И додека луѓето ширум светот се штитат од коронавирусот со ракавици и медицински маски, оние со подлабоки џебови бараат потреајни и побезбедни решенија.

Богатите луѓе ширум светот купуваат бункери, засолништа што ќе им овозможат да ја преживеат пандемијата. Денешните бункери се полуксузни од кога било, а компаниите што ги градат имаат полни раце работа.

Главниот извршен директор на компанијата „Рајзинг С компани“, Гери Линч, изјави во 2016 година дека интересот за високо-луксузни подземни бункери никогаш не бил поголем, а откако е прогласена пандемијата на коронавирус, неговиот телефон не престанал да ѕвони.

„Имаме повеќе модели на бункери. Најлуксузен е Аристократ, кој има базен, сауна, теретана, зелени површини и гаражи“, рече Линч.

Рон Хабард, директор на „Атлас сурвајвал шелтерс“, рече дека тие промовираат засолништа наречени „Безбеден подрум“, кои ги инсталираат во одреден дел од домот.

„Може да се наоѓа под дневната соба, кујната или гаражата и се состои од безбедна просторија, винарска визба и просторија за оружје“, објасни Хабард.

И додека некои претпочитаат да бидат самите себе, други сметаат дека е поинтересно да се преживее во заедница која нуди искуство слично како во реалниот свет.

Повеќето вакви засолништа можат да сместат неколку стотици луѓе, а вклучуваат намирници за една или повеќе години и имаат хидропонски градини. Дизајнерите за развој, исто така, работат на создавање заедници со членови запознаени со различни вештини потребни за долгорочен опстанок, од лекари до наставници.

Главниот извршен директор на компанијата „Вивос“, Роберт Вичино, вели дека објектите се опремени како мал град и имаат театар, училници, градини, клиника, бањата и теретана. За оние што бараат уште повеќе луксуз, компанијата нуди и „Вивос Европа Еден“, единица претставена како модерна Арка на Ное во поранешен магацин за воена опрема во Германија.

Тој вели дека милиони се заинтересирани за овој вид засолниште, но тој не е сигурен кога ќе се отвори.

„Не ни требаат засолништа од карантини, туку од сè што ќе дојде подоцна. Сè додека има потреба, ќе градиме засолништа. Овој свет нема да стане побезбедно место“, заклучува Вицино.

Припадници на светската елита, како Бил Гејтс, за кој се шпекулира дека има бункери на секој негов имот, бараат бегство од апокалипсата во бункери кои можат да издржат нуклеарен напад, пад на астероиди, војни и пандемии. А.Р.