На МОТ вечерва од 18 часот е најавена изведбата на претставата „Полковникот птица“ која ќе се пренесува онлајн. Оваа изведба е на НУ Гостиварски театар – најновата театарска институција кај нас. Ова е нивна трета претстава, прва на македонски јазик.

Текстот „Полковникот птица“ од Христо Бојчев е неговиот најуспешен текст, напишан во 1997 година, кој ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе, кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош, која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа.
„Полковникот птица“ е претстава за различни луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови нешта треба да нѐ пленат сите. Нивната посветеност треба да нѐ учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата е да ги разбереме нив, и кога ќе ги разбереме, да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот.
Од 19 часот во Универзална сала пред публика ќе се прикаже „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ чија премиерна изведба е распродадена.

„Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ е ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).
„Универзална во пламен“ е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познат на скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши.
Билетите се строго ограничени и достапни само преку bileti.mkc.mk. Oнлајн претставите се бесплатни (со задолжително “подигнување” на билети), а билетите за претставите кои се играат во живо (во МКЦ и Универзална сала) изнесуваат 300 денари. В.Ѓ.