Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго

Да се биде копаничар, резбар, значи да се биде допрен од Бога со талент кој прави чудесни и трајни  дела, кои остануваат како арте факти и сведоштва со векови.

*Вие сте еден од најдобрите копаничари кај нас  со изработени доста интересни резбарски изработки. Со оглед на тоа дека вашата професија била сосема друга во МВР, а со овој уметнички занает сте почнале во 2001 година, како се случи Вашиот почеток?

-Почетните чекори во резбарството во далечната 2001 година, дојдоа сосема спонтано. “Виновник” за сето тоа беше мојот постар брат Веселин Поповски, кој во тој период веќе имаше неколкугодишно искуство во резбарството. Во 2001 година тој отиде во Австралија, во посета  на  нашиот помал брат Цане. Јас го искористив моментот на неговото отсуство, ги грабнав длетата, зедов еден мотив (ми изгледаше како лавиринт нанесен на ореовото парче) и така започна мојот уметнички пат во резбарството.

*Колку дела имате досега изработено? Со какви мотиви се претежно тие? Што ве мотивира и поттикнува?

-До овој момент имам изработено околу стотина дела, со различна содржина. Во нив провејуваат мотиви од флора, фауна и икони. Иако резбам со паузи, бидејќи  имам богат репертоар на обврски и други задолженија, како земјоделие, лозарство, хортикултурно уредување на паркот, сепак се трудам да бидам во кондиција со резбарството.

*Секој ден ли резбариш? Колку долго време се изработува една изработка?  Неизоставно е и прашањето за која цена може обично да се набави и како оди тоа, се нарачува или се купува  од она што резбарот има да го понуди?

-Колку време ми треба за израбока на едно дело, не можам да кажам со точност. Тоа зависи од многу моменти, околности, инспирација и таканатаму. Избраниот мотив си бара подготвителен период од моја страна како резбар. Има ситуации кога моменталното расположение ќе ме понесе кон задачата да се финализира мотивот, а тоа е најголемото задоволство на копаничарот. Што се однесува до побарувачката и продажбата на копаничарските дела, се работи за доста ценет труд и секој копаничар си формира цена според своите критериуми. Голем дел од моите изработки од срце сум ги подарил на драги луѓе, пријатели и тоа ми е најголемата сатисфакција. А она што како нарачка сум го изработил и продал, било по некоја симболична цена.

*Македонското резбарство е со долга традиција, од пред неколку века. Македонските копаничари биле славни и надалеку прочуени и барани. Треба ли да се чувствуваме како тоа да е уште едно вредно национално наследство во македонската традиција ?

-Македонското  резбарство има многу долга традиција со векови наназад. Многу врвни мајстори во резбарството дало ова македонско поднебје. Во  никој случај не смееме да ги заобиколиме имињата на мајсторите на својот занает како Гарката, Фрчкоски и многу други, кои зад себе оставиле уникатни дела достојни за секоја почит. Трасираните патеки во резбарството од овие врвни мајстори, протамајстори, ги користиме и сега во нашите изработки на делата. Македонското резбарство има своја специфичност во споредба со резбите од соседните држави, како Бугарија и Грција на пример. Во 1993 година се основа Здружението на копаничари на Македонија – ЗКМАК, со седиште во Битола, кое буквално ги негува традициите на старите мајстори. А негови основоположници се Злате Крстевски, Никола Прчков, Мирко Гашпарец и други ентузијасти на оваа уметност.

*Повеќе од десеттина години здружени и вмрежени сте во тоа здружение, на копаничари на Македонија, имате и колонии а оваа година,  бевте горди  на осветувањето на црквата Света Богородица во атарот на туристичкиот комплекс  Етно село во кумановско, за која вие сите  го изработивте иконостасот.

-Како што нагласив, ЗКМАК постои од 1993 година и секако дека и јас сум член на ова здружение со платена членарина. Целта на Здружението е прокламирање на оваа традиционална уметност, прибирање, зачленување на млади членови, како и организирање на изложби, колонии на кои целта е размена на искуства и пренесуање на истите на помладите членови.  Сон и чест на секој копаничар е изработка на иконостас. Таа чест ја имав во оваа 2020-та година, при изработката на иконостасот во туристичкиот комплекс “Етно Село” Тимчевски – Куманово. Да појаснам, последните неколку години здружението своите колонии ги организира во просториите на овој комплекс, сопственост на господинот Горан Тимчевски. За добродушноста на овој човек, за неговата почит кон Здружението, за неговите услуги, исхрана, сместување на членовите на колониите, едноставно немам зброви. Овој човек е добротвор-мецена. Денес е реткост да сретнеш таков човек. На колонијата одржана во 2019 година во просториите на “Етно Село” Куманово, претседателството на ЗКМАК донесе одлука да изработиме иконостас во црквата која во тој период беше во изгадба. И една година подоцна, поточно во септември 2020 година, никна иконостасот за црквата “Рождество на Пресвета Богородица” – Етно Село. Ова беше плод на вредните раце на десетина копаничари присутни на колонијата. Секој доби задача што да обработи и подготви, кој сегмент од иконстасот. После една година вложен труд, се роди едно прекрасно дело, кое ќе остане да го краси ова Божјо зданите засекогаш и за навек.

*Резбарството бара и талент и визија и трпение. Тоа е работа која не може да се работи без  речиси медитативна состојба на духот, а голема физичка и телесна  ангажираност . Како се учи тоа трпение, со годините или мора да биде во генот на копаничарот?

-Секако дека за изработка на вакви трудови треба многу трпение, смиреност и визија, а неизбежен е и талентот, дарбата и гените. Смиреноста при изработката ја наоѓам  во музиката – народната. Го вклучувам радио-приемникот, го исклучувам мозокот во “лер” и се концентрирам на обработката на делото. Верувајте, се случува да творам и по десетина часа на ден. Тоа се повторува при секоја моја творечка акција – кон дрвото.

* Интересна комбинација на  таленти и хоби поседувате. Вие сте бил  активен и како фудбалер но импресивен е податокот од Вашата  хуманата страна – речиси 90 пати крводарител. Станува збор за силна волја да се помогне на  човечки животи во пресуден момент.

-Мојот животен пат е како шаховска табла. Во животот се имам занимавано со фудбал 40 години активно, почнувајќи од моите млади години како осмоодделенец во далечната 1969 година, па се до моето пензионирање во 2010 година. Последените пет првенствени натпревари ги одиграв како пензионер, кога и ја звршив мојата богата долгогодишна фудбалска кариера.  И после пензионирањето во 2010 година моите активности на спортски план не престанаа. Сега спортувам  турнирски и на пријателски натпревари. На хуманитарен план сум бил доста активен. Додека бев во работен однос во редовите на МВР-СВР-Битола, бев 30 години претседател на крводарителите од СВР-Битола, а и три мандати бев член во ИО на Црвен Крст – Битола. Имам дарувано скоро 45 литри крв Б+ и се надевам дека имам помогнато некому со мојата драгоцена течност да му го спасам животот. Тоа е чисто хуман гест, не сакам посебно благодарам.

*Импресивни факти за Вашиот живот ни кажавте, секоја чест. За крај, пред да ни откриете што резбате во моментов, би се осврнала на вашата книга монографија за  Оптичари, вашето родно село. Сеопфатна, илустрирана, богата со содржина. Како ја создадовте? Потребно е доста истражување да за се дојде до такво монографско дело за едно од најпознатите села од битолско.

-Со активности на копаничарски план сум поактивен во зимскиот период, кога ми престануваат обврските кон другите домашни работи што претходно ги споменав. Моментално изготвувам “Цветна Табла” со чијашто изработка сум при крај, а наскоро имам во план изработка на икона “Св. Богородица”. Пред три години издадов монографски труд под наслов “Оптичари Монографија 1468- 2017 година”. За подготовка на овој материјал ми беа потребни 6,5 години труд и време за прибирање на податоци, нивна обработка и анализа. Инспирација за ова мое дело ми беше моето Оптичари, со посебен акцент на фудбалската историја на селото, кое не само на спортски план туку и на културно-уметнички план, беше едно од водечките села во пелагонискиот регион.

*Сосема за крај интересно е вашиот прекар Пикуло. Што открива тој?

-За крај, Васко Поповски – ПИКУЛО, како го добив овој прекар. Со заминувањето во средно училиште во Битола 1970/71 година, морав да живеам во стан под кирија. Бевме четворица цимери во иста соба, меѓу кои и мојот постар брат Веселин исто така копаничар, а воедно и претседател на ЗКМАК. Со нас живееше и нашиот прв братучед Васил Јовановски. Бидејќи бевме двајца Васковци, домаќинот чичко Киро кога ќе викнеше Васко !!! ние двајцата ќе се јавевме. За да се знае кој Васко се бара, чичко Киро донесе решение. Ме нарече ПИКОЛО, што на италијански значи мало. Јас Васко малиот, а мојот братучед Васко големиот – ГРАНДЕ. Од ден на ден, од ПИКОЛО станв ПИКУЛО, најверојатно за подобро изговарање при комуникацијата. Да ви кажам дека многу луѓе ме знаат како ПИКУЛО. Во еден момент на фудбалски натпревар, ми пријде еден повозрасен граѓанин и ме праша дали тоа ми е роденото име или прекар, зашто сите ми се обраќаа со ПИКУЛО. Не ме чуди ништо, бидејќи и во мојот дом кога комуницираме сопругата и браќата ме викаат ПИКУЛО. Дури и мојот татко додека беше жив ми се обраќаше така. Му благодарам на чичко Киро за “титулата”  ПИКУЛО.