Работниците во фабриката на „Фајзер“ во Мичиген во недела рано наутро ги испратија првите пратки од нивната вакцина против Ковид-19, со што започна најголемата и најсложената дистрибуција на вакцини во историјата на САД.

Дозите на вакцини од „Фајзер“ и нејзиниот партнер, германски „БиоНТех“, за кои американската регулаторна агенција издаде одобрение во петокот, ќе бидат дистрибуирани на 145 локации во понеделник, изјави генералот Густав Перна во саботата за медиумите.

Останатите 635 локации за испорака избрани од американските држави и територии ќе добијат дози во вторник и среда, рече тој.

Регулаторите на САД се обидуваат да ги уверат Американците дека процесот на одобрување на вакцините не е спроведен на штета на безбедноста.

„Работевме брзо поради напливот предизвикан од пандемијата, а не поради каков било надворешен притисок“, рече американскиот комесар за администрација за храна и лекови Стивен Хан на прес-конференција претходно во саботата.

САД во петокот вечерта одобрија итна употреба на вакцината за оние над 16 години. Според клиничките испитувања, вакцината е 95 проценти ефикасна во спречување на КОВИД-19. Тоа е првата одобрена вакцина во САД, каде 295.000 луѓе починаа поради инфекција со коронавирус. Велика Британија, Канада и три други земји веќе ја одобрија вакцината на американски „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „БиоНТех“.

Првите 2,9 милиони дози се очекува да излезат од лабораториите на „Фајзер“ во наредните денови. Во првиот бран на вакцинација во декември, главните приматели треба да бидат здравствени работници и постари граѓани, а во јануари и други категории граѓани ќе можат да аплицираат за вакцинација.

Во понеделник, како што дознава „Хина“, а пренесува „Дневник.хр“, ќе бидат вакцинирани припадници на вооружените сили на САД, кои во голем број доброволно се согласија да бидат вакцинирани.

Телевизиските снимки од лабораторијата на „Фајзер“ во Каламазу покажуваат дека работниците вадат кутии со вакцини од замрзнувачите и ги ставаат во големи сини ладилници пред да бидат обележани кутиите. Со силен аплауз, работниците го придружуваа пренесувањето на првите кутии до камионите со кои ќе патуваат вакцините, со строга придружба на шерифските служби, до крајните дестинации.

„Со месеци подготвувавме стратегија со соодветните служби за ефикасна логистика на дистрибуција на вакцините и сега е време да се спроведе планот“, рече Вес Вилер, претседател на здравствениот оддел на „УПС“, голема компанија за курирски услуги.

Ледените пратки на „Фајзер“ содржат до 4.875 дози што ќе се превезуваат со камион од Каламазу до авионите. Работниците ќе ги товарат вакцините – кои мора да се чуваат на субарктичка температура – во авиони со кои ќе бидат транспортирани до централните магацини на курирските компании како што е гореспоменатиот „УПС“ (United Parcel Service) или „Федекс“.

Од овие централни магацини, вакцините ќе бидат дистрибуирани на 145 американски места кои ќе ги добијат првите дози. Возачите на „УПС“ и „Федекс“ треба да ги предадат првите „пратки“ на вакцини на здравствените служби во понеделник. А.Р.