Да се помага и да се биде хуман, во овие времиња, е многу  благородно. По тој повод разговараме со госпоѓица Васиа Трпеновска, претседателка на Лајонс клуб Скопје.
*Во Ваша професионална адреса, и на адреса на клубот кој го водите, минатата и оваа година се впишуваат низа хуманитарни активности. Би било убаво, во кратки црти, да позборуваме за нив. Но, кога се споменува Лајонс клуб многумина имаат претстава дека  станува збор за затворени организации, со привилегии за одредени луѓе или слоеви, но фактите говорат дека организацијата е отворена и помага колку може, на луѓе кои помош им е најнопходна. Како тие стапуваат во контакт со вас?
-Лајонс не е затворена организација, напротив Лајонс има мото кое гласи вака:
“Да бидеме глобални лидери во нашите заедници и да овозможиме хуманитарната служба”. 23 години помагаме, Македонија е цел дистрикт со над 40 клубови кои многу вешто знаат да се изорганизираат и помогнат онаму каде е потребно. Мислите како оние на кои им помагаме стапуваат во контакт со нас? Многу едноставно, прво имаме фб страница Лионс Дистриккт 132, потоа во редовна комуникација сме со сите дневни центри, Црвен крст, и други невладини организации во градот и пошироко, каде имаме и наши членови со чија помош се организираат донациите. Секој клуб си прави свои планови и проекти на кои работат во текот на целата лајонистичка година. Тука тимската работа е клучна, бидејќи ние сме волонтери. Ова го работиме од срце, затоа е успешно. 
*Во вашите редови имате стручњаци од повеќе области, доктори, економисти, бизнисмени, правници… Кој го има одлучувачкиот збор кога треба да се донесе одлука за некоја активност?
-Точно, имаме многу доктори во Лајонс. Знаете, за да бидеш доктор, треба да си хуман. А тоа е е принципот на нашата работа, хуманоста. Секоја професија има свој придонес во помошта на нашата заедница, сите несебично сме вклучени во исполнување на нашите цели. Ние не се препознаваме по тоа дали е некој доктор или бизнисмен, или некоја друга професија. Ние сме сите како една фамилија, и така функционираме.
Инаку одлучувачки збор имаат сите лајонси кога станува збор за некоја акција. Сите гласаме на состанок дали се согласуваме, кога е за убаво-сите секогаш сме За!
*”Служиме” е вашето мото. Под ова мото, какви активности превзедовте ова лето, додека трае ковид19- ситуацијата?
-Гордо ќе кажам дека Дистриктот не остана рамнодушен. Сите клубови од земјата се вклучија во помош. Од донација со комплети постелнина на Инфективна клиника почнувајќи од 24 март, ЛК Кавадарци Тиквеш исто така реализираше и хуманитарна активност со донирање на 100 заштитни визири на Стоматолошка комора на Македонија, наменета за докторите по стоматологија. ЛК Вардар и подари на Клиниката за инфективни болести течно средство за дизинфекција за апаратот што им е даден на користење додека не пристигне апаратот што го донира фирмата Биомедика, чиј претставник во Македонија е член на нашиот Клуб. ЛК Охрид Лихнидос обезбеди 200 пакети прехранбени продукти за граѓаните од најранливите категории, а дистрибуција одеше преку Црвениот крст, од Прилеп беа нарачани 3.000 медицински маски и 200 комплети медицинска облека (заштитни капи, штитници за стапала, заштитни одела) кои беа донирани во одделот за хирургија при Општа болница Охрид, заштитни визири, ракавици и маски, обезбедени од пријатели, добија неколку лекари, аптеки и маркети. Ангажирани биле и локални шивачки за изработка на памучни маски, кои секој ден ги донираат на вработените во маркетите, аптеките, на таксистите, пекарите, а следни за обезбедување се и полицијата и ЈП Комуналец. ЛК Охрид реализираше акција со донација на комплет заштитни одела и маски за одделението за хирургија во Специјалната болница за ортопедија и трауматилогија. ЛК Св.Пантелејмон испорача во домот за стари лица “Мајка Тереза” во Злокуќани алкохолен гел за раце, 40 кг концентрат средство за дезинфекција, 700 пара ракавици, 300 парчиња калјачи и  медицински капи, 25 визири и 250 престилки за тело.  ЛК Охрид Лихнидос реализираа и други акции во периодов кој измина. Едната е осветлувањето на вековната Горна Порта (март 2020), а другата осветлувањето на прекрасниот Плаошник (април 2020, Велигден). Им честитаме на овие прекрасни, значајни акции кои ја дополнуваат убавината и вредноста на нашиот бисер и град под заштита на УНЕСКО, Охрид.
*Прилично акции, навистина сте доста активни и организирани. 
-Вреди да ја споменам и донацијата во соработка со Рето, Нов Лајонс парк кај поликлиника Букурешт и гимназија Никола Карев, заедничка акција на 5 клубови од Д132, акција за три загрозени семејства со донација на Арт аква од Скопје и Рето. Потоа “Купи производ плус”- заедничка акција на клубовите од Д132, донација во обувки и гардероба на 10 семејства, традиционална соработка на ЛК Кале со слаткарница Њујорк, со донација подарок благи производи за децата од Дом за деца без родители “11 Октомври” во Скопје. Донација во храна за социјално загрозени семејства во населба Чаир, Скопје. ЛК Прилеп токму денес реализираа акција со донација на дигитални бесконтактни термометри, нараквици и маски за потребите на Итната стоматолошка служба во Прилеп. ЛК Скопје со донација на контејнер за облека, обувки, ташни – за деца и возрасни. Има многу други активности за кои ке ни треба цела книга хаха. Ова не е само мојот клуб, туку цела Македонија.
*Некои се запознаени со вашата работа, а за другите да објасниме дека всушност сте организација која доброволно  помага, со ваша волја и ваши прилози. Лајонсите, сметам, дека се грижливи луѓе, кои сакаат да споделат, сами собираат средства. Но, активностите на вашиот клуб “Лајонс Скопје” не се многу застапени во медумите, понекогаш само некоја скромна информација. Вие сте сепак личност која долго беше во медиумите, како водителка на А1. Сега кога сте од оваа страна на екранот, сметате дека нема потреба од поголема медиумска  застапеност?
– Да, не се многу застапени во медиумите. Некогаш кога новинарите ќе ја препознаат нашата хуманост ме покануваат на емисија да зборувам за нашите активности, или други членови од мојот клуб. Искрено, мене ми е огромно задоволство да ја промовирам хуманоста, бидејќи тоа е нешто што секој човек треба да го препознае и направи за свое добро и добро на оној на кој ќе помогне. Јас сум алтруист и хуманист многу години, но така сум родена веројатно, хаха. Тоа не се рекламира, не се добиваат тука маркетиншки поени. Кога помагаш, помагај од срце. Туѓата глад, сиромаштија не треба да е предмет на реклама некому. Или помагаш или не. Голем е бројот на несреќни лица на кои им е потребна помош. Ние сме едни од хероите во сенка, кои се тука, помагаат но не ги гледаш. Не се промовираме многу, ниту ни е потребна слава ниту маркетинг. Целта е да сме тука и да помагаме во општеството.
*Како се станува член, или барем доброволец за пружање некому  помош, вклучен во Вашата организација?
-Обично, треба да е препорачан од некој наш член, кој знае нешто за нашата работа, и што е најважно да е хуман, да сака тимски и волонтерски да работи во ваква организација, а не да бара некаква придобивка со тоа што ќе стане член. Таквите членови сами се гаснат. Инаку секој кој е заинтересиран, може да ни испрати инфо на фб: Лионс дистрицт 132 Мацедониа.
*Долги години живеевте во Америка, во Чикаго. Дали и таму ги имавте овие хуманитарни активности, може ли да споредиме како тие се одвиваат таму, бевте член?
-Не, член во Лајонс сум само во Македонија, во овој Дистрикт. Но, и во САД клубовите функционираат исто како ние овде.

Валентина Ѓоргиевска Парго