Активирање на планот за дополнителни сместувачки капацитети за пациенти со корона, дополнителни пунктови и зголем број тестови во Скопје, како и доследно почитување на мерките и избегнување на непотребно движење поради широка распорстранетост на вирусот во моментов, се клучните пораки од денешната прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче.

-Во последните неколку недели има експлозија а вирусот, како кај нас така и во регионот и цела Европа, во извештајот на СЗО во последната недела е забележан раст од 46 проценти на смртни случаи од коронавирус во споредба со претходната недела, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека и кај нас како и во регионот со растечките бројки на заболени најголем предизвик е бројот на сместувачки капацитети и болнички кревети, и преморен и дефицитарен кадар.

Иако според статистиките околу 7 проценти од заболените завршуваат во болница, во моментов 890 лица од 12762 активните случаи се на болничко лекување, поради брзо пополнување на болничките капаците, активиран е план за дополнителни капацитети. Целата зграда за интерни болести ќе биде наменета за пациенти со Ковид-19, рече Филипче, додавајќи дека нема да се поремети работата на клиниките. Тој посочи дека откако ќе се исполнат и местата на кожната клиника и на неврологија, клиниките за гастроентерохепатологија, рентгенологија, нефрологија, уво, нос и грло, и очни болести ќе се адаптираат за прием на пациенти со Ковид-19.

Голем е притисокот на службите за брза помош, и веќе од утре ќе се работи согласно дополнителните сместувачки капацитети, а зголемен е капацитетот на тестирање од идната недела за плус 500 на територијата на Скопје.

-Есенскиот бран освен во болниците, го зголеми притисокот кон пунктовите на тестирање. Ние веќе го зголемивме капацитетот, во моментов на располагање има три илјади тестови дневно, и сега ги вклучивме брзите тестови. Отвораме дополнителни шест пункта од понеделник, што ќе значи дополнителни 500 термини почнувајќи од понеделник. Станува збор за тестови само за градот Скопје, рече Филипче, додавајќи дека од вторник ќе започне и вакцинацијата за грип.

Министерот за здравство уште еднаш апелираше на сериозна одговорност и мобилизираност од страна на граѓаните бидејќи како што рече состојбата е крајно сериозна, и нужно е граѓаните максимално да ги почитуваат мерките.

-Состојбата е крајно сериозна, здравствениот систем е максимално мобилизиран да одговори на предизвикот. Сакам да се заглагодарам на сите здравствени работници за надчовечките напори во моментов. Знам дека се преморени, но верувам дека ќе одговориме на овој огромен здравствен предизвик, рече Филипче.

Како што посочи, за да се избориме со вирусот, потребна е поддршка од сите, од медиумите, од граѓаните и клучно во битката е доследно почитување и придржување до мерките.

-Вирусот е широко распространет, и најмало невнимание може да значи инфекција. Имаме одлични мерки, и на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести заклучивме дека дополнителни мерки, дополнителни рестрикции не треба да се прават во моментов, посочи Филипче и упати апел до граѓаните да не излегуваат од дома ако немаат потреба. А.Р.