Филмскиот критичар и уметнички директор на фестивалот „Браќа Манаки“, Благоја Куновски-Доре, од 18 до 26 април кога  ќе се одржува 41 издание на А-категорниот, МИФФ/Интернационалниот Филмски Фестивал во Москва, на предлог на генералниот секретар Клаус Едер, ќе претседава со жирито на филмската критика ФИПРЕСЦИ.

Ова на Куновски ќе му биде едно од најголемите признанија бидејќи ќе претседава со жирито на критиката на еден од 10-те најголеми светски филмски фестивали. Досега Куновски бил претседател на жиријата на ФИПРЕСЦИ на фестивалите во Истанбул, Ротердам, Гетеборг, Штокхолм, Женева, Бидгошч.

Жирито на ФИПРЕСЦИ на 41. фимски фестивал во Москва ќе ја вреднува Главната компетиција од чии 13 селектирани светски филмови ќе избере еден кој ќе ја добие престижната награда на светската критика.

Во петчленото жири на ФИПРЕСЦИ во Москва (ова е дури поголемо за еден член од  Главното жири кое има само 4 членови), покрај Куновски како претседател, членуваат уште критичарите: Андреј Василенко од Руската Федерација, Андони Итурбе Толоса од Шпанија, Елена Рубашевска од Украина и Сањин Пејкович од Шведска.