Сашо Јанкоски - Градоначалник на Општина Вевчани фото ФБ
Вевчанскиот карневал, кој традиционално се одржува за Стара Нова година, годинава ќе се одбележи без концерти и официјална програма, за да се спречат масовни собири поради пандемијата со Ковид-19, соопшти денеска градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски.-Општина Вевчани се откажува од организирање на концертите на 12- ти и 13- ти јануари за да се спречи масовно собирање поради пандемијатата со Ковид-19. Но, ниту некогаш се мешала, ниту има право да се меша, а најмалку да ја одлага Свети Василија. Организацијата на поворките со Василичари е на Василичарските друштва Горно и Долно мало и тоа е нивно право, но и обврска – соопшти градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски.

Како што посочи градоначалникот Јанкоски, Општина Вевчани нема право да се меша во тоа дали ќе има поворки на василичарските друштва, меѓутоа ќе апелира да нема групно собирање, да нема посети на домовите, да се запазат мерките што ги налага Комисијата за заразни болести.

Вевчанскиот карневал чија традиција е стара околу 15 века, е настан за кој василичарите се подготвуваат цела година правејќи ги маските кои покрај традиционалните – на зетот и невестата, на музичарите, на Глупи август и на ѓаволите, измислуваат или прават маски кои со својата инвентивност и потретирање на секојдевниот политички и социјален живот кај нас и во светот го чини карневалот секогаш актуелен, масовен и привлечен за јавноста. А.Р.