СЗО информираше дека на пазарот ќе се појави тест кој целосно ќе го трансформира процесот на следење на ширењето на Ковид-19 во помалку богатите земји, кои страдаат од недостаток на здравствени работници и лаборатории, пренесува Би-Би-Си. Станува збор за тест што точно може да ја дијагностицира инфекцијата со коронавирус, а резултатот од истиот да се знае за многу кусо време, од 15 – 30 минути.

Се очекува во следните шест месеци да бидат произведени 120 милиони вакви тестови, а првиот човек на СЗО го нарече тоа „голема пресвртница“.

Две фармацевтски компании, Abbott и SD Biosensor, се согласија со фондацијата на филантропот и основач на Мајкрософт, Бил Гејтс, да произведат 120 милиони тестови, информираше шефот на СЗО Тедрос.

Договорот се очекува да опфати 133 земји, вклучително и многу јужноамерикански земји кои во моментов се најпогодени во однос на стапката на инфекции, како и смртноста.

„Ова ќе биде клучно за да им се помогне на нивните капацитети за тестирање, особено во тешко достапните области, кои немаат доволно лаборатории или доволно здравствени работници обучени да спроведат тестирање“, рече Тедрос.

А.Н.