Од денеска, 19 ноември, до 31 декември во тек е најновата изложба на неуморниот уметник – миротворец Живко Поповски- Цветин по улица “Македонија”, насловена “Заедно по мироносната македонска цветна патека на мирот и пријателството”. 
Овој пат станува збор за виртуелна изложба, што подразбира, оние на кои Цветин им подарил цртеж со цвеќе во изминативе децении, во било кое време може да се фотографираат со цртежот по улица “Македонија”, и фотографијата да ја изложат преку социјалните меидуми, како уште една порака за мир од главниот град на нашата земја упатена до сите држави и нации.
Во услови на пандемија ова е единствен безбеден начин да се оствари изложбата, а да нема групирања, смета уметникот и наш амбасадор на мирот. Потоа сите фотографии ќе бидат презентирани на неговата страница на фејсбук.
Изложбата е отворена симболично со цртеж за новинарот Ѓорѓи Ѓоргиевски Ѓе. Ѓе, чија прва книга поезија “Македонијо, гордост моја” ќе биде промовирана токму на оваа цветна патека, на 19 декември, на денот кога се навршуваат 99 години од раѓањето на Блаже Конески. 
Во чест на овој настан Ѓоргиевски денес преку социјалните мрежи наизуст рецитираше и поезија од Конески.
Со цветна лента позираше и Лидија Анчевска  од книжарница “Култура”. 
Мироносна цветна патека на Цветин, наш поранешен нобеловски кандидат за мир, и рекордер во подарени цртежи со цвеќиња, овој пат со уште еден самоиницијативен но силен индивидуален искрен обид да се апелира за добрососедство, толеранција, успешна  дипломатија, мир, почитување и благосостојба на целата Земјина топка.
В.Ѓ. Парго