Тоа што својот музички идол Божидар Николовски,  ” Битолски весник” го награди со годишна награда и го стави на листата на “најуспешни Битолчани”, говори за афирмативниот однос и позитивниот став на Редакцијата кон своите млади сограѓани и нивната светла иднина.
*Честитки за наградата, големото признание на градот Битола кој Ве прогласува за еден од најуспешните млади таленти. Со оглед на тоа што станува збор за едно официјално признание од страна на “Битолски весник” за кое сонуваат многу успешни битолчани со многу, многу голема кариера зад себе, а Вие еве ја имате среќата да го добиете на самиот почеток на Вашата кариера, па може да ни ги пренесите импресиите и значењето на оваа награда за Вас?
-Прво Ви благодарам од срце за искрените честитки, и за тоа што сте со мене уште од самиот почеток на мојата кариера, верувале или не поминаа скоро три години откако се занимавам со јавниот живот, а Вие секогаш бевте тука да ме поддржите и да го испратите секој мој успех, и за тоа сум премногу благодарен. Некој ќе каже секое признание е подеднакво важно, подеднакво драгоцено и подеднакво не прави среќни, јас ќе се согласам со тоа што само ќе додадам дека кога признанието доаѓа од луѓето и од самиот град од кој потекнувате чувството е посебно. Навистина ми е чест и задоволство што со само три години работа успеав да добијам едно вакво признание и неизмерно ми е драго што мојот град и луѓето во него го забележаа мојот труд и мојата работа и ме наградија со едно вакво важно признание. Кога ја добив наградата кажав дека јас сум се уште на почетокот, само што почнав, а ова беше еден одличен потстрек да продолжам да го работам она кое што го работам, да творам, и да се претставувам себе и мојот град во најдобро светло.
*Наградата ја добивате во услови кога се случува една светска пандемија на која што не е имуна ни Македонија и за жал ситуацијата е таква каква што е, ние сме сите ограничени, и самата манифестација верувам дека помина во поскромни услови од минатите години. Но, сепак Вашиот гламур, Вашиот изглед беше она што остави силен впечаток кај публиката која преку социјалните мрежи го проследи овој свечен момент за Вас. Кој се погрижи за Вие да изгледате токму така?
-Самата манифестација требаше да се одржи уште во месец февруари, но тогаш за жал настапи целата збрка со корона вирусот, па следуваше карантинот и затоа манифестацијата се одржа дури сега. Секако се помина во најдобар ред, се беше по протокол кој го наведува Министерството за здравство и сите мерки беа запазени па токму поради тоа овој пат немаше никаква прослава како минатите години, туку овој пат само имаше доделување на овие важни признанија. Како во сите важни прилики, и важни манифестации за изгледот се погрижив самиот јас, се беше моја идеја, моја креација и моја реализација, и навистина ми е драго што наиде на толку позитивни реакции.

*Оваа награда има голема основа со оглед на тоа што веќе неколку години сте млад идол, а Вашата музичка кариера цвета не само во Битола, туку и пошироко. Но редно е да се потсетиме како започна се и колку музички остварувања имате до сега направено коишто наидоа на позитивен одзив кај помладата публика во Битола, а рековме и пошироко. 
Ви благодарам, зад себе имам три свои авторски песни, и три обработени кавери на познати песни. Мојата прва авторска песна го носи насловот “Да си моја” оваа песна беше фестивалска песна, со која што освоив две нагрди на фестивалот Канео фест – Охрид кои беа воедно и мои први награди, втората песна го носи насловот “Свој” која е проследена и со професионален видео запис и поледната моја песна го носи насловот “Лице од инстаграм” која исто така има професионален видео запис. Имам направено и кавер верзии проследени со видео записи и на следните познати песни: “Осамен”,  “Битола мој роден крај” и  “Fly me to the moon”.
*Имате и спот кој го снимивте во Охрид и еве да се потсетиме повторно зошто токму ја одбравте оваа прекрасна туристичка дестинација, дали токму заради тоа што првиот Ваш музички успех и блесок беше во Охрид на “Канео фест” или можеби има и некоја поголема побуда и мотив за тоа?
– Па искрено за снимањето на песната “Свој” го избрав Охрид затоа што тој е еден од моите омилени градови во нашата држава, и исто така сметам дека токму на тие видео записи треба да ги истакнеме и убавините на Македонија која што ги има во изобилство, а секако Охрид е една од најпосетените и според мене најубави туристички дестинации со безброј убавини. Исто така поврзаноста со мојот почеток е една огромна симболика на која што јас не се сетив ама може така да се поврзе и навистина сум среќен за оваа случајност.
*Освен музичката кариера имате и извесна кариера, за наши услови, на модел односно на лице кое презентира и модни трендови и облека и се занимава и со други промотивни активности , па би сакала да ни кажете нешто и за тоа, и како успевате да ги усогласите овие две сценски различни, но сепак работи кои имаат допирна точка едно со друго?
-Така е, покрај музичката кариера се занимавам и со моделинг и со инстаграм. Сето тоа така спонтано започна што јас не бев ни свесен. Отсекогаш сакав да се сликам, да едитирам, да планирам, да комбинирам облека, да пратам модни трендови и така ненадејно се најдов како работам со инстаграм, и заработувам од него. Инстаграм е една одлична можност за сите нас каде можеме да ја изразиме нашата креативност, така што тоа јас го направив, а воедно и ми служи за промоција на мојата музичка кариера. Овие две работи навистина одлично ги усогласувам затоа што неизмерно со љубов ги работам и двете, а исто така и јас сметам дека се тесно поврзани, и дека едното не оди без другото во денешно време каде скоро па се се одвива на социјалните мрежи, кои се воедно и одлична прилика и одличен бесплатен маркетинг за нас јавните личности.
*Бидејќи не само публиката туку и камерата Ве сака, дали размислувате во иднина да се занимавате можеби со телевизиска работа, со телевизиска дејност, со водење телевизиска емисија, некоја која што би го привлекла вниманието на младите и би ги врзала за малиот екран да Ве гледаат и слушаат во некоја шик младинска емисија?
-Пред на започнам да се занимавам со музика јас две и пол години работев како водител така што тоа воопшто не ми е непознато и тоа е исто така нешто кое што многу го сакам, се е некако поврзано. Телевизиската работа исто така многу ме привлекува и јас навистина би сакал, и сум размислувал на тоа поле, и имам веќе подготвувам една своја авторска емисија, но вирусот како стопира се, така и моите планови, но никогаш не се знае, за се има вистинско и право време, така што не сакам да брзам, но навистина би сакал.
*На раскрсница сте за донесување одлука како ќе ја терате вашата иднина, се разбира дека можеби музичкиот талент ќе одигра значајна улога, но можеби имате нешто друго замислено како професија која би ја работеле, па, што би се одлучиле, што би студирале , каде би го продолжиле Вашето образование или евентуално вашето усовршување занает или работа?
-Јас сум веќе студент во трета година на Бизнис академија, каде што студирам бизнис и менаџмент, ми остана уште малку да го звршам факултетот па потоа моите првични планови се да запишам мастер студии за да се доусовршам во таа област, а паралелно да ги водам моите кариери.
*Многу млади заминуваат од Македонија па дали и Вие сте посакале нешто слично или не планирате да ја напуштите Македонија и Битола?
-Ух доста тешко прашање, јас си ја сакам Македонија, но за жал нема многу можности затоа што пазарот ни е доста мал. Што се однесува до заминувањето од Македонија, не знам, не дека немам размислувано за тоа, но сега за сега не планирам такво  нешто, но повторно ќе речам никогаш ништо не се знае.
*Во рамките на овие услови кои во оваа ситуација која ни се случува што планирате барем во догледна иднина?
-Навистина доста тешка ситуација за сите нас, но и ситуација во која имаме доста време за размислување, планирање и творење.  Што се однесува до моите планови додека е оваа вонредна ситуација, плановите ми се да завршувам со факултетот паралелно со тоа да работам со инстаграмот и да осмислувам, пребарувам што и како би било најдобро да се направи како нареден чекор за мојата музичка кариера. И нормално она кое што би требало на сите да ни биде најважно во оваа ситација да останеме здрави и заштитени.
*И повторно се враќаме на музиката, кои се Вашите планови, снимате ли нешто, правите ли песни, компонирате а можеби и самиот нешто пробувате да искомпонирате и направите, кажете ни се за она што претставува во моментот Ваша музичка преокопација?
-Пред да започне короната требаше да одам во Белград за мојата нова песна, но и на тоа се стави пауза, не по моја волја. Што се однесува до компонирањето мојата втора песна “Свој” е половина мое дело така да веќе се испробав и во тоа, зошто не би пробал повторно, за некоја наредна песна. Не можам да кажам кога би излегла мојата наредна песна, но кога и да излезе ќе биде нешто одлично верувам, нешто ново, свежо со нова постава, нова екипа, така што верувам ќе биде одлично!
Валентина Ѓоргиевска Парго