Како што беше ветено од страна на МРТВ, на 11 март 2021 јавноста за прв пат ја слушна годинашната евровизиска песна што ќе ја испее Васил Гарванлиев. Васил беше избран и минатата година да не претставува, откако во 2019 беше во придружни вокали со Тамара, во Израел, но затекнати од светската пандемија, евровизискиот натпревар лани во својата класична смисла беше откажан, па нашиот претставникнемаше шанса да ја испее песната „You“ („Ти“) во живо.

Без избор и повторно по одлука на МРТВ Васил оваа година доби втора шанса  да ја претставува Македонија на Евросонг,  со  песната „Here I Stand“, со која ќе настапи на годинашната Евровизија во мај во Ротердам. Тој е автор на песната.

-Среде хаосот и разочарувањето минатата година, ја напишав ‘Here I Stand‘ во еден здив, без некоја специфична цел и фокус. Длабоко сум почестен што ќе имам можност да ја претставувам Македонија на Евровизија со песна инспирирана од моето лично искуство. Иако песната ги отсликува мене и мојата животна приказна, верувам дека ќе ги допре сите, односно ќе допре до сите нас кои сме поминале низ трнлив пат, сме воделе тешки битки и повторно на крајот сме ја зачувале насмевката“, вели Гарванлиев.

Закажана беше промоција, за денес, во хотел Парк, но и  покрај желбата да организираат промоција на евровизиската песна со присуство на новинари, со оглед на околностите во државата, воведувањето полициски час и зголем број на заразени од корона вирусот, организаторот, МРТВ, одлучи дека сепак е подобро да не организира собир на кои сите би се изложиле на евентуална опасност и зараза.

Така, песната беше промовирана во Дневник 1 на МТВ, во 17 часот и 30 минути, а од 18.00 часот песната со видео запис е  достапна онлајн на официјалната јутуб платформа на Eurovision Song Contest. https://www.youtube.com/user/Eurovision.

Васил со песната „Here I stand“, ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија во мај во Ротердам. Песната е работена според мелодија и текст на самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата  се задолжени  Борче Кузмановски и Давор Јордановски.

Фотографии: Мартин Трајановски