На вечерашното, прво полуфинале на Евровизија 2018, под реден број 11 ќе настапат македонските претставници „Ај кју“  со песната „Lost and found“. Во овие неколку евровизиски денови не се штедат комплименти за гласот и изгледот на вокалистката Марија Ивановска.

Веселата песна „Lost and found“ е дело на фронтменот Трајковски и аранжерот Дарко Димитров. Трите придружни вокали Дина Јашари, Антонија Гиговска и Валери Димовска, гитаристот и автор Бојан Трајковски и тапанарот Иво Митковски, ја придружуваат Марија на сцена. Марија ќе ја видиме во убав розов комплет, а при крај на песната преслечена во сиво боди со розови нијанси. Придружните вокали се во црна комбинација со розови декорации.

Нашите претставници во саботата навечер настапија на израелската забава, а во неделата навечер парадираа на синиот ќилим наменет за звездите на Евровизија, даваа интервјуа, се фотографираа, а вчера ги одржаа двете главни проби.

За првата полуфинална вечер на Евросонг се бара билет повеќе и тие изнесуваат од 50 евра нагоре. Многу од годинашните фаворити се натпреваруваат вечерва. Второто полуфинале е на 10 мај, а финалето на 12 мај. Инаку, за најголеми фаворити годинава важат Израел, Бугарија, Чешка, Естонија, Франција, Австрија… Евровизија 2018 се одржува во салата „Алтрис Арена“ во Лисабон,  под мотото „ All aboard“.