*Ова лето дефинитивно беше ваше. Се на се,  два хита, три преработки, четири спотови. Кога успеавте да го сработите сето тоа?
-Среќен сум поради сето тоа што се случи, што испадна се добро. Да, навистина беше многу работа, но мене работата ме исполнува, уште повеќе кога и повратниот ефект е позитивен, така што ми дава и нова енергија за понатаму.
*”Роман за нас”, медитеранскиот хит кој дефинитивно ве дигна многу високо, беше примена на “Сплитски  фестивал” . Криво ви е што ситуацијата ве спречи да ја испеете на таа, посакувана, сцена?
-“Роман за нас” ја испратив на конкурсот за  Сплит 2020, одговорот беше дека композицијата е ок, но како би дошол до таму, во периодот на траењето на конкурсот и кај нас и во Хрватска беше целосно затворено се. Така и одговорот беше воздржан од страна на комисијата. Секако дека посакував да настапам на “Сплитскиот фестивал”, чувствував и ја правев песната за тој тип на манифестација, но живи и здрави, никогаш не е доцна за следна прилика.
*И веселата латино “Бенг, бенг” беше музичко освежување ова лето. Најавивте дека во иднина ќе пеете се повеќе свои хитови. Имате во фиока доволен број, кои чекаат да бидат сработени и објавени?
– Со промовирањето на овие две песни, почувствував дека ќе треба да  настапувам со свои композиции. Долги години поради икс причини, јас и многу колеги кај нас настапуваме и заработуваме со изведување на увезена (поретко домашна) музика, што е неизоставно, но сепак е подобро ако се успее да се настапува со свој идентификациски материјал. Секако дека имам уште материјал, на кој работам и се надевам дека ќе допре уште повеќе до сетилата на слушателите.
*По малку необично ни е да ве гледаме сам, секогаш сте во друштво на вашата убава сопруга. Како се снаоѓате овој период со музиката, знаеме дека живи свирки, она по што сте препознатливи, нема со месеци и којзнае уште колку долго ќе нема?
-Да, живи свирки нема подолг период, но сега штотуку почнува да се враќа во нормала и нашава естрада. А, за времето поминато дома, не ми остануваше друго, освен да ги ставам на музичка фрекфенција  идеите кои полесно се раѓа. Се надевам дека наскоро и Јуле ќе го сними својот прв сингл, па повторно заедно ќе не гледа нашата јавност.
*”Никад није касно” . Што велите за оваа позната српска порака, која се најде и како назив на шоуто на  Гранд ТВ каде настапувавте со Јуле изминативе години?
-На шоуто “Никад није касно” ние бевме во првата сезона и првите учесници од Македонија. Тоа беше нов шоу-формат на Град ТВ од Белград, на самиот почеток се уште помалку нејасен. Ни се јави нашиот драг пријател Драган Вучиќ, жалам што не повеќе со нас нашиот Драгче, и вели – би сакале ли со Јуле да одите во Белград, да настапите со песна по ваш избор, “да развалите”, како што тој знаеше да каже. И така се случи се понатаму, на почеток не ни знаевме дека е со етапи. Но сепак беше едно многу позитивно искуство, поголема медиска сцена, силна конкуренција, запознавање пријатели од сите Ју простори, и во Македонија, потоа не запознаа повеќе.
*Во вашето музичко семејство, каде сите сте музичари, образовани и афирмирани, член е и снаaтa Лета Заткоска Маротов, една од најдобрите млади вокалистки. Како автор имате подготвено некоја  песна и за неа?
-За Лена имав песна, која ја искомпонирав уште при доаѓањето кај нас, со наслов “Златни прсти”. Се надевам дека и таа композиција наскоро ќе го види светлото на нашето музичко небо.
*Не сте од музичари кои прават “галама” и свртуваат внимание на себе, но исто така и поретко снимавте досега. Собравте доволно енергија за се, па, што да очекуваме, во рамките на оваа ваква  реалност што ни поминува пред очи?
-Со добро здравје, а истото им го посакувам и на сите наши граѓани,се надевам дека желбата и енергијата која ја имаме, ќе понудиме нови ноти, а на нашите фанови да слушаат добра музика, и да се чуваат.
Валентина Ѓоргиевска Парго