Нова песна осамна со потпис на познатиот автор и пејач Блаж Маротов, која веќе стана и хит на Скај Радио.

По промоција на неговиот поп албум “Среќа барам” , пред само неколку месеци, Маротов паузираше но не за долго- се врати со песната “Нека се вратат времиња златни”.

-Текстот е од господинот Цане Трајчевски, тој ми го даде уште летото, го прочитав и уште на прва ми се виде дека има нешто, па ми дојде и некоја музичка слика, која ја “заклучив” , бидејќи имав други обврски. За да, пред еден месец, кога пак ми се јави Цане и прашува “До каде е песната?”, не знаев што да му одговорам, бидејќи не беше сработена. И така сосема набрзина, ми дојде идеа, да биде весела, да има и дувачи (труби, блех). За моја среќа се доаѓаше спонтано и брзо, така што, за два, три дена веќе ја имав цела песна. Но, уште еден интересен момент, пред да ми дојде конечната идеја, на Цане ништо не му кажував, дури мислев и да му предложам дека ако мора, би ја направил, па би ја отстапил некој друг да ја сними, отпее… Но некако работата брзо се движеше, се склопи аранжманот а со идејата за музичката линија бев задоволен, ни раскажува Маротов.

Најпрво решил да отпее во една работна верзија, и планирал пак да ја преснима за подобро да звучи. Но!

-Направив неколку снимања, на крај се повеќе ми звучеше поинаку, и по неколку преслушувања, заклучи­в дека првото пеење ми е сосема добро, бидејќи секогаш знам дека првите емоции ми се најискрени, и така и беше, така и остана. Ја изработив првата верзија. Кога песната “Нека се вратат времиња златни” беше пред финалното миксање му се јавив на Цане и му велам дека имам нешто во врска со песната, и тој среќен ме прашува: “Кога ќе има барем нешто првично да слушнам?”,  јас го изненадив кажувајќи му дека е готова. Ја слушна, ми се јавува, и навистина и на мое задоволство беше одушевен, а како што подоцна ми кажа и сите пријатели што им ја  пуштил, го делеле истото чувство, биле одушевени и песната многу им се допаднала.  Констатација која ме радува, а морам да признам дека и мене ми е убава, тоа е песна поразлична од мојот стил на пишување, но и начинот на изведба, во еден балкански рок стил,  среќен ни објасна авторот за песната која е веќе хит на радио станиците.

-Со оваа композиција се надевам дека и кај публиката ќе се разбудат пријатни  чувства, емоции за убавите моменти поминати, проживеани во поубави времиња, кои посакуваме, а и зошто да не се вратат?! Да, сите ги сакаме тие убави моменти низ животот, некогаш велиме порано беше подобро, па пак нека биде, а пред нас се празници кои сите сакаме да ги дочекаме во убава атмосфера како некогаш, па и подобро. Во предновогодишната и се уште за жал пандемска атмосфера, нека се весели мојата публика со овие потсетувачки стихови, а и нека очекува и нешто ново, јас веќе сум во ритам и одлично се чувствувам како автор, па може да ја изненадам и со нешто новогодишно, како јаготка на шлагот на оваа за мене преуспешна година на музички план, заклучи и порача познатиот Маротов.