Вјоса Османи претседателка на Косово Фото REUTERS-Laura Hasani

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и го честиташе изборот на Вјоса Османи за претседателка на Косово и повика на продолжување на реформите и дијалогот со Белград.

„ЕУ продолжува да го поддржува Косово на патот кон европската интеграција. „Со новите институции, Косово сега може цврсто да се фокусира на неопходните реформи и дијалог со посредство на ЕУ“, напиша Борел синоќа на Твитер.

До новата претседателка на Косово синоќа честитки одвоено испратија амбасадорите на земјите од големата петорка – САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, како и претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.

Вјоса Османи беше избрана за нова претседателка на Косово во третиот круг на гласање, бидејќи во првите два круга никој од кандидатите не ги доби потребните 80 гласа. Во третиот круг беа потребни најмалку 61 глас за избор на претседател. За Вјоса Османи гласаа 71 пратеник. А.Р.