четврток, април 25, 2024
домаЖивотБРАЌАТА КОВИЛОСКИ НА ХИПХОП АЏИЛАК ВО ЊУЈОРК: Пешачевме по триесетина километри дневно, исцрпени,...

БРАЌАТА КОВИЛОСКИ НА ХИПХОП АЏИЛАК ВО ЊУЈОРК: Пешачевме по триесетина километри дневно, исцрпени, но и пресреќни…

Валентина Ѓоргиевска Парго 
 

Македонската публика, официјално, во рамките на годинешниот фестивал за филм “Синедејс”, во убав амбиент на отворено во Ибни Пајко, го проследи филмот “Њујорк: Аџилак”, за двајцата браќа Ковилоски, Александар и Славчо и нивното патување на точно посакуваната одредница.

Драг д-р Славчо, доби ли аџилакот свој среќен крај на патувањето?

-Ми се допадна амбиентот што го понуди отворениот простор во Ибни Пајко и вниманието на организаторите кон македонската премиера на филмот. На македонската премиера, макар и во време на пандемија атмосферата беше одлична, луѓето позитивни, а ние живи и здрави. Што да посакаме повеќе?
 
Интересна репортажа, Во која на левтерен начин и без многу натрупани информации, давате опис на почетоците на хип-хопот. Што ве водеше низ  сценариото? 
-Мило ми е што така мислите, тоа беше и целта. Едноставно сакавме да дадеме наше видување за Њујорк, како светска престолнина на хип-хопот и да направиме споредба со Скопје, со македонската сцена. Најважно беше да не ја оптоваруваме приказната со премногу детали кои би можеле да ја заморуваат публиката. На крајот на краиштата, не се сите хип-хопери, па премногу информации за кратко време би можеле да делуваат контрапродуктивно.
 
Имавте доволно материјал за да имате и доволно главоболки што да влезе а што да отфрлите од конечната верзија на филмот? Впрочем, секоја секунда помината во Њујорк е драгоцена и поинаква. 

-За да може да се презентира слика на Њујорк онака како што ни беше замислата снимиме материјал кој не се брои “со саати”, туку со денови (ха-ха). Колку е добро, толку е и лошо, бидејќи понекогаш тоа значи дека треба да се исфрлат парчиња кои исто така се интересни, како на пример оние од „Њујоркан поетс кафе“. Првата верзија на филмот беше преку еден час. Потоа, како што се вели, кратевме, сечевме и лепевме за да дојдеме до 40 минути. Тој процес не е лесен, можеби затоа на постпродукцијата работевме повеќе од две години.
 
Местата кои ги посетите и снимавте се најголемите точки на тој град, кој всушност е своја планета на Планетава. Колку денови ви беа потребни да го прошетката сето тоа? 

-Сосема Ви е на место забелешката дека Њујорк е своја планета на Планетава. Останавме подолго време, но ми се чини дека бројот на деновите не се толку важни, колку што е важен интензитетот на дожувувањата и чувствата предизвикани од самиот град. За да стигнеме до некои подалечни места од градот користевме метро, но најважното беше да пропешачиме најмногу што можевме. Пешачевме по триесетина километри дневно. Бевме исцрпени, но задоволни, да не кажам пресреќни.
 
Денес е време на масовна комуникација, сторивте ли напор да стигнете со некоја од големите хипхоп ѕвезди кои се актуелни? 

-Со некои од нив веќе одамна имаме остварено соработка. Не само со хип-хоп музичари, туку и со хип-хоп теоретичари, активисти, слемери, актери. Како дел од групата „Клан Исток“ и организацијата „Хип Хоп Македонија“ сме биле предгрупа на Busta Rhymes, Jeru The Damaja, на RZA од Wu Tang Clan, Coolio, сме имале соработка со професорите и теоретичари на хип-хопот Триша Роуз, Мајра Браун, Ракел Ривера, а блчиски контакти одржуваме со Карлос Андес Гомез еден од најпознатите американски и њујоршки слем поети и актер, особено познат по настапот во Inside Man на Спајк Ли.
 
Неосетно начнувате и една многу суштинска тема, црно-бела тема за дискриминација и њујоршка класна разлика, голема колку од овде до хоризонтот. Навистина тоа е толку воочливо на прв поглед? 
-Ние ја забележавме веднаш. Можеби бевме сконцентрирани на тој дел, но се забележува уште при самото пристигнување на аеродротот ЏФК во Њујорк. Забележливи се уште повеќе тие разлики во раса и класа понеколкудневен престој во градот, почнувајќи од градежните работници, уличните продавачи на переци и хот-дог, до музеите и уметничките галерии. Да не ме разберете погрешно, така е секаде во светот, видете го само Париз со околните населби, но и под самата Ајфелова кула, кој продава переци, ладни напитоци и магнети. Тоа е во самата основа на капитализмот, тука не се виновни само индивидуалци, таква е поставеноста на системот.
 
Бронкс. Некогаш важеше за место на кое ти е страв да припариш, не па да прошеташ слободно. 

-Слична реченица употребуваме во делот кој се однесува на Харлем. Сепак, во делови на Харлем денес е започнат процес на гентрификација, односно обновување на руинираните објекти. Уличните пазари и “бувљаците” неодоливо ни заликуваа на скопските Бит-Пазар и Шутка, па во еден момент се почувствувавме и како дома. Инаку, навистина има делови од Њујорк кои апсолутно не се препорачува да ги посетуваат туристи, но во незнаење евентуално човек може да заскита и да се најде во непријатна ситуација. Но, ќе потенцирам, ако сакате да се чувствувате безбедни, тогаш седете си дома. Њујорк е град со предизвици и ако не сте подготвени да ги прифатите, останете на Менхетен, исклучиво во Даунтаун или Аптаун. Но така нема да ја добиете вистинската слика на градот. Да бидам искрен, најголемиот предизвик за мене беше посетата на населбата Бедфорд-Стеивесент во Бруклин. Во разговор со еден таксист, патем Афро-американец, ни рече дека кога ќе го повикаат да оди таму, тој одбивал, па затоа беше зачуден што двајца белци, туристи, европејци, отишле таму сами и без придружба. Ни вели: „Вие или сте е**но луди или сте премногу храбри“. Му рековме, не се секирај, познато ни е, ние сме од Балканот (ха-ха).
 
Хипхопот дефинитивно е човечка револуција, првата и жолчна  музичка  побуна за човекови права. Во филмот ги спомнувате и Баста Рајмс и славниот Тупак и други… Денес хип-хопот е мек и умилкувачки, напати за пеперутки, кај нас некои хипхоп текстови се како за шлагери. Каква е таа “еволуција” односно трансформација од силна побуна до тивка нежност? 

-Во 1999 година основавме Хип Хоп Македонија, а од 2005 година започнавме со предавања за хип-хопот низ повеќе средни училишта, културни центри, факултети, научни институции итн. На сите тие предавања ги потенцираме развојните фази на хип-хоп културата до денес. И секогаш нагласуваме дека хип-хопот е култура за јавно и јасно искажување на своите ставови, без разлика дали се политички, религиозни, економски, уметнички. Таа улога на бунт, на борба за човекови права, на раскажување приказни, на енергичност, изврши толку големо влијание во самиот систем на западниот свет, што големите корпорации го оценија како можност за заработка. Нивното етапно навлегување во хип-хоп културата од крајот на 20 и почетокот на 21 век значеше олабавување на ритмите и лириките поврзани со социјални содржини и нивно насочување кон создавање на поп продукт во кој требаше да се препознае младата публика. Значи, станува збор за индустрии од областа на модата, на музиката, филмот, на кои тешко може да се одолее со оглед на нивната финансиска моќ. Во моментот кога големите белечки корпорации влегоа во светот на хип-хопот со намера да прават бизнис и пари, а не да го слушаат самиот импулс на хип-хоп културата, се случија овие ср*ња што се случуваат денес.
 
Во однос на претходното прашање, дали можеби хипхоперите со својот бунт и револт што го носат најчесто се притискани и репресирани  од системот? Секаде или веќе никаде? 

-Ова прашање заслужува мошне долг одговор и мило ми е што го поставивте. Сепак, невозможно е да се одговори едноставно во ограничен простор и време. Ние на него сме посветувале цели поглавја во нашите три книги поврзани со хип-хопот. Станува збор за невидлив круг на репресирани и репресирачи, кои одвреме-навреме си ги менуваат улогите. Токму поради тоа денес се и расните демонстрации во САД. И за време на нашата посета во Њујорк бевме сведоци на демонстрации по повод убиства на Афро-Американци. Тоа го прикажавме и во документарниот филм.
 
Песната која ја рапувате ја препознав, но не сте познати кај пошироката публика, велам, а сега со филмот излегувате од таа рамка. Забележав доволен број публика, значи познати сте во тој свет. Што имате снимено досега?

-Ние како организација Хип Хоп Македонија, група Клан Исток и како поединци веќе изградивме препознатлив имиџ. Тука влегуваат сопствено студио, повеќе музички албуми, предавања за хип-хоп културата, три книги за хип-хопот, колумни на разно-разни сајтови, голем број предавања и дискусии на оваа тема и специјален фељтон по повод 40 години од појавата на првата хип-хоп песна во 2019 година, во повеќе продолженија на страниците на весникот „Нова Македонија“. Да не го заборавам и документарниот филм за историјата на амкедонскиот хип-хоп „Сложувалка“. Филмот во 2015 година од Македонските алтернативни награди беше прогласен за најдобар македонски документарец, а доби специјална награда и на белградскиот фестивал Док’н’Ритам за уметничка искреност. Јас како професор на Културолошките студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот Св. Кирил и Методиј предавам предмет Супкултура во која хип-хопот има централно место, со што хип-хоп културата влезе и во високите академски кругови. Верувам дека никој во Македонија, на Балканот и во источна Европа воопшто нема направено толку многу за промоција на хип-хоп културата.
 
За филмот, би коментирала само погледнато ” низ објектив на гледач”. Филмските стручњаци сигурно ќе најдат забелешка за монтажа, режија, сценарио, поента, барем така претпоставувам јас, може грешам, не сум стручна во таа област . Но, интересно е навистина колку привлечна освежителна репортажа сте направиле со суштински прашања и паралели за таму и овде. Тоа чини. Како се снајдовте со финансии? Со патувањето..

-Всушност, за сценариото и монтажата ги добивме најголемите честитки од филмските работници и од публиката, што особено нè радува. На музичкиот дел се посвети максимално внимание за да може да ги долови сликите и сцените од различни квартови и епохи во развојот на хип-хопот, а климањето на главите на публиката значеше дека е полн погодок. Инаку, патувањето во Њујорк се реализираше во рамките на проектот Hip Hop Made in Macedonia за презентација на македонската хип-хоп култура во САД. Опремата и целиот процес на снимање и постпродукција, луѓето ангажирани на филмот, сето тоа е направено од љубов.
 
Се заблагодаривте на повеќе луѓе. Како тие ве помогнаа? 

-На различни начини. Директно и индиректно. Со самото тоа што нè поддржале во нашата работа. Кога во некои денови сосема ќе излезеш од колосек понекогаш е доволен само добар збор за да се вратиш на вистинскиот пат.
 
Аџилакот славно заврши, на Синедејс. Ама, продолжува и на други фестивали. Кои се тие? 

-При претставувањето на филмот, уште на почетокот пред проекцијата, двајца од екипата што работеа на него најавивме дека светска премиера имаше на ДОРФ Фестивалот во Хрватска, а дека следната недела е закажана проекција на ДОК’н’РИТАМ Фестивалот во Србија. Во тек се преговори за прикажување на филмот на повеќе места. Веќе остваривме контакти со повеќе европски филмски фестивали и неколку од Азија. Времето е такво што нè дозволува да бидеме физички присутни на сите проекции, па мораме да се адаптираме на ситуацијата.
 
Честитки за сиот овој успех. Генерално, во која насока ќе се одвиваат  вашите следни планови? 

-Засега ќе продолжиме со активностите со документарниот филм. Обврските за негова промоција продолжуваат и понатаму. Станува збор за процес кој бара време и енергија за филмот да дојде до што повеќе луѓе. Слични беа обврските и со претходниот документарец на кој работевме „Сложувалка“ од 2015 година, така е и сега. Во секој случај, веќе имаме 2-3 идеи за следни документарни проекти што треба да бидат сосема поразлични од сè што сме работеле досега.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ