Kратометражниот игран филм „Види ја ти неа“ на режисерот Горан Столевски, кој ја освои наградата „Мала Камера 300“ на овогодинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, влезе во официјалната селекција на краток филм на 34. Филмски Фестивал во Санденс. Фестивалот ќе се одржи од 18 до 28 јануари 2018 година во Парк Сити, Јута, САД, а е во организација на Санденс институтот основан од страна на реноминираниот актер Роберт Редфорд. Овој фестивал има за цел да ја поврзе публиката со уметниците во креирањето на нови идеи, откривањето на оргинални изрази и градењето на заедница посветена на независниот филм.
Во Интернационалната компетиција на краток филм ќе се прикажат 17 филмови од целиот свет, меѓу кои и „Види ја ти неа.“
„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици. Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Пируника Киселички, Жарко Јовановиќ, Антонија Белазелкоска, Иво Антов, Виктор Арсов, Игор Ангелов, Симон Манасковски, Изабела Новотни, Милица Стојанова и Горан Илиќ.
Горан Столевски се потпишува и како сценарист на филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се  Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.Филмот е во продукција на Црна мачка продукција, копродукција со Скопје Филм Студио, а финансиски подржан од Агенцијата за филм на РМ.
Горан Столевски е млад режисер роден во Македонија, а има дипломирано на Виторијанскиот колеџ за уметности во Мелбурн. Живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. Досега има реализирано повеќе од дваесет кратки филмови, прикажани и наградувани на повеќе интернационални фестивали. Неговиот кратмометражен филм „Tи заслужуваш се“ беше прикажан на 64. Интернационален филмски фестивал во Мелбурн, Австралија, каде ја доби Наградата за најдобар режисер, „Слика на добра жена” влезе во потесна селекција на Канскиот филмски фестивал во 2008. Горан оваа година учествуваше во Талент Кампус во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин.