Корона вирусот не се смирува. Имено, државите ширум Европа забележаа пораст на бројот на новозаразени кога ги укинаа рестриктивните мерки. Сепак, новата состојба ги натера државите да воведат нови регулативи за да го спречат ширењето на коронавирусот.

Податоците што доаѓаат се алармантни. Имено, Франција бележи најголем број новозаразени лица од крајот на март, бидејќи ги попушти рестриктивните мерки. Бројот на заразени лица исто така расте во Шпанија, а во последните 24 часа се откриени дури 3.349 нови случаи на корона вирус, од кои повеќе од 1.000 се во Мадрид.

Некои европски земји, како Грција, Франција, Унгарија, Австрија, Малта, Словенија и Хрватска, забележале пораст од дури 70 проценти заразени меѓу 10-ти и 16-ти август, покажуваат податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Според „Скај њуз“ најдраматичен скок забележала Хрватска, бидејќи бројот на заразени лица се зголемил за дури 174 проценти. Имено, просекот скокна од 7,8 случаи на 100 000 жители, а сега изнесува 21,5 заразени на 100 000 жители. Словенија исто така забележа драстично зголемување на бројот на новозаразени за 102,6 проценти. Со други зборови, просекот во таа земја се зголеми од 3,7 на 7,4 случаи на 100.000 жители.

Данска, Швајцарија, Италија и Норвешка забележаа пораст на новозаразените меѓу 46,9 и 59,4 проценти.

Италија беше земја најтешко погодена од коронавирусот во Европа, но успеа да го доведе овој вирус под контрола во последните два месеци. Треба да се напомене дека италијанските власти воведоа построги мерки бидејќи бројот на заразени на дневна основа се зголеми за 46,9 проценти. Во последните 24 часа откриени се 845 нови случаи на корона, што е рекорден број, бидејќи мерките беа опуштени на почетокот на јуни.

Германија се сметаше за една од земјите што реагираа најдобро на пандемијата на коронавирус, но во последниве денови бележи и зголемување на бројот на заразени лица. Германските власти објавија дека вчера се откриени 1.707 новозаразени лица, што е најголем број од 26 април.

Еден ден порано, во Германија се регистрирани 1.510 случаи на инфекција, а канцеларката Ангела Меркел ги повика граѓаните во вторникот да се придржуваат кон воведените правила со цел да се сузбие коронавирусот, како што е носење маски. А.Н.