Македонските медиуми овие денови пишуваат дека Македонската Радио-Телевизија, како носител на лиценцата за учество на „Евровизија“ одлучи претставник и годинава да биде Васил Гарванлиев.

Тој се заблагодари преку својот фб-профил:
– Огромно благодарам до МРТВ која и понатаму верува во мене и ми ја дава одговорноста и можноста да бидам нашиот, македонски преставник годинава на „Евровизија“ во Ротердам. Верувам, ве сакам, ќе пеам за сите вас ама и вие да запеете со мене! Со душа чекам да ги споделам со вас нашите планови како македонски тим за „Евровизија 2021″.

Се радува што поред него ретко кој добива една, а не пак три шанси да го реализира својот животен сон. Во 2019 беше во придружни вокали на Тамара Тодевска во Ерусалим, а изминатата 2020 официјален македонски преставник, но поради пандемијата на коронавирусот „Евровизија“ лани не се одржа.

И годинава бојот на земји учеснички за „Евровизија 2021“ е ист како и за претходната, со 41 земја. Ќе има две полуфинални и една финална вечер, на 18, 20 и 22 мај во арената „Ахој“, во Ротердам, а повеќе од дваесет земји ги потврдија истите учесници селектирани од минатата година. ЕБУ подготви четири можни сценарија, кои ќе овозможат непречено одвивање на натпреварот дури и ако се неопходни промени во последен момент. Тоа може да подразбира одржување на шоу со примена на протоколи за социјална дистанца и лимитиран број на публика, интернационален прес и членови на делегациите. Без оглед на тоа дали ќе биде можно патување и присуство или не, на делегациите во мај во Ротердам, сите земји учеснички имаат обврска претходно да обезбедат снимка од настап во живо на својот претставник, кој во секој момент ќе им биде на располагање на организаторите за емитување.

МРТ пристапува кон избор на нова песна за Васил Гарванлиев и ги повикува сите заинтересирани страни да ги понудат своите музички проекти на следната е-маил адреса: eurosong.macedonia@gmail.com, најдоцна до 27-ти јануари 2021 година.
Демо снимката со максимално времетраење до 3 минути, според евровизиските пропозиции, треба да е квалитетно изработена, со разбирлива вокална и хармонска линија.

Јавниот повик е достапен на веб страницата на МРТ, преку следниот линк: http://mrt.com.mk/node/60250

Некои од пејачите реагираат дека тоа е кус период да правење песна.
Со среќа, Васил!

В.Ѓ.