Првиот училишен ден прв пат не е онаков каков што го знаеме. Па дури и книжарниците се празни, никој не купува тетратки и  училишен прибор. Но, улиците цел ден се раздвижени, како во Скопје, така и низ државава.  Причината е што во повеќе македонски градови денеска наместо на првиот школски час учениците се одлучија да одржат протести и бојкот на онлајн наставата, со барања во нивните училишта да се овозможи учење со физичко присуство.

Во Струга, средношколци од двете средни училишта, „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ организираа протестен марш до општинската зграда, побараа да се вратат во училишните клупи бидејќи се против изведување на онлајн настава. Тие најавија дека ќе продолжат да ја бојкотираат онлајн наставата, како и дека ќе одржуваат протести и следните денови.

И во Тетово, дел од средношколците  се одлучија за бојкот на онлајн наставата и протестираа пред гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. И тие сакаат да следат настава со физичко присуство, а предупредија и дека во наредните денови нема да учествуваат на наставата преку интернет.

Бојкот на настава имаше и меѓу средношколците од Дебар, а родители на деца од основно училиште во Македонска Каменица и од селото Миравци протестираа против онлајн наставата.

Оние кои не протестираа се обидоа да се приклучат, но неуспешно за најголем број од нив. Најмалите успеаја да се видат меѓу себе, но не и да ја слушнат одделенската наставничка. Имено, проблемот е со преоптовареноста на интернетот во училиштата и наставниците, барем денеска, во најчест случај не успеаја да се слушнат и видат со децата кои следат онлајн настава. Но, утре е нов училишен ден!

А.Н.