Патувањето меѓу Бугарија и Србија, и меѓу Бугарија и Грција ќе биде можно без карантин од 1 јуни, што било договорено на видео конференцијата на лидерите на Бугарија, Србија, Грција и Романија, соопшти денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Како што рече Борисов, патниците само ќе треба да пополнат билатерална декларација дека немаат симптоми на КОВИД-19, дека не биле во карантин во нивната земја, дека се согласуваат да патуваат на сопствен ризик и дека ќе остават телефон за контакт, јави БТА.

Борисов рече дека се надева оти романскиот парламент ќе донесе слична одлука, со оглед дека владата на земјата поднесе оставка.

Видео-конференцијата на четирите земји се одржа на иницијатива на Борисов, а на неа учествуваа претседателот на Србија, Александар Вушиќ, премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и премиерот на Романија, Лудовик Орбан.

Тие разговараа и за мерките за олеснување на патувањето и продолжување на размената на туристите без здравствени ризици за луѓето. Според бугарската агенција, на состанокот присуствувале министрите за внатрешни работи и надворешни работи, туризам, здравство и транспорт на четирите држави.

Борисов додаде дека лидерите на четирите држави ќе се состанат лично на 1 јуни во Варна на Црното Море. А.Р.