Напаѓач околу полноќ фрли бомба врз Амбасадата на САД во Црна Гора, за непосредно потоа да се разнесе со друга експлозивна направа пред дипломатското претставништво, јавуваат медиумите во Подгорица. Полицијата работи на идентификување на напаѓачот, а „Вијести“ пишува дека постои сомневање дека се работи за Далибор Јауковиќ кој живеел во Подгорица, а е роден во Краљево.

Од управата на полицијата рекле дека се работи за рачна бомба – кашикара, пренесе порталот ЦДМ. Ројтерс објави дека жителите слушнале две експлозии.

Непознатиот напаѓач непосредно пред самоубиството од крстосницата кај Спортскиот центар во кругот на амбасадата фрлил бомба. Зградата на амбасадата не е оштетена. Официјални лица на Полициската дирекција на МВР на Црна Гора работат на идентификување на напаѓачот.

„Полицијата интензивно работи на расветлување на настаните“, се вели во соопштението на  црногорското МВР што го објави Танјуг.

Црногорската влада рано утринава потврди дека непознат напаѓач околу полноќ фрлил рачна бомба врз американската амбасада во Подгорица, а потоа се самоубил со активирање на друга експлозивна направа.

Американската амбасада ги предупреди граѓаните на САД за да ја избегнуваат областа поради „активната безбедносна ситуација“. Судејќи според се, како што пренесуваат медиумите, никој друг не бил повреден и не била предизвикана материјална штета. Во оваа прилика, Стејт департментот во Вашингтон објави дека Американската амбасада „во моментов врши внатрешна проверка за да ја потврди безбедноста на својот персонал“, објави АП.

Потсекретарот на Стејт департментот, Стив Голдстин, според „Њујорк тајмс“, рекол дека очевидци виделе човек кој фрла нешто над ѕидот на амбасадата. Весникот вели дека никој во амбасадата не бил повреден.

„Си-Ен-Ен“ објави дека Голдстин рекол оти бомбата веројатно експлодирала во воздухот, и дека телото на напаѓачот било пронајдено околу 30 метри од ѕидот на амбасадата. Тој додал дека безбедносните претставници во амбасадата го пребарале местото и не пронашле други експлозивни направи и дека зградата не била оштетена во нападот. Голдстин истакнал дека мотивот на нападот е непознат.