Редок, благопријатен и пред се благороден гест од уметникот Живко Поповски Цветин, беше божиќното дарување на мајките, кои за Божиќните празници се породија во Специјалната болница за гинекологија и акушерство “Мајка Тереза” во Скопје.

Колку бебиња, толку цветови! Уметникот, за сите новороденчиња подари по еден насликан цвет,  дарувани беа и дежурниот доктор Мики Филев, и другите доктори и персоналот на акушерската болница, со цел на весел „цветен начин“ да се одбележи Божиќ и празникот Свети Стефан.

 “Мироносни цвеќиња” за секое новороденчиња кои доаѓаат “како цвет на овој свет” во деновите 7,8 и 9 јануари, е негов знак на одбележување на овие свети денови, кои според библијата го означуваат Раѓањето Христово, а кои уметникот ги поврзува со раѓање на нов живот, и обновување на човештвото, токму преку бебињата кои доаѓаат на свет.

Во подарувањето на нацртаните цвеќиња за сите мајки, без разлика на вера и религија, му асистираше и Михаил, едно од децата кои на овој свет дошле токму во оваа акушерска болница.

Цветин, првата своја ваква дарувачко-уметничка мисија на истото место ја имал 2003 година, кога таму се родил неговиот внук Андреј. Тогаш, во акушерската болница ја прикажал својата  изложба “Цвеќе на радоста, љубовта” , но вреди да споменеме дека и неколкупати потоа, подарувал мироносни цвеќиња нацртани од неговите раце..

Над 60  мироносни Божиќни цвеќиња за новороденчиња подарени овој пат,  за познатиот уметник и хуманист значат и израз на радост од нивното раѓање и мотив да се пренесе порака за радост, верба и љубов меѓу луѓето, и долговечност на генерациите кои доаѓаат.

Настанот беше во организација на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции “Гороцвет”.