Андреј Пленковиќ, претседателот Зоран Милановиќ и министерот за одбрана Марио Баножиќ.

„Леталото дошло од Унгарија, се задржало 7 минути и се движело со брзина од 700 км/ч. Соработуваме со НАТО и соседните земји“, рече хрватскиот министер за одбрана Баножиќ.

„По прес-конференцијата на оние кои треба да нѐ чуваат, се чувствуваме многу несигурни, вознемирени и мизерни“, напиша поранешната премиерка Јадранка Косор на Твитер.

„Според она што сега го имаме како информација, се работи за летало од руско производство, не се знае дали било во сопственост на руската или на украинската армија. Познато е дека во Хрватска дошло од правец на Унгарија, а во Унгарија од правец на Романија. Знаеме дека неколку минути ја прелета Хрватска и се урна во Загреб“, изјави премиерот Пленковиќ.

Набргу потоа се огласи и претседателот Милановиќ.

„Штотуку го заврши брифингот со началникот на Генералштабот, директорите на агенциите, па сметав дека е моја должност да и се обратам на јавноста и да ги кажам основните работи. Знаеме каков објект долетал и од каде дошол. Не добивме никакви информации за претпазливост. Објектот леташе над Унгарија околу 40 минути, во нашиот простор беше околу 7 минути. Ова е сериозен инцидент. Сакаме да ги утврдиме сите детали“, изјави Милановиќ.

Потоа се огласи и министерот за одбрана.

„Ја затворивме целата област, а реагираше и воената полиција“, рече Баножиќ. „Соработуваме со НАТО и соседните земји. Разговарав со министрите за одбрана на Унгарија и Словенија, ги разменивме информациите што ги имаме. Леталото влегло во 22.57 часот, пристигнало од Унгарија, се задржало 7 минути и се движело со брзина од 700 км/ч. Се упативме во два правци. Кривичните истраги продолжуваат“.

„Утврдена е насоката на леталото. Ова е сè што можеме да кажеме и да испратиме порака дека ова не е закана за Хрватска, нема простор за страв“, рече тој и додаде дека имало состанок во врска со националната безбедност.