Граѓаните на Англија ќе имаат пристап до бесплатно тестирање на коронавирус двапати неделно, објави денеска британската влада. Бесплатно брзо тестирање досега беше достапно само за најранливите групи во пандемијата на коронавирус.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека тестирањето е многу потребно за да не се загрози досегашниот успех на британската кампања за имунизација и постепеното олеснување на мерките.

„Како што продолжуваме да напредуваме со вакцинацијата, со нашиот план за внимателно олеснување на тековните мерки, редовното брзо тестирање е уште поважно за да се осигураме дека напорите не се залудни“, рече Џонсон.

„Затоа сега нудиме бесплатни брзи тестови за сите во Англија, за да можеме повторно да ги видиме најблиските и да правиме работи во кои уживаме“, најави британскиот премиер.

Компаниите со над 10 вработени ќе можат да бараат брзи тестови за своите работници, а редовното тестирање продолжува и во училиштата. Поединци ќе можат да тестираат во локалните центри за тестирање или да нарачаат тест на нивната домашна адреса.

Велика Британија досега вакцинираше повеќе од половина од возрасните со „Астра Зенека“ и „Фајзер“, а отворањето на училиштата во март не доведе до зголемување на инфекциите.

Џонсон во понеделник треба да ги претстави плановите за започнување на туризмот и новите правила за влез во земјата.

Додека поголемиот дел од Европа повторно се затвора поради зголемувањето на инфекциите со коронавирус, британскиот премиер треба да претстави новости за планот за постепено олеснување на мерките во наредните месеци.

Велика Британија е тешко погодено од пандемијата и со скоро 127.000 жртви на коронавирус, е петта земја по смртоност во светот, зад САД, Бразил, Русија и Индија. А.Н.