Издавачката куќа „Готен“ организира Вечер на балтичката литература – промоција на романот „Јелгава ’94“ од летонскиот писател Јанис Јоневс, и промоција на збирката раскази „Стакларница“ од полскиот писател Даниел Одија. Разговорот со авторите и промоцијата на книгите ќе се одржи во галеријата на Младинскиот културен центар, на 20 декември (четврток), со почеток во 20 часот. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.

„Стакларница“ од Даниел Одија и „Јелгава ’94“ од Јанис Јоневс се дел од двогодишниот проект на издавачката куќа „Готен“ насловен „Балтикот вирално преку литературата на Балканот“, проект кој опфаќа превод на 10 книги од еден од најмалку претставените европски региони во Република Македонија. Станува збор за две одлични книги од автори кои се едни од најинтересните книжевни гласови на полската и на летонската книжевност од поновата генерација.

Во „Стакларница“ Одија главно пишува за проблемите на младите луѓе од општествените маргини додека се борат со недостиг на работа и животни перспективи. Со користење специфичен јазик, сленг, необични идиоми, авторот создава галерија ликови кои често се изгубени, исклучени од пософистицираните општествени текови, приудени да се борат за својата основна егзистенција. За овие луѓе светот е еден вид опасна џунгла, каде што животот постојано е под некој вид закана. Преводот на книгата од полски јазик е на Филип Димевски.

„Јелгава ’94“ е култен роман за историјата на летонскиот метал од средината на 90-тите години. За овој роман, македонскиот писател Бранко Прља ќе каже: „Но, ова не е само книга за металци или за тие кои се заинтересирани за историјата на музиката туку и за секој што се интересира за една автентична, едноставна, непретенциозна и духовита приказна сместена во една постсоцијалистичка земја. За нејзината универзална вредност зборува и тоа дека по објавувањето книгата станала национален бестселер, ги добила наградите за дебитант на годината во Летонија и Европската награда за литература за 2014 година. Јанис Јоневс е вистински раскажувач! Дијалозите се мајсторски изведени, лесни и интересни и без сомнение ќе ве вовлечат во светот на авторот.“ Преводот на романот од англиски на македонски јазик е на Владимир Јанковски.

Објавувањето и промоцијата на книгите „Стакларница“ и „Јелгава ’94“  се поддржани од програмата Креативна Европа на Европската Унија.