четврток, април 25, 2024
домаНасловнаБројни посетители на промоцијата на „Македонска сага“ во МКЦ

Бројни посетители на промоцијата на „Македонска сага“ во МКЦ

„Новото дело на Сунчица Уневска е книга која претставува вреден документ, трага и меморија на едно време, на еден период од македонската кинематографија. Оваа книга ќе остане трајно сведоштво за филмското творештво во изминативе триесетина години“, изјави еден од промоторите Емил Крстевски. Ана Анастасовска

Во саботата (18 јануари) во МКЦ во киното „Фросина“, во присуство на бројни љубители на уметноста, како и на претставници на медиумите, на јавната и на културната сцена, се одржа промоцијата на новата книга за филмот, која е насловена „Македонска сага“, а чиј автор е новинарката и филмска критичарка Сунчица Уневска. Како што веќе се знае, ова е втора книга со рецензии на Сунчица Уневска, само додека првата беше поделена тематски и го опфаќаше интернационалниот филм, ова е книга која за првпат се осврнува на периодот на независната македонска продукција односно на т.н. современ филм и ги опфаќа филмовите направени во нашата земја од нејзиното осамостојување.

„Пред нас е најновото печатено дело на издавачката куќа ‘Аквариус’ во едицијата ‘Нови визии’, во авторство на новинарката и филмска критичарка, една од поактивните членови на Меѓународното здружение на филмските критичари „Фипресци“, Сунчица Уневска, ‘Македонска сага’, во кое таа со своите критики, огледи, коментари и согледувања длабински и многу умешно допира до дамарот на 45 македонски филмски продукции и потсетува на времето минато, но и на времето сегашно. Некои филмски наслови ги бев заборавила, некои ми беа останале ever green, но како и да е, ова издание претставува извонредно корисна литература за секој граѓанин, за историјата на македонската критичка мисла, за македонската кинематографија, да не ги споменувам младите критичари, па дури и повозрасните, но и студентите“, изјави филмската критичарка Гена Теодосиевска, која беше еден од промоторите на ова издание. Според неа, Уневска ненаметливо, но како своевидна мисија е поборник на родовата еднаквост во филмската индустрија и тоа е една од одликите на нејзините селекции.„Она што особено ми се допаѓа во нејзините текстови, а сега од дистанца на повеќе од две декади и мислам дека е многу потребно во контекст на историјата на филмската критиката и повеќекратно едукативно, е сублиматот на елементи и назнаки како на општествено-политичкиот, економскиот, а особено социо-културолошкиот моментум во кој таа критика е напишана. Текстот не е само за тој филм, туку и за сите нас во тој определен период. Затоа овие изданија се значајни, скапоцени, бидејќи се сведоци на нашето однесување во културолошки контекст, во еден означен временски период“.

Сунчица Уневска во својата книга прави избор на 45 македонски филма снимени во периодот од 1993 година па сè до денес, при што се води од два критериума: да се работи за македонски автор и за доминантно македонска тема. Но, освен рецензии, таа прави и избор на новинарски написи за филмот во истиот тој период кои зборуваат за контекстот на времето во кое филмовите се создавани и за сите турбуленции што го обележуваат тој период во филмската дејност кај нас.

Познатиот новинар Емил Крстевски, кој исто така беше промотор на изданието рече: „Култниот режисер, Луис Буњуел во својата книга мемоари ‘Мојот последен здив’, во која зборува за својот живот и за своето богато творештво, на почетокот раскажува за значењето на меморијата и за помнењето на она што се случило. Тој вели дека губењето на меморијата е почеток на нашето целосно исчезнување, зашто помнењето го сочинува целиот наш живот. Буњуел пишува дека помнењето е наша поврзаност, наш разум, наше дело, наша свест и дека без него ние сме ништо. Ова го споменувам зашто книгата филмски критики ‘Македонска сага’ на Сунчица Уневска е книга која претставува вреден документ, трага и меморија на едно време, на еден период од македонската кинематографија. Оваа книга ќе остане трајно сведоштво за филмското творештво во изминативе триесеттина години“.

„Вистината, вели Крстевски, треба да ја има во секое уметничко дело, во секој филм. Но, потрагата по вистината воопшто не е едноставна и како никогаш да не завршува. Очекувам и посакувам секој да ја бара вистината онаму каде што таа чека да биде откриена – во филмовите, во текстовите на Сунчица, во кои речиси секогаш може да го пронајдеме и да го потврдиме нашиот интерес за уметноста, нашиот копнеж за оптимизам, желбата да се пронајде сопствениот мир, како и да се потенцира вечното прашање за значењето и смислата на нашето опстојување во современиот свет.“
„Македонска сага“ беше промовирана со поддршка и со помош на Младинскиот културен центар и тоа во рамките на нивната програма, насловена „Роденден“, со која веќе неколку години на 18 јануари го одбележуваат Меѓународниот ден на уметноста. Тој ден полн со културни настани, во чиј концепт беше и книгата на Сунчица Уневска, беше навистина голем празник на уметноста и културата кој донесе интересни содржини и привлече бројна публика. Инаку, „Македонска сага“, која е поддржана од Министерството за култура, веќе може да се најде низ книжарниците во Скопје.

RELATED ARTICLES

Most Popular