Разговараше:  Валентина Ѓоргиевска Парго 
Благојче Стојановски или попознат како Туше, ресенчанецот кој во Преспа ужива  статус на музичка ѕвезда. Популарен и познат пејач и пошироко, ќе констатирам дека е еден од ретките кој си определил да биде свој на своето, во својот крај, со најмилите.
*Благојче здраво. Се сеќавам почнавте во 1988 година, а како вчера да беше. Во деведесеттите снимавте свои песни, сепак силен пробив направивте со некои преработки, и еден голем турски хит. 
-Здраво Валентина и поздрав до сите во Редакцијата, благодарност за поканата.
Да, точно така, се почна кон крајот на 80’ тите години и никој, па ни јас самиот неверував дека ќе стигнам до тука. Навистина е дека со една убава преработка (а текстот е мој) патот ми се отвори, а тоа ниту го кријам, ниту се срамам од тоа, бидејќи  и поголеми светски и балкански ѕвезди имаат преработено песни и се таму на највисокото место и никој ништо не им може (се смее). Останав свој на своето, воспитан сум така да не ги оставам моите родители сами во Ресен, а имав многу шанси да заминам во Скопје, но ете вака подобро се чувствувам.
*Снимавте за “Сенатор” и за неколку други продукции. Со која бројка се мерат денес сите тие заедно?
– Првото мое издание, тогаш касети, го издадов самиот јас бидејќи никој од издавачките куќи немаа верба во мене, а и тоа што ми го нудеа за соработка беше  само да ти наплатат добро, па дали ќе помине или не, не им беше важно. Па затоа можам со гордост да кажам се ова што имам постигнато е само со моја работа и помош од колегите и секако од вас новинарите. Самиот возев од град во град, од музичка продавница до музичка продавница да го нудам мојот материјал и успеав во тоа. Никој до сега до денешен ден, освен  ИНТВ- Австралија, не ми помогнал, не ми пружил рака за некаква  промоција или за некакво гостување на телевизија. Апсолутно никој. Но, бидејќи првиот музички материјал помина убаво добив повик од “Сенатор” за наредниот материјал да го снимам со нивната издавачка куќа и така натаму, другото станува историја. Сега моментално работам со “ДМ дигитал мјузик Битола”, со Кире Стојанов и презадоволен сум од соработката. Досега имам изадено 17 цд -а со нова македонска музика и уште десеттина изданија со жива свирка , бројка со која што сум горд и задоволен .
*Приврзаник сте на брзи, весели певливии мелодии. Која од вашите ја сметате за свој фаворит, за свој хит? 
-Од песните имам повеќе од кои што ги издвоил како на пример “Кога ги видов тие зелени очи” , “Не се важни километри”, “Оди, среќна биди ти” , “Кукличка”, “Болен лежам” , “Ти ми беше прва љубов”, “Ајде куме” , “Бекриско срце”, “Многу сум мераклија” па се до “Милион бакнежи” која е сега најтазе снимена и има добар фидбек од публиката. Но, сепак би кажал дека печат на мојата кариера и моја лична карта е “Прашај ги свирачите”.
*Ресен и Преспа некогаш важеа за место со неброено многу музики. Претор на лето во една вечер имаше по седум живи свирки, Отешево по две, три, Крани имаше музика и дискотека… Каква е сега состојбата на тој план?
–  Така беше некогаш и јас настапував повеќе години и во Отешево и во Претор и во Асамати и во Крани. За жал од тоа нема ништо сега, со години наназад згаснува сето тоа, а сега дополнително и ковид 19 ја влоши ситуацијата.
*Вас, првата награда на еден “Охрид фест” ве направи попознат во регионот и пошироко. Летово се закитивте и со една друга, во Новаци. 
-Точно така имам настапувано на повеќе фестивалски изданија и на “Охрид фест” и на “Валандово” и на “Филиграни” и можам да се пофалам дека сум добитник на неколку награди на овие фестивали, а последната награда ми е од “Летен фолк хит 2020” каде освоив трето место со песната “Милион бакнежи”.
*Сега многу албуми се зад вас, и фестивали, победи и награди. Но како пејач кој имал финансии за уште поголеми вложувања, од оваа гледна точка, сметате дека можевте и уште повеќе да снимате ?
-Мислам дека се направив како што треба во врска со снимањето, можеби  само сум правел поголема пауза од албум до албум, но задоволен сум како досега се одвиваа работите. А, тоа со финансиите и за повеќе вложување во музиката сите знаеме дека требаше да “финансирам “ некого за да ме турка на површина, а знаеме и тоа е јавна тајна колку се нивните барања така што јас го одбрав потешкиот пат, оној трнливиот пат и успеав. И никогаш не се каам што го одбрав овој пат.
*Кога сме кај финансиите, јавна тајна е дека тие за вас не претставуваат проблем. Роден сте во Австралија, таму живеевте, вашето семејство е познато со вносни бизниси, не мора да пеете по било кои услови, може да држите цена, често патувате во многу земји за да пеете кај нашите во Австралија, Америка, Европа…Би рекла, “нема зима за вас” . Но, многу ме чуди, иако имате и живеалиште во Сиднеј и често со семејството, сопругата и децата, одите таму, не ви дошло желба за целосна преселба?
– Јас сум роден во Австралија, но моето срце е во Македонија и тука ќе остане.
Имам можност да се преселам таму, но како што кажав воспитан сум родителите да не останат сами на старост, така што ние со фамилијата решивме да останиме тука и нашите родители да се порадуваат со внучињата. А, како што и вие знаете доста патувам и со фамилијата, фамилијарно. Јас не сум зафатен со бизниси и сакам да кажам се што сум створил мое е од музиката. Држам цена, а и доста пати одам за чест кај другари и блиски пријатели.
* Каде се слуша повеќе народната песна, во Австралија или во Македонија? Го имаме ли уште синдромот да се срамиме и да бегаме од своето? Всушност, можеби е и така, зошто многу малку медиуми емитуваат народна музика. 
-Синдромот да се срамиме од нашата музика е во Македонија, а во Австралија се пее претежно македонска песна на сите веселби, па можам да кажам и до 95% од музиката е македонска, за разлика од Македонија каде што е обратна сликата, со исклучок на неколку мои колеги и колешки кои што се бројат на прсти, а пеат народно.
*Нема да биде нескромно, очекувам конкретен одговор, во некое ваше златно време, колку ви бил највисокиот хонорар? Од познати музичари јас сум слушнала дека највисок им бил околу 5.000 евра. Вие го имате надминато овој износ ? 
-Ќе кажам коректно дека сум настапувал надвор од Македонија и за поголема цена од оваа што ја кажавте, но тоа не се случувало често, значи и тие свирки се бројат на прсти.
*Штом некој е ресенчанец, Преспанец, редно е да го прашаш – дали сте “оригинален” ресенчанец со садници, со овоштарници, со јаболка, со јаболкобер, со сите нишани
– Нее (се смее). Јас не сум од тие преспани со овоштарници и со јаболка, за моја среќа татко ми се откажал од тие придобивки кон крајот на 80 тите.
*Пред неколку години бевте организатор на концерт за помош на Кенан Таировски, кој беше во лоша материјална ситуација, и за жал повеќе не е меѓу нас. Имаше доста пејачи, но некои изостанаа. Тоа покажа дека естрадата не е солидарна како што ни се чини, и не е организирана како фела. Во корона ситуацијава тоа уште повеќе се гледа. Се соочуваат ли ресенските пејачи со криза?
-Секако дека тешко е за сите музичари како и во Преспа така и во Македонија, со корона кризата се чувствува кај сите нас. Во врска со концертот за Кенан баш ми е мило што ете колку толку се собравме и успеавме додека се уште беше жив, да го израдуваме и да му помогнеме. Јас се гледав и му помагав на Кенан до последните негови денови, а за возврат од него добив неколку песни, текстови кои што ќе ги искористам во некое наредно време.
*Во моментов Ресен има една “премиер лига” на пејачи. Да се соберете сите, заедно со легендарниот Леко, Таше Каранфиловски, Мешуревски, оперскиот пејач Кремшо, некои нови млади пејачи, којзнае што екипа би била. И каков концерт, кога концертите пак ќе се вратат. Морам да прашам, зошто досега не направивте “официјален концерт”?
-Така е, во моментов има навистина плејада од добри пејачи во Ресен како народњаци така и забавњаци, а јас најмногу се дружам со моите кумашини Тони Леко кој што е преспанска легенда и Таско Каранфиловски кој е еден многу талентиран музичар и не се сомневам дека во иднина ќе има големи успеси на музичко поле. Концерт? Ќе биде!  Само така си велам секогаш и се надевам ке биде еден ден, а и да не биде не е некоја “Голема болка “..
* Не само што досега не организирате свој соло концерт, не се пријавувате на шоуата на Пинк сиве изминати години, каде отидоа доста наши пејачи. 
-Јас тоа што го зацртав со музиката успеав да го остварам и задоволен сум од тоа, што би рекле старите не барам преку леб погача. Мое мислење е дека јас веќе имам свое име во македонската музика и немам потреба да се натпреварувам на тие шоу, тие се сепак за некои неафирмирани пејачи коишто пробаат да се пробијат на сцената преку овие балкански шоуа . не е тоа за мене (се смее)
*Пред крај, пред да ги споменеме следните планови, во рамките на даденава ситуација, ќе ни  раскажете ли за вашиот прв настап, на кој јас многу добро се сеќавам како изгледаше?
-Мојот прв настап  ха ха. Долго време помина, а и се сеќавам како се беше на таа другарска вечер (забава) кои што во тоа време многу се организираа. Трема, возбуда , прв настап, девојки кои што те гледаат… Незаменливо голема е честа да зборувам и пишувам со вас, бидејќи и вие сте дел од оваа моја приказна од самиот почеток и за тоа  сум бескрајно благодарен.
*Честа е и моја. Беше 22 декември, ладно а имавме и квиз и вода до коленици во салата на самата забава зошто пукна цевка од парното, но беше преубаво и никој не мрдаше да си оди дома…Време е да стане збор за следните планови. Но, и дали имате музички наследник/наследници  во синовите? Се интересираат ли за музика?
– Следни планови… Се молам на Бога да прекине ова лудило со коронава да се изнајде некој лек и да почнеме нормално да функционираме. Планови имам многу, но сега целото внимание ми е насочено кон справување со ковид 19. Двајцата синови се музички талентирани , постариот син веќе свири во бендот “Оутбрејк” во Ресен, свири клавијатури, а и учи средно музичко во Битола, додека другиот е премногу талентиран за музика, но сепак сега за сега одиме напред со фудбалот и оваа година е дел од УЕФА паралелката, на Академија во Скопје каде што сега тренира и живее, на свои 13 години е веќе самостоен и одговорен .