Британските пабови ќе мора да затвораат порано, а луѓето кои не ги почитуваат правилата за карантин ќе се соочат со високи казни според новите ограничувања за да се спречи растечкиот бран на нови зарази со коронавирус.

Британскиот премиер Борис Џонсон најави нови мерки денеска, еден ден откако највисоките британски медицински претставници го подигнаа националното ниво на тревога за КОВИД-19, велејќи дека вирусот е во општа циркулација и брзо се шири, пренесе АФП.

Други врвни медицински експерти исто така изјавија дека бројот на нови дневни инфекции во Велика Британија – 4.300 во понеделник – може да се искачи на 50.000 на ден во октомври, ако не се преземат итни мерки.

Кабинетот на премиерот соопшти дека од четврток, пабовите, баровите и другите угостителски објекти ќе бидат ограничени само на услуга на маса и ќе мора да затворат во 22 часот.

Џонсон денеска треба да го извести парламентот за состојбата со коронавирусот по состаноците меѓу неговиот кабинет и владиниот комитет за кризи. Тој исто така ќе и се обрати на нацијата преку телевизија за напорите за борба против вирусот.

Велика Британија постепено ги зголемува ограничувањата за тоа како што растат случаите на коронавирус, а на луѓето им е забрането да се собираат во големи групи. Но, мерките се далеку поблаги од заклучувањето на целата држава воведено во април, кое забележа ограничувања на движењето и затворање на повеќето фирми. Од јуни, тие мерки се олеснети кога почнаа да паѓаат случаите на инфекција, но тој тренд сега е обратен.

Во понеделникот, врвните здравствени власти од Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска ја зголемија тревогата за вирусот од три на четири, што е второ највисоко ниво. Тие рекоа дека случаите со КОВИД-19 бележат „брз и веројатно експоненцијален пораст“.

Во краткото телевизиско обраќање, главниот научен советник на британската влада Патрик Валанс и водечкиот лекар за одговор на КОВИД-19, Крис Вити, рекоа дека по малото зголемување на новите инфекции во текот на летото, бројот на нови случаи на КОВИД-19 сега се удвојува на секои седум дена. Тие рекоа дека новите инфекции може да се зголемат десеткратно на скоро 50.000 на ден следниот месец, ако ништо не се стори сега. Во други земји, таквото зголемување набрзо доведе до зголемување на смртноста, рече Вити. А.Р.