Вечерва, со почеток од 20 часот во МКЦ (Галерија 2) ќе се отвори изложбата „Вита“ од Филип Петковски.

Преку оваа изложба Петковски го критикува објективизирањето на женското тело и ги истражува женственоста и сложеноста на човечката емоција. Проектот вклучува краток филм во режија на Петковски, авторски фотографии на Жарко Чулиќ, како и снимки направени од непознати фотографи во првата половина на 20. век. Во проектот учествуваат Наталија Теодосиева, Ана Мојсовска, Слаѓана Вујошевиќ, Анастасија Данчевска, Мими Поп-Алексова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Долорес Поповиќ.

Филип Петковски е докторанд на Катедрата за светска уметност, култура и танц на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес, каде што е и асистент. Во Македонија има работено како кореограф, танцов инструктор и режисер на театарски претстави.

Изложбата ќе биде отворена до 1 ноември.

*Настанот ќе биде реализиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. В.Ѓ.