четврток, април 25, 2024
домаБројот на жртвите во земјотресот во Турција и Сирија надмина 11.200 лица

Бројот на жртвите во земјотресот во Турција и Сирија надмина 11.200 лица

Бројот на загинати во земјотресот што ги погоди Турција и Сирија се искачи на повеќе од 11.200, според најновите официјални извештаи објавени денеска, пренесе БЕТА. Само во Турција бројот на загинати достигна 8.574, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој дојде во градот Караманмарас, епицентарот на земјотресот. Во Сирија од урнатините се извлечени 2.662 тела.

Силниот земјотрес ги погоди двете земји во понеделникот, проследен со бројни последователни потреси. Исцрпените спасувачки тимови работеа во текот на ноќта во двете земји за да бараат знаци на живот во урнатините на илјадници згради уништени од разорниот земјотрес. Ердоган го посети шаторскиот град во Караманмарас каде се сместени луѓето кои ги напуштиле своите домови. Тој призна дека на почетокот имало неуспеси, но вети дека никој нема да остане на улица.

Спасувачките тимови од повеќе од дваесет земји им се придружија на локалните тимови, а ветувањата за помош пристигнуваат од целиот свет. Сепак, размерите на разурнувањата од земјотресот со јачина од 7,8 степени и неговите силни последователни потреси се толку огромни и распространети на толку голема површина, вклучувајќи ги и областите изолирани за време на актуелната граѓанска војна во Сирија, што многумина сè уште чекаат да пристигне помош.

Во турскиот град Малатија, телата лежат рамо до рамо на земја, покриени со ќебиња, додека спасувачите чекаат погребални возила да ги земат, изјави поранешниот новинар Озел Пикал, кој ги виде телата како се извлекуваат од уништената зграда. Пикал, кој учествуваше во спасувачките операции, рече дека верува оти барем некои од жртвите починале од студ бидејќи температурите паднале под шест степени Целзиусови.

„Денес не е пријатен ден, бидејќи од денеска нема повеќе надеж во Малатија. Никој нема да излезе жив од урнатините“, изјави тој за АП во телефонски разговор.

Тој рече дека во областа каде што се наоѓа има недостиг од спасувачи, а студот ги отежнува спасувачките операции за волонтерите и владините тимови. Затворените патишта и штетите во регионот исто така го отежнуваат движењето и пристапот. Тој рече дека не можеле ништо да кренат со раце поради студот и дека се потребни машини.

Со илјадници уништени згради, не е јасно колку луѓе се уште се заробени под урнатините. Телото на тригодишното момче Ариф Кан денеска беше извлечено од урнатините на станбена зграда во Караманмарас, град недалеку од епицентарот, речиси два дена по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди југоисточна Турција и северна Сирија. Таткото на момчето, кој претходно бил спасен, плачел додека неговиот син бил извлекуван од урнатините и префрлен во брза помош.

Репортер на турската телевизија рече дека името на надежта во Караманмарас сега е Ариф Кан и дека драматичното спасување на момчето било прикажано во живо на националната телевизија. Неколку часа подоцна, спасувачите извлекоа 10-годишно девојче од урнатините на нејзиниот дом во градот Адијаман под аплауз на присутните.

За жал, ваквите приказни стануваат се поретки два дена откако земјотресот урна илјадници згради, а спасувачите работат на екстремно студено време и со постојани последователни потреси кои го отежнуваат спасувањето. Бидејќи уништувањето е широко распространето и зафаќа бројни градови и населени места, од кои некои се изолирани од сириската војна, гласовите под купиштата бетон замолкнаа, а очајот почна да расте кај оние што сè уште чекаат помош.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ