Неопходно е да се вложи надчовечки напор да се ублажи пандемијата што убива толку многу луѓе ширум светот. Значењето на вештачката интелигенција е докажано многу пати во областа на медицината, а научниците работат на докажување на неговата употреба во пронајдокот на вакцината против КОВИД-19.

Оксфордската „Ексиентиа“ (Exscientia), првата компанија што на луѓето испробала лек откриен преку вештачка интелигенција, проучува 15.000 лекови од Институтот за истражување „Скрипс“ (Scripps) со седиште во Калифорнија, пишува „Би-Би-Си“.

И „Хелкс“ (Healx), компанија со седиште во Кембриџ основана од ко-основачот на Виагра, д-р Дејвид Браун, ја смени целта на системот за вештачка интелигенција развиен за откривање на лекови за ретки болести, на оваа специфична задача.

Системот е поделен на три дела – се изучува целата постојна литература поврзана со болеста, се изучуваат ДНК и структурата на вирусот, се дискутира за придобивките од постојните лекови. Одамна е познато дека развојот и откривањето на нов лек се многу бавни процеси.

„Јас се занимавам со ова 45 години и имам три лекови на пазарот“, вели д-р Браун. Но, вештачката интелигенција е многу побрза. Ни требаа неколку недели да ги собереме сите потребни информации и во последните неколку дена добиваме нови информации, така што засега имаме критична маса“, вели д-р Браун, додавајќи дека следната недела би можеле да имаат материјал за три нови методи.

Од „Хелкс“ се надеваат дека достапните информации до мај ќе бидат претворени во список на лекови за кандидати и веќе преговараат со лабораториите кои ќе ги претворат нивните претпоставки во клинички испитувања.

За оние кои работат во областа на откривање на лекови со помош на вештачка интелигенција, постојат две опции кога станува збор за коронавирусот – да се пронајде сосема нов лек, но исто така да се почека неколку години за да се прогласи за безбеден за употреба, а другиот е да се користат постојни лекови за друга цел.

Д-р Браун смета дека е малку веројатно дека еден лек ќе биде доволен за да го реши проблемот. За „Хелкс“, ова значи детална анализа на осум милиони можни парови и 10,5 милијарди тројни комбинации на лекови што произлегуваат од 4000 лекови веќе одобрени на пазарот.

Лековите што може брзо да се променат и да се користат за лекување на КОВИД-19 во САД, заеднички ги бараат лабораториите „Нортистерн Јунуверситис Барабаси лабс“,  универзитет „Харвард“, „Нетворк Сајанс институт“ и биотехнолошкиот старт-ап „Скифер медисин”.

Во нормални околности, ќе требало „една година документирање“ за да се започне со истражувањето, вели директорот на „Скифер медисин“, Алиф Салех.

„За работата завршена во изминатите три недели во вообичаени околности би ни требало половина година. Но, сите се фокусираа на овој проект затоа што ова е единствениот начин на кој може да се забрза“, објасни Салех.

Нивните истражувања досега покажаа изненадувачки резултати. Една е можноста вирусот да напаѓа мозочно ткиво, што може да објасни зошто некои луѓе го губат чувството за вкус или мирис. Друга можност е дека вирусот може да го нападне репродуктивниот систем и кај мажите и кај жените.

„Скиферс медисин“ комбинира вештачка интелигенција со нешто што се нарекува мрежна медицина – метод што ја набљудува болеста преку комплексни интеракции меѓу молекуларните компоненти.

„Фенотипот на болеста ретко се должи на грешка на еден ген или протеин сам по себе, затоа што природата не е толку едноставна, тоа е резултат на поврзани последици од мрежните интеракции помеѓу неколку протеини“, вели Салех.

Комбинацијата на мрежна медицина и вештачката интелигенција може да резултира во идентификација на 81-от потенцијален лек што може да придонесе за третман на новиот коронавирус.

Професорот Ара Дарзи, директор на Институтот за иновација на глобалното здравје при „Империал колеџ“ во Лондон, рече дека „вештачката интелигенција останува еден од најмоќните научни патишта што ќе обезбеди опипливи решенија“, но во исто време „има потреба од високо квалитетни основни податоци“.

„Донесувачите на одлуки треба, на глобално ниво, да ги убедат големите фармацевтски компании да ги здружат силите со помали компании, академици и добротворни истражувачки организации да ги соберат сите релевантни податоци на едно место“, рече професорот Дарзи.

„Никогаш досега не било толку важно за големите компании да ги откриваат податоците за лековите за вештачката интелигенција да може да придонесе и во борбата против КОВИД-19“, смета професорот. А.Н.