Студеното време е добар изговор за да избегнете трчање секој ден, но новото истражување сугерира дека вежбањето на пониски температури согорува повеќе маснотии, барем кога станува збор за пократко вежбање со висок интензитет.

Една студија спроведена на 11 гојазни волонтери за „умерена кондиција“ открила дека оксидацијата на липидите, технички израз за согорување на маснотии, била трипати поголема кога вежбале на температура околу нула во споредба со вежбање во „топлински неутрална средина“ на околу 20 степени Целзиусови .

Сите волонтери на двете температури биле подложени на збир на стандардни вежби на интервален тренинг со висок интензитет (HIIT), односно вежбање во кое во пократки интервали се менуваат вежби со висок интензитет и релаксација, пренесува „Индекс.хр“.

„Ова е прва позната студија за истражување на влијанието на ниските температури врз акутниот метаболизам за време на интензивен интервален тренинг“, напишаа научниците од Универзитетот Лаурентијан во Канада.

Но, засега не е откриено дека вежбање на студ има подолготраен ефект врз забрзувањето на метаболизмот.

Со оглед на тоа што ова е студија спроведена на мал примерок од испитаници и со само неколку обуки за HIIT, рано е да се извлечат трајни заклучоци, но научниците се согласуваат дека ова е интересна почетна точка за истражување за тоа како температурата на околината може да влијае на согорување на калориите.

Одамна е познато дека интензивните интервални вежби, без оглед на температурата, се многу ефикасни во согорувањето на маснотиите, што е дел од нивната привлечност.

Бидејќи вежбањето е клучно во намалувањето на ризикот од дијабетес, кардиоваскуларни и голем број други болести, важно е да се знае што е можно повеќе за тоа што го прави вежбањето ефикасно и корисно, а што не, напишаа научниците.

Истражувањето е објавено во магазинот „Журнал за применета физиологија“(Јournal of Applied Physiology.). А.Н.